Свет
Судењето на осомничениот во аферата WikiLeaks во јуни 2013-та

Судењето пред воениот суд на Бредли Менинг осомничен за доставување доверливи воени документи на интернет ресурсот WikiLeaks, може да биде одложено за јуни 2013 година, беше објавено во средата.
На вториот ден од сослушувањето кое се одвива во американската воена база Форт Мид во државата Мериленд, воената судијка Денис Линд го наведе датумот 3-ти јуни 2013 година за почеток на главното рочиште, за владата да има доволно време да ги набави сите документи.
Судијката изјави дека новиот датум за почетокот на судењето, првично закажано за 6-ти март, ќе биде одреден следната седмица. Новите сослушувања за случајот во кој како откривач на околу 250 илјади тајни документи во врска со војните во Ирак и Авганистан е обвинето Бредли Менинг, се предвидени за февруари и мај.
Портпаролот на движењето Мрежа за поддршка на Бредли Менинг предупреди дека тој веќе повеќе од три години се наоѓа во притвор.
Неговите адвокати се жалеа на условите под коишто Менинг бил затворен, коишто известувачот на Обединетите нации за тортура ги оцени како „свирепи, нехумани и деградирачки“, и бараа повлекување на сите обвиненија.
Дваесет ипетгодишниот Мениг американските воени власти го товарат за издавање доверливи документи на ресурсот WikiLeaks во периодот меѓу ноември 2009 и мај 2010 година, додека како разузнавачки аналитичар бил на служба во Ирак. Обвинет е по 22 точки од обвинението, а најоптоварувачката е за помагање на непријателот за што му се заканува доживотна затворска казна. Претставникот на обвинителството на сослушувањето соопшти дека нема намера да бара смртна казна.
Во вторникот судијката Линд се согласи да му ја намали можната казна за четири месеци, откако 9 месеци мина во притвор во „престроги“ услови од јули 2010 година во воениот затвор Квантико, во близина на Вашингтон.
Како што пишува Associated Press, причината за презакажувањето на судењето е потребата за повнимателно разгледување на случајот. Судењето на Менинг требаше да се одржи од 21-ви септември до 12-ти октомври минатата година, но потоа почетокот на сослушувањето беше презакажано за февруари и средината на март 2013 година.
Првпат по неговото апсење во мај 2010 година, 25-годишниот Менинг се појави пред судот на крајот на февруари 2012 година. Обвинетиот призна дека го разбира карактерот на обвиненијата против него. Одбрана претходно изјави дека Менинг на WikiLeaks му предал застарени информации, од кои најголем дел ѝ биле претходно познати на јавноста./крај/мф/сн
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Зеленски: Им веруваме на САД, веруваме дека претседателот Доналд Трамп сака да ја заврши војната

Им веруваме на САД, веруваме дека претседателот Доналд Трамп сака да ја заврши војната, изјави украинскиот претседател Володимир Зеленски на прес-конференција по средбата со американскиот шеф на државата во Белата куќа.
Зеленски ја опиша средбата со Трамп како продуктивна.
Украинскиот лидер одби да даде каква било изјава во врска со потенцијалната испорака на ракети „Томахавк“ од САД во Украина.
„Разговаравме и за ракети со долг дострел и нема да давам никакви изјави за ова прашање. Решивме да не зборуваме за ова бидејќи САД не сакаат ескалација“, објасни Зеленски.
Кога беше прашан дали има оптимизам во врска со добивањето на ракети „Томахавк“, Зеленски одговори дека гледа на работите реално. Украинскиот лидер го изрази своето мислење дека Русија се плаши од ракетите „Томахавк“ бидејќи знае што можат да постигнат со нив, во комбинација со другите системи за оружје на Украина.
Украинскиот претседател рече дека тој и Трамп разговарале за прашања поврзани со системите за воздушна одбрана. Зеленски посочи дека не разговарал со Трамп за украинските напади врз руските енергетски објекти.
Зеленски, исто така, рече дека по средбата со Трамп, разговарал со стратешките партнери на Украина.
Украинските медиуми објавија дека по средбата со Трамп, украинскиот претседател разговарал со европските лидери.
Регион
Тројца загинати и седум лица во тешка состојба по превртување на автобус кај Сремска Митровица

Состојбата на повредените во тешката сообраќајна несреќа што се случи кај Сремска Митровица, во која животот го загубија три лица, и понатаму е сериозна, изјави денеска директорот на Општата болница во Сремска Митровица, д-р Војислав Мирниќ.
„Хоспитализирани се 39 пациенти. Од нив, седум се со потешки повреди и се наоѓаат на одделенијата за интензивна нега, додека 15 пациенти се подготвени за отпуст,“ рече Мирниќ.
Тој прецизираше дека 13 пациенти од Одделението за општа хирургија и двајца од Одделението за ортопедија се во стабилна состојба и наскоро ќе бидат пуштени дома.
„Се врши дополнителна дијагностика за сите пациенти, а во наредните 48 часа очекуваме уште дел од нив да бидат подготвени за отпуст. Посетите во болницата се дозволени од 14 до 16 часот,“ додаде Мирниќ.
Во несреќата, која се случила на патот меѓу Сремска Митровица и селото Јарак, загинале три лица – две на самото место и едно во болница, од последици на тешките повреди.
Вкупно 61 патник бил прегледан во митровачката болница, а 39 лица биле задржани на лекување. Осуммина се на интензивна нега, дваесетмина на општа хирургија, а единаесетмина на ортопедија.
Еден пациент е префрлен во Ургентниот центар во Нови Сад, а друг во Белград на понатамошно лекување.
Автобусот на превозникот „Сирмиум бус“, кој превезувал работници, под засега непознати околности излетал од патот и се превртел. Возачот на автобусот, Д. К. (1955), е уапсен поради сомнение дека ја предизвикал несреќата во која загинаа три лица. Нему му е одредено задржување до 48 часа, по што ќе биде изведен пред надлежното обвинителство со кривична пријава.
Свет
Хамас објави дека ќе го предаде телото на еден од своите заложници

Милитантната група Хамас вчера објави дека ќе го предаде телото на еден од своите заложници, без да го открие неговиот идентитет.
Според соопштението, Црвениот крст ќе го преземе телото од Хамас и ќе го предаде на припадниците на израелските одбранбени сили во Газа, објавува „Тајмс оф Израел“.
После тоа, телото ќе биде испратено во израелскиот институт за судска медицина „Абу Кабир“ во Тел Авив за идентификација.