Македонија
Бучковски без коментар за наводите на Викиликс

Поранешниот македонски премиер Владо Бучковски денеска одби да ги коментира наводите во првите тајни депеши на американскиот Стејт Департмент испратени од Скопје, кои беа објавени на интернет платформата Викиликс.
Бучковски за Дојче веле рекол дека нема коментар на објавените информации на Викиликс, според кои тој на САД им ветил дека ќе молчи за апсењето на Либанецот со германско потекло Калид Ел Масри.
Поранешниот премиер Бучковски во текот на 2006 година, лично се залагал кај Трибуналот во Хаг за одлагање на враќањето на четирите случаи со наводни воени злосторства од конфликтот во 2001 година, покажуваат тајните депеши на американската амбасада во Скопје испратени до централата во Вашингтон, пренесува Дојче веле. /крај/дв/ст
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
„Ова ќе продолжи“ – Според Мицкоски зад пожарите стојат центри на моќ од земјата и од надвор

Премиерот Христијан Мицкоски денеска изјави дека пожарите кои во изминатиот период избувнуваат низ државата, меѓу кои и вчерашниот во магацинот за електронски отпад во Трубарево, не се случајни, туку се организирани од „центри на моќ“ во земјава и надвор од неа.
Мицкоски верува дека вакви подметнувања и диверзии ќе има и во периодот што следи, затоа што постојат центри на моќ во државата, но и надвор од неа, кои не сакаат оваа Влада да успее, но рече дека ќе се борат против тоа.
„Ова што се случуваше летото и што сега се случува ќе продолжи, затоа што некој има интерес ова да продолжи“, рече премиерот.
За рециклаторниот центар на „Ф-Групација“ кажа дека има лиценца за управување со отпад издадена во 2021 година со важност до 2031, но дека условите под кои работат ваквите објекти треба да се преиспитаат.
„Ако мене ме прашувате, тоа не се услови под кои треба да работат. Сите хибридни напади ќе ги таргетираат овие слаби страни,“ рече премиерот.
Во пожарот што вчера попладне зафати рециклаторен центар на „Ф-Групација“ во Трубарево, каде што бил складиран електронски отпад, батерии и акумулатори, повредени беа четири лица – жителка на Трубарево која и понатаму е хоспитализирана на Клиниката за токсикологија со симптоми на вртоглавица и кашлица, еден полицаец, припадник на АРМ и директорот на ЦУК, Мухамед Али. Тројцата се пуштени на домашно лекување, а сите се надвор од животна опасност.
Македонија
Учениците од училиштата во близина на Трубарево една недела ќе следат настава онлајн, кажа Алиу

Министерот за здравство, Азир Алиу, изјави дека основните училишта што се наоѓаат во непосредна близина на местото на пожарот во Трубарево ќе преминат на онлајн настава во траење од една недела.
За точката ќе се дискутира на денешната владина седница.
Мерката е препорачана со цел заштита на учениците и наставниот кадар од можни здравствени ризици по горењето на електронски отпад и пластика, а се работи за најблиските четири училлишта во околината.
Алиу појасни дека во реално време се следи квалитетот на воздухот преку повеќе мерни станици и дека бројките засега не покажуваат потреба за дополнителни ограничувања, иако на терен се чувствува миризба од чадот.
Македонија
ИЈЗ: Нема радиоактивни отстапувања по пожарот во Трубарево, граѓаните да ги почитуваат препораките

По пожарот во Трубарево, каде што гореше складиште за електронски отпад, директорката на Институтот за јавно здравје, Марија Андоновска, изјави дека ова е ситуација со која државата за првпат се соочува и повика таа да не се политизира и да не се создава паника.
Андоновска нагласи дека сите институции работат во рамките на своите надлежности и се координираат меѓусебно. Таа истакна дека Институтот издал општи препораки во согласност со меѓународните стандарди и дека нивното почитување, особено од страна на ранливите групи, може да помогне да нема здравствени последици.
„Како Институт сме обврзани да вршиме мониторинг на радијацијата и располагаме со современа опрема. Имаме 12 мерни станици кои во секунда покажуваат дали има отстапувања. Во моментов нема никакви отстапувања што се однесува до радиоактивност во воздухот“, изјави Андоновска.
Таа додаде дека ќе се вршат проверки и на почвата и водата, како и на алтернативните извори на вода што ги користат граѓаните. Појасни дека мерењето на квалитетот на воздухот не е во рамки на ИЈЗ, туку тие се задолжени за радиоактивност во воздухот и физички и хемиски својства во почвата и водата, а во тој дел нема отстапувања.
Апелира граѓаните внимателно да ги следат веќе дадените препораки.