Македонија
Црквата на скиентологија во Клиарвотер шокирана од убиството на Лебедиќ
Застреланата Зорана Лебедиќ била посветена да им се најде на другите, вели Пат Харни, директорка за односи со јавност во разговорот со Гласот на Америка на македонски јазик.
Застреланата Зорана Лебедиќ била посветена да им се најде на другите, вели Пат Харни, директорка за односи со јавност во разговорот со Гласот на Америка на македонски јазик.
„Шокирани сме од неразумниот акт на насилство“, беа првите зборови на Харни, за убиството на Македонката Зорана Лебедиќ.
Во телефонскиот разговор со Гласот на Америка на македонски, Харни рече дека следбеници од сите делови на светот престојуваат на обука во Црквата. Таа ја опиша Зорана како личност посветена да им се најде на другите. Црквата помага на пријателите и семејството на Зорана во овие тешки моменти, кажа Харни.
Во верската организација не знаат што точно се случило, но укажуваат на извештајот од полицијата дека најверојатно станува збор за обид за грабеж врз Зорана, поврзан со друг што се случил во непосредна близина и кусо време пред тоа. Харни верува дека Зорана била случајна мета на напад.
Таа потврди дека Зорана била дел од Скиентологијата со години наназад и во Клиарвотер присуствувала на серија семинари. Не кажа која е точната бројка на следбеници во Македонија, но потврди дека ова верско размислување зема се` поголем замав.
Градот Клиарвотер не важи како место каде царува криминалот, иако тој е секогаш во пораст во тешки економски времиња, коментира Дана Клајн, почесната конзулка на Република Македонија во соседниот град Форт Лодердејл. Таа потсетува дека во Флорида владее висока стапка на невработеност. Вообичаено, криминалот е почест во југоисточниот дел на Флорида, вели Клајн, а најчесто се вмешани зависници од дрога во сиромашните квартови.
Црквата на скиентологија во САД со години привлекува бројни познати музичари, писатели, актери, со повик дека може да им помогне да бидат поуспешни во животот.
Меѓу познатите скиентолози се актерите Џон Траволта, Том Круз, Џулиет Луис, музичарот Чик Кориа и оперската певица Џулија Мигенес. /крај/voa/ач
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Од понеделник 50 автобуси се вклучуваат во јавниот превоз
Од понеделник 50 автобуси се вклучуваат во јавниот превоз, а до Нова Година уште дополнителни 20, најави градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски.
„На мое големо задоволство, денес остварив средба со приватните превозници. Со добра координација и заедничка волја, за помалку од 48 часа откако ја преземав функцијата градоначалник на градот Скопје, успеавме да постигнеме договор кој значи конкретен чекор напред, а тоа е дека веќе од понеделник 55 автобуси повторно ќе сообраќаат низ скопските улици“, рече Ѓорѓиевски.
Најави дека до Нова година во системот ќе бидат вклучени уште 20 автобуси, со што, како што кажа, јавниот превоз ќе биде целосно нормализиран.
Ѓорѓиевски, исто така, најави дека до март следната година, во соработка со Владата и Министерството за транспорт, ќе бидат обезбедени уште 80 нови автобуси.
Македонија
Сè повеќе случаи со лажни сообраќајки, охридската полиција со апел до граѓаните да не наседнуваат
СВР Охрид ја известува јавноста дека деновиве, повторно зачестија случаи кога, засега непознати лица, преку телефонски јавувања на нивните фиксни или мобилни телефони, се обидуваат да ги измамат граѓаните, претставувајќи се како полициски инспектори.
Притоа, тие им кажуваат дека членови на нивните семејства направиле сообраќајни незгоди и дека треба итно да дадат пари за наводна помош при понатамошната постапка за членот на нивното семејство да не оди во затвор и да биде ослободен од кривичен прогон.
„Aпелираме до граѓаните да не наседнуваат на ваквите телефонски јавувања и веднаш да ги пријават на телефонскиот број 112 или лично во најблиската полициска станица. СВР Охрид презема мерки за пронаоѓање на сторителите и целосно расветлување и документирање на ваквите пријавени настани“, велат од СВР Охрид.
Македонија
Митески го доби мандатот за градоначалник: Аеродром ќе добие значајни проекти, кои ќе го подобрат квалитетот на животот
Дејан Митески денеска го прими уверението и официјално ја презема функцијата градоначалник на Општина Аеродром.
„Од овој момент започнуваме со работа – посветено и искрено. Нема време за чекање! Ќе бидам градоначалник кој слуша и е достапен за сите. Во следниот период Аеродром ќе добие значајни проекти кои ќе го подобрат квалитетот на животот на сите жители – повеќе уреденост, зелени површини и подобра инфраструктура“, рече Митески.
Тој додаде дека Аеродром ќе биде општина за сите аеродромци – без разлика на партија, верување или припадност.

