Свет
Финансиска проневера во „Маѓар телеком“ ја кочи поделбата на дивидендата
Унгарците и Владата не можат да се договорат колку пари ќе добијат од приходот на "Телеком"
Унгарците и Владата не можат да се договорат колку пари ќе добијат од приходот на "Телеком"
Прашањето за дивидендата ќе остане отворено се додека не заврши истрагата во една од компаниите-ќерки на „Маѓар телеком“
Владата се уште не знае колкава дивиденда ќе земе од минатогодишниот профит на "Македонски телекомуникации". Рокот за договарање околу поделбата на колачот од телекомуникациската компанија меѓу "Маѓар телеком" и Владата истекува до крајот на овој месец. Но, ова прашање ќе остане отворено с? додека не заврши истрагата која ја води "Маѓар телеком" околу проневерата на 3 милиони евра во една од компаниите-ќерки.
Парите се проневерени за консултантски услуги, но Унгарците засега не откриваат која нивна фирма ги злоупотребила средствата. Истрагата е во тек и дури откако ќе се утврди каде завршиле парите, ќе може да се усвојат конечните финансиски резултати за работењето на сите компании кои ги поседуваат Унгарците, кои треба, пак, да ги прифати Акционерското собрание на "Маѓар телеком".
Случувањата во централата на "Маѓар телеком" го одложуваат почетокот на преговорите меѓу Владата и Унгарците, бидејќи токму поради малверзациите не е усвоен и ревидираниот конечен извештај за работењето на "Македонски телекомуникации" за изминатата година. Одборот на директори утре ќе одржи седница, но дивидендата нема да се најде како точка на дневниот ред.
Според извори во Бордот, власта не може да почне да преговара за поделбата на ќарот од "Телеком" затоа што немаат основа, односно точни бројки за добивката. Оттука, не е исклучено воопшто Владата и "Маѓар телеком" да ја одложат седницата на Акционерското собрание, која законски треба да се закаже најдоцна до 31 мај, а на која треба да се одобри поделбата на дивидендата. Според нецелосните финансиски извештаи, лани фиксниот и мобилниот оператор заедно оствариле приход од околу 240 милиони евра.
И додека "Маѓар телеком" го тресе финансиска дубиоза и не може официјално да потврди колкав профит остварил, "Дојче телеком", кој е мнозински акционер на унгарската телекомуникациска компанија, вчера објави дека 2005 година е најдобра во историјата на ДТ. Приходот на "Дојче телеком" изминатата година се зголемил за 3,9 отсто и достигнал 59,6 милијарди евра. (В.Г.)
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Маж нападна полицаец со нож во Париз
Маж вооружен со нож, кој се обиде да нападне полицаец кај Триумфалната капија во Париз, беше ранет од неколку куршуми испукани кон него од друг припадник на безбедносните сили, објави агенцијата Франс прес, повикувајќи се на полициски извор.
Напаѓачот е однесен во болница. Полицијата е присутна кај Триумфалната капија, споменик во центарот на Париз во близина на Шанзелизе, за церемонија на палење факел на Гробот на непознатиот војник.
Националното обвинителство за борба против тероризмот објави дека го презема случајот.
фото/Depositphotos
Свет
Зеленски: Путин не е млад човек, нема многу време
Украинскиот претседател Володимир Зеленски верува дека само САД имаат моќ да ја принудат Русија да склучи мир.
„Да бидеме искрени, денес само Европа ѝ дава пари на Украина и ѝ помага. Само САД можат да го сопрат Путин“, изјави тој за POLITICO.
Сепак, Зеленски изрази загриженост дека Белата куќа можеби не ја разбира суштината на проблемот.
„Од она што го гледам, тие испраќаат повеќе сигнали дека Украина треба да направи компромис, а не Русија“, рече тој.
„Не мислам дека тоа е правилниот став. Секако, така е поедноставно“, додаде тој.
Осврнувајќи се на возраста на Владимир Путин, Зеленски забележа дека рускиот претседател, кој сега има 73 години, повеќе не е млад човек. „Тој нема многу време“, додаде украинскиот претседател. „Дај Боже да нема многу“, заклучи тој.
Свет
Украински министер: Не е реално војната да се заврши без Трамп
Украинскиот министер за надворешни работи, Андриј Сибиха, извести за напредокот на преговорите со Русија за прекин на инвазијата, истакнувајќи дека три од 20-те точки од мировниот план остануваат контроверзни. Тој потврди дека претходните две рунди разговори се одржаа во Абу Даби, а следната ќе се одржи следната недела во Женева.
Сибиха оцени дека преговорите „напредуваат“, пофалувајќи го лидерството на американскиот претседател Доналд Трамп. Тој експлицитно изјави дека „нереално е да се заврши оваа војна без Трамп“. И покрај ова, тој предупреди дека Русија не покажува „никакви знаци на подготвеност за сериозни преговори“.
„Паралелно, мора да продолжиме да вршиме притисок врз Русија и, мора да признаеме, сè уште имаме инструменти на влијание“, рече Сибиха.
Украинскиот министер откри дека сè уште има несогласување за три точки во мировниот план, кој содржи 20 точки. „Имаме изводливи предлози, па затоа во следната рунда навистина се надеваме дека нема да слушаме дополнителни историски предавања. Сега е време за акција, за дела и за конкретни, решителни чекори“, нагласи тој.
На неговите зборови се надоврза и францускиот министер за надворешни работи Жан-Ноел Баро, кој рече дека војната мора да заврши.
„Јасно е дека треба да ја запреме оваа војна, а со нашите сојузници и пријатели сè уште имаме механизми за да го постигнеме тоа“, рече тој.
Тој откри дека Франција и Обединетото Кралство „отишле многу далеку“ за да ги блокираат бродовите на руската „флота во сенка“, додека „користеле воени средства“.
Баро, исто така, ја нагласи важноста на претстојниот, 20-ти пакет санкции на Европската Унија, кој се очекува да биде усвоен на 24 февруари, на четвртата годишнина од почетокот на тоталната агресија. Тој, исто така, ја спомена улогата на таканаречената Коалиција на волјата во обезбедувањето идни безбедносни гаранции за Украина.
фото/Depositphotos

