Регион
Вучиќ: Србија ја следи ситуацијата во Македонија

Владата на Србија со големо внимание ја следи ситуацијата на северот од Македонија, а граѓаните на Србија можат да бидат спокојни бидејќи засега нема причина за грижа и Србија ќе умее да ја заштити својата територија и да го одбрани мирот и стабилноста, изјави во саботата навечер премиерот Александар Вучиќ по повод судирите на македонската полиција и вооружена група во Куманово.
„Нашите граници се под целосна контрола на силите на Република Србија. Нема да дозволиме никакво загрозување на безбедносните сили на Србија“, изјави Вучиќ за медиумите пред почетокот на централната манифестација на одбележувањето на Денот на победата над фашизмот во белградскиот „Сава центар“.
Вучиќ изјави дека во Куманово живеат околу пет илјади Срби, како и дека неколку српски семејства и околу 400 Албанци побегнале во саботата на територија на Србија.
Српскиот премиер рече дека има информации за планови во саботата навечер да се организираа собири во југоисточно Косово и порача дека „во ваквата ситуација на секој обид за провокација на територијата на Србија државата решително ќе реагира“.
„Сакам да ги замолам сите да не ја злоупотребуваат желбата на Србија да ги сочува мирот и стабилноста и да не помислуваат дека може да го загрозуваат нашиот идентитет и суверенитет, бидејќи одговорот на Србија, ќе биде врз, решителен, силен и ефикасен, многу поефикасен отколку на некои други“, изјави Вучиќ и им порача на Албанците од Прешево и Бујановац, општини на југот од Србија каде се мнозинство дека „Србија е нивна татковина“ и дека ги третира како свои граѓани „еднакви како и сите други“.
Министерството за внатрешни работи испрати дополнителни полициски сили на македонското-српската раница, како и уште 450припадници на жандармеријата кои се распоредени во Копнената зона на безбедност (КЗБ) меѓу Србија и Косово.
Српската влада по повод судирот во Куманово и настаните во Македонија за недела закажа вонредна седница на бирото за координирање на безбедносните сили.
Српскиот шеф на дипломатијата и претседавач со Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ) Ивица Дачиќ најостро го осуди насилството во Македонија и во телефонскиот разговор со македонскиот министер за надворешни работи Никола Попоски оцени дека ситуацијата во Македонија е од витална важност за стабилноста на целиот регион./крај/мф/сн,
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Регион
Трета жртва од тешката сообраќајка во Сремска Митровица – почина за време на операцијата

Уште едно лице загинало по сообраќајната несреќа што се случи денес во Сремска Митровица, кога автобус се преврте и излета од патот. Ова е третата жртва на ужасната сообраќајна несреќа.
Како што објави „Н1“, лицето загинало за време на операцијата.
Како што претходно беше објавено, возачот на автобусот е приведен и во притвор до 48 часа.
Повредени се околу 80 лица. Причините за несреќата засега не се познати.
Регион
Вучиќ: Србија ќе се приклучи на развојот на руската вакцина против рак

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, изјави дека разговарал со Александар Кецман, директор на Институтот „Гамалеја“ во Москва, кој го информирал дека во Русија се развива вакцина против рак.
„Ми објаснија одредени работи. Имаме голем процент на заболени од рак. Оваа вакцина е поинаква, бидејќи им помага на веќе болните луѓе — не е превентивна. Може да биде успешна до 85 проценти,“ рече Вучиќ.
Тој додаде дека Србија ќе се вклучи во проектот веднаш штом Русија го дозволи тоа:
„Ќе подготвиме целосна инфраструктура за да бидеме спремни за два до три месеци. Не можеме уште да ја произведуваме, но ќе направиме сè за да бидеме подготвени.“
Вучиќ нагласи дека во Србија има повеќе случаи на малигни заболувања отколку во другите земји, што, според него, е поврзано со последиците од бомбардирањето во 1999 година.
Регион
Возачот на автобусот приведен по тешката несреќа кај Сремска Митровица: две жртви и 80 повредени

Возачот на автобусот кој денеска се преврте кај Сремска Митровица е приведен и му е одредено задржување до 48 часа, соопшти српското Министерство за внатрешни работи (МУП), пренесе „Н1“.
Во несреќата загинаа две лица, а околу 80 се повредени. 35 повредени лица се згрижени во Општата болница во Сремска Митровица, една личност е пренесена во Клиничкиот центар на Војводина, а уште една е во операциона сала. За останатите се врши дијагностика.
Автобусот на компанијата „Сирмиум бус“, кој превезувал работници од фирмата „Хелткеар“, излета од патот и се преврте на кров од засега непознати причини. Несреќата се случи околу 14:45 часот.
Полицијата го затвори патот и не дозволува пристап до местото на несреќата, а на лице место излезен е и јавен обвинител за да ја утврди причината за трагедијата.