Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Мотивите на СДСМ не се во грижата за граѓаните

Она што СДСМ денеска го промовираше како голема и досега невидена мерка, веќе се остваруваат во Скопје и во другите градови каде што градоначалникот е од редовите на ВМРО-ДПМНЕ
Она што СДСМ денеска го промовираше како голема и досега невидена мерка, веќе се остваруваат во Скопје и во другите градови каде што градоначалникот е од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, рече во вторникот на прес-конференција, градоначалникот на скопската општина Аеродром и воедно претседател на скопскиот градски комитет на владејачката партија, Ивица Коневски.„СДСМ предлага проекти кои веќе се спроведуваат. Ова е доказ дека СДСМ нема чуство за проблемите на граѓаните и воопшто не следат што реално се случува и реализира. Денешната прес конференција на СДСМ, за жал, не е мотивирана од вистинската грижа за социјалните случаи, туку од желбата за евтин политички маркетинг во пресрет на локалните избори. Искрено се надеваме и ги повикуваме во иднина оваа категорија на граѓани да не ја користат за дневно политички цели и маркетинг“, цени пред новинарите Ивица Коневски.„СДСМ доцни неколку години, бидејќи Градот Скопје и Битола. и многу други градови повеќе години ги субвенционираат и ослободуваат од давачки граѓаните, коишто се корисници на постојана парична помош, не само за плаќање на комунална такса, туку и при користење на вода од водоводните системи“, рече Коневски.Тој го посочи како пример скопското јавното претпријатие за комунална хигиена коешто ја спроведува одлуката за ослободување од плаќање надомест за фрлање смет на корисниците на постојана социјална помош, олеснување што го овозможува и Јавното претпријатие за водовод и канализација Скопје.„И во Битола јавното претпријатие за водовод на сите социјални случаи и лица со посебни потреби, им овозможува бесплатно користење на вода. Вакви слични активности спроведуваат многу други градови каде градоначалниците се од редовите на ВМРО-ДПМНЕ“, посочи Коневски.Тој потсети и дека ова не се единствените мерки што ги презема ВМРО-ДПМНЕ за семејствата кои се корисници на социјална помош, како што се бесплатната легализација на дивоизградените објекти, отворање на СОС продавници, реализирање план за енергетска сиромаштија со кој семејствата приматели на социјална помош добиваат субвенција за плаќање на електричната енергија, бесплатното образование за членовите на овие семејства е бесплатно итн./крај/мф/сн
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Истрага за убиството во Штип: 21-годишникот купил пиштол во Скопје и со умисла лишил од живот едно лице

Основното јавно обвинителство Штип донесе Наредба за спроведување истражна постапка против вкупно 5 лица, од кои првоосомничениот како директен извршител на кривично дело – Убиство од член 123 став 2 точка 4, како и Неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје или експлозивни материи од член 396 став 1 од Кривичниот законик. Останатите четворица се осомничени за – Помагање на сторителот по извршено кривично дело од член 365 став 3 во врска со став 1 од Кривичниот законик.
Сите осомничени се турски државјани, од кои тројца имале пријавено престојувалиште во Штип, додека извршителот на убиството и еден од помагачите биле без пријавен престој во државава.
Постои осовано сомнение дека првоосомничениот 21-годишник, на почетокот на месецов во Скопје, од непознато лице за сума од 1.100 евра купил пиштол со калибар од 9мм, со избришани податоци за модел и сериски број.
Потоа со тој пиштол, на 8 мај во вечерните часови, во кафе-бар во Штип, со умисла и од безобѕирна одмазда лишил од живот едно лице, исто така турски државјанин со престој во Штип.
Преку мобилни апликации се договориле со жртвата да се сретнат за наводно да ги надминат долготрајните недоразбирања меѓу нив. Но, по 15-минутен разговор во угостителскиот објект, осомничениот влегол во тоалетот и веднаш излегол, па на вратата која го дели отворениот од затворениот дел од кафулето го извадил пиштолот и испукал неколку куршуми во правец на оштетениот, нанесувајќи му повеќе огнострелни повреди од кои подоцна починал.
Истата вечер, останатите четворица осомничени – тројца мажи и една жена, сите на возраст од 22 до 28 години, му помогнале на сторителот по извршеното кривично дело за кое е запретена казна доживотен затвор.
На точно неутврдена локација во Штип го качиле во автомобил БМВ со кој управувала осомничената девојка и сите заедно се упатиле кон Скопје. Кај наплатната станица Миладиновци на автопатот Штип-Скопје биле пресретнати и запрени од полициска патрола и се дале во бегство, но биле уапсени.
Јавниот обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот суд во Штип достави предлог за определување мерка притвор за осомничените.
Македонија
Нема подолги задржувања за влез и излез од државата

Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по претежно суви коловози, извести АМСМ.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Променливо облачно со сончеви периоди, попладне со појава на нестабилност и краткотраен пороен дожд

Времето денеска, променливо облачно со сончеви периоди.
Ќе дува умерен до засилен ветер од северен правец.
Попладне ќе има локална појава на нестабилност со краткотраен пороен дожд и ретки грмежи. Минималната температура ќе биде во интервал од 7 до 13, а максималната ќе достигне од 17 до 24 степени.
Во Скопје, променливо облачно со сончеви периоди.
Ќе дува умерен, во делови од котлината повремено засилен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 11, а максималната ќе достигне до 24 степени.
ВРЕМЕТО ВО НАРЕДНИТЕ ДЕНОВИ
Во следните денови времето ќе биде променливо облачно и посвежо со повремен локален дожд. Во недела и во понеделник наместа ќе биде нестабилно со пороен дожд, грмежи и засилен ветер.