Економија
Секој четврти работник сака да работи во странство

Земјите кои што сé уште се опоравуваат од глобалната рецесија може да станат “дух-градови” кога зборуваме за вработеноста во нив, со оглед на фактот што повеќе од четвртина од работниците се подготвени да се преселат во странство за да најдат подобра работа
Земјите кои што сé уште се опоравуваат од глобалната рецесија може да станат “дух-градови” кога зборуваме за вработеноста во нив, со оглед на фактот што повеќе од четвртина од работниците се подготвени да се преселат во странство за да најдат подобра работа стои во меѓународното истражување за вработените од GfK Custom Research.Прашањето беше поставено во 17 од 29 земји опфатени со големото меѓународно истражување и се воспостави дека повеќе од четвртина од испитаната работната сила (27 отсто) е подготвена да се пресели во некоја друга земја со цел да најде подобро вработување. Младите квалификувани вработени лица кај кои посебно се чувствува таа страст за патување и промена на работното место: две петтини (41 отсто) од работниците на возраст од 18-29 се согласни дека се подготвени да се преселат во друга земја за да најдат подобра работа, додека таа бројка е еден од тројца за дипломирани лица (32 отсто) и речиси еден од четворица за доктори на наука (37 отсто), споредбено со една петтина од вработените со завршено средно образование (22 отсто). “Нашите наоди покажуваат ризик на одлив на високообразовани кадри во годината што доаѓа, наметнувајќи суштински проблеми на компаниите и земјите што сакат да се опорават од рецесијата. Една четвртина од работниците што работат физичка работа и од службениците што имаат канцелариска работа се подготвени да бараат работа во странство, а таа бројка расте кај високообразованите работници. Пресудна беше третината од луѓето во R&D (дејностите за истражување и развој) кои што се спремни да бараат работа во странство- самите дејности кои што многу земји ги идентификуваа како клучни во опоравувањето”, вели Боге Божиновски од ГФК Скопје.Не се изненадувачки резултатите што покажуваат дека Централна и Јужна Америка се најпогодени од покриените пазари. Речиси 6 од 10 вработени во Мексико (57 отсто), половина од работната сила во Колумбија (52 отсто) и две петтини од вработените во Бразил и Перу (41 отсто, односно 38 отсто) се подготвени да ја минат границата во потрага по подобра кариера. Но трендот не е се однесува само на пазарите во развој. Други пазари коишто се на врвот од 17 земји во кои беше спроведено истражување за подготвеноста за емиграција за подобра работа се: Турција на 3-то место со 46 отсто, Унгарија на 7-мо место(33 отсто), потоа следат Русија (29 отсто) и 9-тото место го делат Португалија и Велика Британија со 27 отсто. Дури и САД и Канада – традиционално стереотипни земји поради нивната релативна незаинтересираност за живеење во странство се соочуваат со една петтина од нивните работници кои што велат дека се спремни да се преселат во друга земја за да најдат подобра работа, со 21 отсто, односно 20 отсто. /крај/пд
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Димитриеска-Кочоска: Законски иницијативи за унапредување и зајакнување на регулаторната рамка и зголемување на довербата на граѓаните во финансискиот систем

Министерството за финансии презеде повеќе законски иницијативи за унапредување и зајакнување на регулаторната рамка со цел зголемување на довербата на граѓаните во финансискиот систем и градење силни банки, кои се силен партнер во спроведување на политиките на Владата за поддршка на домашната економија. Ова го наведува министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска во новото издание на Е-билтен на Македонската банкарска асоцијација, објавен во април 2025 година.
„Законот за решавање банки е најзначаен чекор во овој сегмент, со кој се создава нова регулаторна рамка која ќе овозможи навремена интервенција во кредитни институции со проблеми и предуслови за одржување на финансиската стабилност и довербата на јавноста во банкарскиот сектор, со истовремено избегнување на значително негативно влијание врз финансискиот систем преку обезбедување континуитет на клучните функции на банката. Односно, заштита на депонентите и клиентите“, пишува министерката.
Таа додава дека Законот, чија примена се очекува во последниот квартал од годината, пропишува правила, постапки и инструменти за решавање банка, овластувања на Народната банка како орган за решавање банки, како и активности по започнувањето на постапката за решавање банка и дека на овој начин ќе се обезбеди спречување на несолвентност и намалување на негативните последици врз финансискиот систем.
Според министерката со инструментите за ефективно решавање банки што ќе се воведат, ќе се гарантира избегнување на користење средства од даночните обврзници за спасување на овие институции. Тоа, наведува, значи дека употребата на државни инструменти е ограничена и ќе може да се активираат само во исклучителни околности, по исцрпување на сите други опции. Од друга страна, појаснува, со воспоставување на Фондот за решавање банки, Народната банка ќе биде надлежна за управување со постапките и средствата во случаи на финансиски проблеми.
Законот значи воспоставување пазарна дисциплина и доверба во банкарскиот сектор, како и усогласување со европските стандарди, што е значаен чекор напред во унапредување на регулаторната и супервизорската рамка во нашата земја.
Во текстот најавува дека дополнително зајакнување на финансиската стабилност и зајакнување на целокупниот финансиски систем заради зголемување на сигурноста на банкарскиот сектор се очекува и со законската инцијатива за нов закон за банките. Целта на новото законско решение е да се постигне зајакнување на капацитетот на банките за адекватно управување со ризиците поврзани со нивните активности, како и за апсорбирање на потенцијалните загуби што можат да настанат во деловното работење, чија имплементација дополнително ќе го подигне нивото на квалитетен капитал на банките и ќе ја зајакне супервизијата.
Димитриеска-Кочоска подвлекува дека во сите овие активности важна и за истакнување е улогата на Народната банка, како и зајакнувањето на нејзината независност, што се овозможува со последните измени и дополнувања на Законот за Народната банка.
Министерката во објавениот текст ја истакнува важноста на банкарскиот сектор во спроведување на економските политики на Влада, напоменувајќи ги активностите кои се одвиваат во реализација на обезбедените 250 милиони евра поволни кредити за домашните компании.
Економија
За првпат објавен Извештајот за спроведување на макропрудентната политика на Народната банка

Народната банка го објави за првпат Извештајот за спроведувањето на макропрудентната политика, со кој се овозможува транспарентен увид во карактеристиките на преземените макропрудентни мерки, начинот на нивното одредување, како и ефектите од нив. Преземените макропрудентни мерки беа насочени кон исполнувањето на посредните цели на макропрудентната политика за зајакнување на отпорноста на банкарскиот систем и ограничување на структурните системски слабости, а преку тоа и исполнување на крајната цел за одржување на финансиската стабилност.
Целта на мерките насочени кон кредитокорисниците, коишто се применуваат од средината на 2023 година, беше намалување на ризикот од прекумерно преземање ризици од стрaна на банките и од појава на преголема задолженост кај физичките лица при поолабавени кредитни услови и следствено, намалување на веројатноста за остварување на ризиците при неповолни промени во општите економски услови. Мерките се состоеја од јасни правила за тоа колку може да се задолжи едно лице без да се загрози неговата финансиска стабилност, поврзувајќи ја висината на кредитот со висината на доходот на физичкото лице или со вредноста на станбениот простор којшто е заложен како обезбедување. Воведувањето на овие мерки имаше главно превентивен карактер, нивниот интензитет главно се вклопуваше во применетите кредитни политики и практики на банките, но тие го пренесоа сигналот на Народната банка дека треба барем да се задржат применетите критериуми при новото кредитирање на физичките лица.
Другата група мерки целат кон зајакнување на капиталната сила на банките и нивниот капацитет за справување со потенцијалните негативни ефекти од остварувањето на ризиците, а се состојaт од воведување дополнителни капитални барања, познати како заштитни слоеви на капиталот. Во периодот по воведувањето на заштитните слоеви на капиталот ‒ заштитниот слој на капиталот за системски значајните банки и заштитниот слој за зачувување на капиталот во 2017 година и противцикличниот заштитен слој на капиталот во 2023 година ‒ нивото на капиталот на банките е значително зголемено при што стапката на адекватност на капиталот е поголема за речиси 4 процентни поени, достигнувајќи едно од највисоките нивоа во изминативе две децении.
Макропрудентната политика, како клучна алатка за одржување на финансиската стабилност, беше институционализирана со измените на Законот за банките во 2016 година, a надлежноста на Народната банка како макропрудентен орган беше дополнително зајакната со Законот за финансиска стабилност од 2022 година и со измените на Законот за Народната банка во 2024 година, што овозможи проширување на спектарот на примена на макропрудентните инструменти за целите на одржувањето на финансиската стабилност. Со редовна анализа и можност за приспособување на инструментите, Народната банка и натаму ќе спроведува макропрудентна политика со која ќе овозможи одржување на стабилноста и сигурноста на банкарски систем, што е најважната претпоставка за финансиска стабилност и долгорочен економски раст, се наведува во соопштението на Народната банка.
Извештајот е достапен на следнава врска
Економија
УЈП: Фискалните каси да имаат точни адресни податоци и редовно да се одржуваат во овластени сервисери

Управата за јавни приходи ги потсетува даночните обврзници кои вршат промет на добра и услуги со готовински плаќања дека се должни за секое работно место каде што се врши прометот да воведат и користат фискален систем на опрема, задолжително да издаваат фискална сметка за секој извршен промет и редовно да ги одржуваат и сервисираат фискалните апарати во овластен сервисен центар.
„Адресните податоци внесени во фискалниот систем треба да бидат точни и да соодветствуваат со локацијата каде што се користи фискалната каса. Даночниот обврзник кој го користи фискалниот систем во одреден деловен објект не смее да го пренесува, користи или отуѓува фискалниот апарат во друг објект без претходна пријава во Управата за јавни приходи преку овластен сервисен центар“, се наведува во соопштението.
Управата за јавни приходи ги потсетува даночните обврзници, корисници на фискална опрема дека секоја промена или одјава на фискалниот систем мора да биде одобрена од страна на Управата за јавни приходи.
Исто така даночните обврзници кои престануваат да го користат фискалниот систем, било поради прекин на дејност или набавка на нова опрема (нов фискален апарат), должни се стариот да го одјават преку овластен сервисен центар во Управата за јавни приходи.
УЈП апелира даночните обврзници да ги почитуваат одредбите од законот и да бидат даночно усогласени.