Македонија
„Зелените“ не прифаќаат ново вештачење за Велес

Зелената коалиција не прифаќа да се прави повторно вештачење на почвата на територијата на општина Велес оти смета дека досегашните вештачења,студии и анализи за загаденоста се доволни судот да донесе конечна одлука по тужбата против државата
Екологистите одбиваат да платат 50 илјади евра, што Технолошко-металуршкиот факултет од Скопје ги побара за вештачење на почвата по барање на судот. „Ние како тужители сметаме дека имаме релевантни докази со коишто можеме да докажеме дека состојбата со загадувањето на Велес е катастрофална. Доколку правобранителството не ги признава тие докази, тогаш може да плати некоја релевантна институција да го направи вештачењето. За нас студијата што е добитник на државна награда „Гоце Делчев“ за наука пред две години е релевантен доказ за тоа што се случуваше и се’ уште се случува во Велес“, рече др. Ненад Коциќ. „Зелената коалиција со консензус донесе одлука на 28 април да не прифаќа дополнително вештачење чиишто пари повторно ќе одат за четири- пет докторанти кои ќе докторираат на велешката мака“, рече Игор Смилев од Зелена коалиција. Екологистите сметаат дека нема потреба да се изложуваат на дополнителни трошоци бидејќи последната анализа на почвата во велешкиот Градски парк, што е направена во септември минатата година ја потврдува загаденоста со олово, цинк и кадмиум, кои ги надминуваат критичните граници. „Доколку судот донесе одлука во наша полза, ќе бидеме задоволни оти државата ќе биде судски принудена да ги спроведе оние барања што ги имаме наведено во тужбата, а бараме нешто многу логично, санирање на состојбата. Во спротивно правдата ќе ја бараме пред меѓународните судови, рече Коциќ. За велешките екологисти 50 илјади евра се безобразно многу пари. Според нив, вештачењето можело да се направи за трипати помала сума. Велат и дека факултетот ја доставило сметката, иако се’ уште не биле утврдени границите на парцелите кои биле предмет на вештачење.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Коњановски потрошил милиони без ниту еден капитален проект, рече Куновски од СДСМ

Кандидатот за градоначалник на Битола од редовите на СДСМ, Методија Куновски, на денешната прес-конференција изјави дека доаѓа крајот на, како што ја нарече, „четиригодишната ера на разочарувања и промашувања на актуелниот градоначалник Тони Коњановски“.
„Битола заслужува градоначалник кој нема да работи за тебе, за мене, за мала група луѓе или за партијата, туку за сите граѓани. Човекот мора да биде пред сè“, рече Куновски.
Тој го обвини Коњановски за недомаќинско и хаотично работење, со бројни раскопани и нефункционални улици, долгови на јавните претпријатија и нереализирани капитални проекти.
„Јавните претпријатија се во долг од над 3 милиони евра, а ниту една нова машина не е набавена. Укинати се бесплатните 15 минути паркинг, а нови паркинг-места нема. Наместо спортски комплекс, нови кружни текови или училишта, добивме импровизиран кружен тек кај Стрелиште и сообраќаен хаос“, нагласи Куновски.
Кандидатот од СДСМ истакна и дека сметките на училиштата должат скоро 50 милиони денари, а некои објекти се затворени поради прокиснување на крововите.
„Жителите на повисоките делови од Битола секој втор ден немаат вода, а цената за водоснабдување е зголемена. Градинки нема за Бистрица и околните села, а градот е преполн со бездомни кучиња“, додаде тој.
Куновски го обвини Коњановски и за расфрлање со јавни пари.
„Немаше средства за ранливите категории семејства, а потроши повеќе од 4 милиони денари за кафеани и 10 милиони денари за нови возила од фирма блиска на министерот за надворешни работи“, рече Куновски.
Во своето обраќање тој порача дека битолчани ќе стават крај на ваквото владеење.
„После четири години застој и скандали, Битола ќе избере одговорна, отчетна и транспарентна локална власт“, заклучи Куновски.
Скопје
Османи: Чаир ќе стане центар на технологија, култура и младински идеи

Кандидатот за градоначалник на Чаир, Бујар Османи, на средба со младите од општината ја претстави својата визија за „Новиот Чаир“, посветена на урбана преродба и создавање општина на иднината.
„Не можете да дизајнирате визија за Чаир без да ги вклучите младите кои сочинуваат речиси половина од населението. Тие се нашата најголема сила и највреден капитал“, истакна Османи.
Во рамки на својата програма, тој најави изградба на мултифункционален центар на плоштадот „Скендербег“, кој ќе вклучува дигитална и иновациска лабораторија, современа библиотека и културен центар за младинските уметнички и музички групи.
Според него, овој комплекс ќе биде „срцето на визијата за Новиот Чаир и симбол на урбаната преродба на општината“.
Програмата предвидува и општински стипендии за најдобрите студенти, создавање Фонд за иновации, како и Младински совет на Чаир, кој ќе управува со 5% од општинскиот буџет. Преку проектот „Таленти на Чаир“ најдобрите студенти ќе добијат можност за директно вработување во општинската администрација.
Османи вети и подобрување на јавните простори преку реновирање на парковите, воведување бесплатен интернет во јавните зони и организирање бесплатни обуки за дигитални вештини, програмирање и користење вештачка интелигенција.
„Чаир сакаме да го претвориме во центар на технологијата. Ако половина од жителите се млади, тогаш мораме да го искористиме овој капитал и да изградиме општина на иднината“, порача Османи.
Македонија
329 медиуми ќе им бидат на располагање на кандидатите за рекламирање

На претстојните локални избори, кандидатите ќе можат да се рекламираат на вкупно 329 медиуми во земјата, потврди Државната изборна комисија (ДИК).
Од пристигнатите 352 барања за упис во регистарот на радиодифузери, печатени медиуми, електронски медиуми и интернет портали, позитивен одговор добија 33 телевизии, 42 радиостаници, осум печатени медиуми и 246 интернет портали.
„Барањата на 22 правни лица, две телевизии, пет радиостаници, еден печатен медиум и 15 интернет портали, беа отфрлени како неуредни или ненавремено доставени. Дополнително, два ценовници беа доставени без соодветно барање и истите се отфрлени“, изјави членот на ДИК, Светлана Карапетрова, на 131 седница.
Во ДИК се доставени вкупно 399 ценовници за платено политичко рекламирање. Буџетот за локалните избори во 2025 година изнесува 9,76 милиони евра, од кои две третини се наменети токму за медиумите и политичките реклами.
Првиот круг на локалните избори ќе се одржи на 19 октомври, а вториот круг на 2 ноември. Граѓаните ќе избираат градоначалници и советници во 80 општини и во Град Скопје.