Македонија
Даул: Неопходен е политички консензус во Македонија

Ниедна политичка партија, ниеден лидер, вклучително и тие во опозицијата, не смеат да ги злоупотребуваат европските институции за нивните лични политички цели пред домашната јавност, вели Жозеф Даул, член на Европскиот парламент, во својот коментар за неодамнешниот развој на настаните во Македонија
„Ниту една политичка партија, ниту еден лидер, вклучително и тие во опозицијата, не смеат да ги злоупотребуваат европските институции за нивните лични политички цели пред домашната јавност. Таквата политика е спротивна на европските аспирации на Македонија и може да го загрози целиот процес. Европските интеграции во минатото многу претрпеа поради ваквите политичари. Оттаму, го поздравувам враќањето на опозициските членови на Парламентот на нивната редовна работа.“, вели Даул во изјавата, нагласувајќи дека ЕПП го поддржува процесот на проширување во Југоисточна Европа и ги отфрла политичките напади врз нејзините водечки експерти, оценувајќи како крајно неприфатливи.Даул натаму вели дека во целост го поддржува повикот на пратеникот Бернд Поселт, експерт за Југоисточна Европа во ЕПП групата, дека „сите политички групи, без исклучок, мора да се концентрираат на интегрирањето во Европската Унија со цел овој процес да се престори во реалност“.
„ЕПП Групата е постојано посветена на стабилизирањето на Југоисточна Европа и се залага за интегрирање на регионот во европските структури. Ние, како највлијателна политичка сила во Европа, отсекогаш ги поддржуваме амбициите на поранешната Југословенска Република Македонија на нејзиниот пат кон Европската Унија. За време на мојата посета на Скопје во јуни, на средбите со Претседателот на Републиката и Премиерот, јас лично им ја изразив оваа поддршка, како и поддршката за нивната работа“, вели Жозеф Даул, член на Европскиот парламент и претседател на ЕПП која е најголемата политичка група во европарламентот во својот коментар за неодамнешниот развој на настаните во Република Македонија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Судир за српскиот капитал: ВЛЕН и ДУИ меѓусебно се обвинуваат

ВЛЕН и ДУИ, двете водечки политички субјекти од албанскиот блок во Македонија, се препукуваат поради наводно продирање на српски капитал и влијание во земјата.
Според соопштението на ВЛЕН, ДУИ одамна престанала да ги штити интересите на Албанците, откако, како што тврдат, дозволила влез на српски и црногорски компании во клучни економски сектори, вклучително и мобилната индустрија и казината.
„ДУИ го донесе ‘српскиот свет’ во срцето на земјата, го воведоа МТЕЛ, дозволија пенетрација на српските подземни структури и преку Бујар Османи работеа за Белград и против Косово“, се наведува во соопштението. ВЛЕН најавува дека ќе продолжи да ги брани евроатлантските вредности и националните интереси на Албанците.
ДУИ, пак, одговара дека ВЛЕН во изборната програма за 2024 година ветила основање на Албанска банка со доминантен албански капитал, како гаранција за економско зајакнување на Албанците и рамномерен регионален развој. ДУИ повторно нагласува дека државата не смее и не треба да дозволи банкарскиот сектор и стратешките институции да бидат преземени од дестабилизирачките интереси на Белград.
И двете партии со денови се обвинуваат една со друга за предавство на интересите на Албанците и за поддршка на т.н. „Српскиот свет“ во Македонија. Со оглед на предизборието, се очекува дека оваа тема ќе се најде во политичката дебата.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Целосна реконструкција и модернизација на пругата од Скопје до Кичево

Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ ги започна подготвителните активностите за целосна реконструкција на пругата, односно железничката линија од Скопје до Кичево, која е дел од Коридорот 8, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Покрај целосната реконструкција на постојната пруга, која сега е во многу лоша состојба, додаваат од партијата, работните активности опфаќаат целосна модернизација и нејзина електрификација.
„Во прва фаза, преку Европската Унија ќе се обезбеди грант од 5,3 милиони евра за физибилити студија, а носечка институција ќе биде Европската банка за обнова и развој (ЕБОР), која ќе избере консултант за изработка на студиите согласно највисоките европски стандарди.
По завршување и изработката на анализите, кои според највисоките европски стандарди траат 18 месеци, започнува втората фаза на изведување на работните активности на терен за целосна реконструкција, модернизација и електрификација на пругата.
Оваа инвестиција во железничката инфраструктура, освен економски придобивки за бизнисот ќе значи и подобро и поефикасно поврзување помеѓу главниот град Скопје и општините Јегуновце, Тетово, Гостивар и Кичево.
Овој проект уште еднаш ја потврдува посветеноста на Владата за унапредување на инфраструктурата и Македонија да ја направи центар на патни, енергетски и железнички коридори во регионот“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Македонија
Од шумскиот пат кон езерото, се води жестока битка за да се спречи ширењето на пожарот кај Јасен

Пожарот кај Јасен и натаму се заканува, откако во текот на ноќта започнал да се шири од шумскиот пат пред објектите на ловиштето кон ресторанот Козјак. Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Анеглов, изјави дека пред неколку дена патот бил внимателно исчистен од вегетација со блудожер и сега претставува појас кој спречува ширење на огнот.
„Се води жестока битка со огнот, но надлежните служби не дозволија пожарот да се префрли на спротивната страна. Денес продолжува оперативната акција, со чистење на гребенот до езерото за да се стопира ширењето на огнот. Истовремено се дејствува и од воздух“, изјави Ангелов.
Како што додаде, покрај овој пожар, има уште неколку, но тие се безопасни во споредба со она што се случува во Јасен. Ангелов најави повеќе информации околу 13 часот.