Свет
СДСМ ги дисциплинира пратениците

Неизвесно е дали ќе биде усвоен законот со кој се бара старите услови за пензионирање да важат уште две години бидејќи пратеничката група на СДСМ е поделена и се врши притисок врз пратениците да ги почитуваат партискиот и владиниот став да се отфрли предлогот.
Одложена расправата за законот за пензии
Неизвесно е дали ќе биде усвоен законот со кој се бара старите услови за пензионирање да важат уште две години бидејќи пратеничката група на СДСМ е поделена и се врши притисок врз пратениците да ги почитуваат партискиот и владиниот став да се отфрли предлогот. И покрај првичното расположение на пратениците да го поддржат предложениот закон, по жестоката собраниска расправа во петокот СДСМ издејствува седницата да се прекине и да се остави време да се разубедат сопартијците да не го гласаат законот. Според партиски извори, претседателството на СДСМ прексиноќа го потврдило ставот дека не треба да се поддржи законот и побарало пратениците да го почитуваат тоа.
Пратениците-потписници на предлогот велат дека нема шанси да се пишманат за да не излезат несериозни. Владата се изјасни против предлогот, бидејќи бил спротивен на реформскиот курс на државата.
Предлог-законот ги подели и пратениците на ЛДП и ДУИ.
На расправата имаше жестоки критики дека пратениците имаат морална обврска да го поддржат законот со кој граѓаните во идните две години ќе може да се пензионираат со 35 години стаж за жени и 40 години за мажи, бидејќи за себе си обезбедиле бенефицирани услови за пензионирање.
– Според нашите сознанија предлогот ќе помине. Нема потреба од дополнителни консултации бидејќи партискиот став е секој да гласа според своето убедување. Апсолутно немам намера да го сменам ставот. Ќе го поддржам законот, а тоа ќе го направат најмалку осум пратеници од ЛДП. Имам информации дека законот ќе го поддржат пратеници од сите парламентарни партии – вели Роза Топузовска-Каревска, координатор на ЛДП.
И Славица Грковска од СДСМ вели дека потписниците на предлогот од нејзината партија нема да го сменат ставот. И во пратеничката група на ДУИ вчера потврдија дека имаат поделени мислења за предлогот, но дека повеќето пратеници сметаат оти тој треба да помине.
– Лично сметам дека треба да го поддржиме законот бидејќи ќе обезбеди вработување на младите, а тие што го имаат стажот ќе може да заминат во пензија. Сепак пратениците ќе го почитуваат партискиот став кој дополнително ќе го утврдиме – вели координаторот на ДУИ Рафиз Алити.
Според најавите за законот позитивно ќе се изјаснат пратениците на ВМРО-ДПМНЕ, ВМРО-Народна и на ЛП. (М.Т.)
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Рејтингот на Трамп скокна по средбата со Путин

Рејтингот на американскиот претседател, Доналд Трамп, се зголеми по средбата со неговиот руски колега Владимир Путин, а повеќе од половина од американските гласачи (54 проценти) ги поддржуваат ефектите од неговата работа, според анкетата спроведена од американската агенција за истражување на јавното мислење Insider Advantage.
Се забележува дека 44 проценти немаат позитивно мислење за Трамп, додека два проценти се неодлучни, според веб-страницата на агенцијата.
Се додава дека Трамп е во водство меѓу сите возрасни групи освен меѓу најстарите гласачи.
„Ги подобри своите бројки меѓу Афроамериканците и Латиноамериканците. Белите гласачи се на речиси рекордни 64 проценти. Гласачите под 65 години сега со огромно мнозинство го одобруваат неговото работење. Генерално, поддршката за Трамп се зголемува по средбата со рускиот претседател – според анкетата.
Анкетата е спроведена од 15 до 17 август.
Свет
Трамп: Знам точно што правам, решив 6 војни за 6 месеци

Претседателот на САД, Доналд Трамп, се пофали со своите мировни достигнувања пред денешните потенцијално клучни разговори за Украина.
„Знам точно што правам“, рече Трамп.
За време на неговиот втор мандат, Трамп постојано се претставуваше како „главен миротворец“, нагласувајќи ја својата улога во решавањето на светските конфликти. Во нова објава на социјалните мрежи, тој повторно се осврна на начинот на кој медиумите ја следат неговата администрација:
„Решив 6 војни за 6 месеци, од кои една се закануваше со нуклеарна катастрофа, а сепак морам да читам и слушам „Волстрит џурнал“ и многу други кои навистина немаат поим, велејќи ми дека правам сè погрешно во врска со руско-украинскиот неред“, напиша Трамп.
Во објавата, тој повторно го обвини претседателот Џо Бајден дека ја започнал војната во Украина.
„Наречете ме како сакате – мајстор миротворец, реалист, личност што размислува сама за себе – но јас точно знам што правам. Решив 6 војни за 6 месеци, една од нив можеше да заврши со нуклеарна катастрофа. Сепак, морам да читам и слушам „Волстрит џурнал“ и многу други кои навистина немаат поим, велејќи ми дека правам сè погрешно во врска со руско-украинскиот неред. Ова се сите истите луѓе кои тврдеа дека Бајден знае што прави. Погледнете каде нè одведе! Да не беше Бајден, никогаш немаше да има војна каква што има.“
Свет
Кина: Се надеваме на договор за Украина што е прифатлив за сите страни

Кина денес изјави дека се надева на договор за Украина „прифатлив за сите страни“, пред состанокот во Белата куќа меѓу претседателот на Соединетите Американски Држави Доналд Трамп, украинскиот претседател Володимир Зеленски и неколку европски лидери.
Доналд Трамп изјави дека неговиот украински колега би можел речиси веднаш да ја заврши војната со Русија, исклучувајќи ја можноста Киев да ја врати контролата врз полуостровот Крим, кој Москва го анектираше во 2014 година, и да се приклучи кон НАТО. Украинскиот претседател прво ќе одржи приватни разговори со Трамп, почнувајќи во 19 часот по средноевропско време, а потоа ќе им се придружат и европските лидери.
„Се надеваме дека сите засегнати страни ќе учествуваат во мировните преговори навремено и што е можно поскоро ќе постигнат праведен, траен, обврзувачки и сеприфатлив мировен договор“, изјави Мао Нинг, портпаролка на кинеското Министерство за надворешни работи, на прес-конференција.
Заедно со Зеленски, во Белата куќа се очекуваат и францускиот претседател Емануел Макрон, германскиот канцелар Фридрих Мерц, италијанската премиерка Џорџа Мелони, британскиот премиер Кир Стармер и генералниот секретар на НАТО, Марк Руте. Самитот одржан пред три дена во Алјаска меѓу американскиот претседател и неговиот руски колега Владимир Путин не доведе до прекин на огнот.
Кога беше прашана за средбата меѓу Трамп и Путин, портпаролката Мао Нинг денес потврди дека Кина ги поддржува сите напори насочени кон мирно решавање на кризата. „Кина е задоволна што Русија и САД одржуваат контакт, ги подобруваат своите односи и промовираат политичко решение за украинската криза“, нагласи таа.