Македонија
Опозицијата посочи на селективна борба против криминалот, Владата негира
Опозицијата на денешната седница за пратенички прашања ја обвини Владата дека е селективна во борбата против криминалот, за што премиерот Никола Груевски негираше и рече дека Владата води неселективна и ефикасна борба против криминалот и корупцијата.
Опозицијата на денешната седница за пратенички прашања ја обвини Владата дека е селективна во борбата против криминалот, за што премиерот Никола Груевски негираше и рече дека Владата води неселективна и ефикасна борба против криминалот и корупцијата. „Два случаја во Битола пред две недели го потврдија тоа. Дванаесет високи раководители од РЕК Битола се обвинети за криминал тежок седум милиони евра, направен во првата половина од 2008 година. Нелегално потпишувале документи и фактури, а за тоа не знаел нивниот шеф. И тие не се отстранети од работните места, ниту пак, се наоѓаат во притвор. Додека по битолските улици се бруеше за ова, два дена подоцна, млекарот Душко Илиевски беше спектакуларно уапсен, во ваш стил пред камери, со неговите најблиски заради див коноп на неговата нива. Дали не е селективно ваквото однесување?“, праша пратеничката Весна Бендевска од СДСМ. Според Бендевска Владата само покажува „мускули“ и лажна принципиелност во борбата против корупцијата и криминалот. Премиерот Груевски, одговарајќи на обвинувањата, рече самиот факт што се водат постапки и против членови на ВМРО-ДПМНЕ, покажува дека Владата води неселективна и ефикасна борба против криминалот и корупцијата секаде каде што истражните органи ќе најдат докази . „Во борбата против криминалот и корупцијата нема да нè сопре ниту една ваша реакција или обид за манипулација на состојбите, ниту, пак, тоа ќе биде селективно. Напротив, ќе се продолжи во ист правец, како и досега. Кој оди во притвор, а кој не оди, не одлучува ниту Владата, ниту премиерот, ниту министерот за внатрешни работи, туку тоа е одлука на судот и е независно од која партија е, етничка или верска припадност“, рече Груевски. Бендевска го праша премиерот зошто нема обвинение и за актуелниот министер за одбрана Зоран Коњановски, кој тогаш бил генерален директор на РЕК Битола, и дали се обидува да го амнестира од кривична одговорност. „Тоа е инсинуација. Ако за некој постои каков било доказ дека го прекршил законот, независно кој е, што е, на која функција, од која партија, етничка, верска, партиска припадност, кај нас нема разлика. Ова прашање можам да го разберам само од аспект на вашето постапување и вашата матрица на размислување. Вие веројатно така би постапувале“, рече Груевски. На прашањето за формирање комисија во Собранието која ќе разгледува ревизорски извештаи за трошењето на буџетот, премиерот Груевски рече дека нема против формирање на вакво тело и оти тој би го охрабрил создавањето на парламентарен механизам кој ќе ги разгледува извештаите. Опозицијата го праша премиерот дали Владата е подготвена да го исполни ветувањето од 2008 година и да го решат статусот на стечајците кои и денеска протестираа пред зградата на Собранието. Премиерот одговори дека тоа што било ветено пред две години во целост е исполнето, а дека сегашните протести се барања за обештетување луѓе кои ја загубиле работата во приватни фирми кои паднале во стечај. „Јасно и недвосмислено ветивме дека ќе донесеме закон, кој го донесовме, со кој сите стечајни работници кои имаат над 25 години работен стаж, а кои излегуваат од фирми кои во моментот на пропаѓање биле во доминантна државна сопственост, дека за нив ќе се обезбеди месечно обештетување од околу 6.000 денари до пензионирањето. Околу 4.000 стечајци од такви фирми или фабрики го остварија своето право“, рече Груевски . Премиерот рече дека парламентарниот состав од 2002-2006 година пред изборите донел одлука за барањето на стечајците, а дека тогашниот претседател Бранко Црвенковски одбил да ја потпише. „Потсетете се на тој момент пред да барате виновници за ова прашање и потсетете се на моментот во чие време на транзицијата овие фирми дојдоа на такво дереџе за да станат стечајни фирми. Тоа прашање треба да си го поставувате секогаш кога ја отворате оваа тема“, рече Груевски./крај/бд
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Грипот ја однесе првата жртва: почина 75-годишна жена
Вирусот на грипот ја однесе првата жртва оваа зима. Седумдесет и петгодишна жена починала пред три дена на Клиниката за инфективни болести. Пациентката имала повеќе коморбидитети и не била вакцинирана против грип.
Во моментов на Клиниката се хоспитализирани 25 пациенти со компликации од грип, oд кои повеќето се возрасни лица со хронични заболувања и невакцинирани од грип.
Директорката на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ), Марија Андоновска, пред неколку дена кажа дека пикот се очекува да биде во втората половина од овој месец и првата половина од февруари.
„Со враќањето на децата во училиште очекуваме дека и бројот на лица коишто ќе бидат заболени од грип или заболувања слични на грип може да биде зголемен“, рече Андоновска.
Институтот за јавно здравје препорачува оние коишто не се заболени да избегнуваат колку што е можно некакви собири или да престојуваат во простории или трговски центри каде што има голем број на луѓе, да избегнуваат контакт со веќе заболени лица или оние што ќе пројават некакви симптоми на кивање и кашлање. Често да се мијат раце со обичен сапун и вода, да се проветруваат просториите, да се почитуваат здрави животни навики – редовна хидратација со течности односно вода, лесна храна, витамини, минерали.
Македонија
Зајкова: Една изборна единица има смисла само со отворени листи
Претседателката на Либерално-демократската партија (ЛДП), Моника Зајкова, реагираше по одржаната лидерска средба во Клубот на пратеници, оценувајќи дека нејзиниот исход е „0 проценти економија и 100 проценти политика“.
„Очекуваниот исход од ‘лидерската’ средба е 0% економија и 100% политика. Една изборна единица има смисла само со отворени листи. Во спротивно, како и денес, само неколку мажи ќе продолжат да ја дефинираат судбината на Македонија, наместо граѓаните. Моќта и финансиите ќе останат кај нив, а за народот — трошки. Со отворени листи ќе има поодговорни народни избраници, а со тоа и повеќе пари за граѓаните“, напиша Зајкова на својот Фејсбук профил.
Од ЛДП посочуваат дека лидерската средба има смисла само доколку отвори суштински прашања што директно го засегаат животот и животниот стандард на граѓаните, а не доколку се сведе исклучиво на дилемата за укинување или задржување на техничката влада.
Во соопштението се наведува и дека, иако Зајкова е пратеничка и единствена жена-лидер на партија во Македонија, таа не добила покана за учество на средбата. Организаторите, како што се посочува, одлучиле да поканат само претставници на партии кои имаат пратенички групи во Собранието.
„Лидерските средби не треба да бидат поле за дневно-политички надмудрувања и покажување мускули, туку простор за носење решенија и одлуки што ќе придонесат за подобра иднина на сите граѓани“, наведуваат од Либерално-демократската партија.
Македонија
„Пирамид Билдинг Солушнс“ бара извинување по обвинувањата на СДСМ: Работиме повеќе од 15 години без ниту еден скандал
Компанијата Пирамид Билдинг Солушнс ДООЕЛ Скопје бара јавно извинување од Социјалдемократскиот сојуз на Македонија во рок од 24 часа, поради, како што наведува, јавни напади, клевети и тенденциозно пласирани информации изнесени од претставниците на оваа партија на прес-конференциите на Јон Фрчковски и Петар Огненовиќ.
Во однос на обвинувањата за склучени договори со општини под водство на ВМРО-ДПМНЕ, компанијата објаснува дека станува збор за селективно прикажување на факти со кое се создава искривена слика за нејзиното работење и се нанесува сериозна штета врз угледот, интегритетот и деловната репутација.
Оттука истакнуваат дека повеќе од 15 години успешно опстојуваат и работат на македонскиот пазар, без, како што наведуваат, ниту еден скандал, со доследно почитување на законите и процедурите и со континуиран раст базиран на квалитет и професионалност.
Во соопштението се додава и дека во јавните настапи на претставниците на СДСМ не бил спомнат клучен факт – дека токму во периодот на нивното владеење и раководење со институциите, компанијата добила значителен број договори за јавни набавки, кои биле целосно и успешно реализирани во согласност со законските прописи.
Како доказ за транспарентно и законско работење, компанијата доставува и табела со склучени и реализирани договори за јавни набавки по години и институции раководени од функционери на СДСМ.
„Апелираме бизнисот да се остави надвор од дневно-политичките пресметки и да не се користат инсинуации и неосновани обвинувања за политички цели“, се наведува во соопштението.
Од Пирамид Билдинг Солушнс порачуваат дека, доколку не добијат јавно извинување во наведениот рок, ќе бидат принудени да ги искористат сите расположливи правни механизми за заштита на своите права, углед и деловен интегритет.

