Свет
Пустош на железничката линијa Скопје-Кичево
Од пругата Скопје-Кичево, на која не поминал воз веќе четири години, е украден и оштетен имот вреден 500.000 евра, дознава “Дневник”.
По возот ја снема и пругата
Од пругата Скопје-Кичево, на која не поминал воз веќе четири години, е украден и оштетен имот вреден 500.000 евра, дознава “Дневник”. Никој од Јавното претпријатие “Македонски железници” досега не е повикан на одговорност поради уништувањето на пругата, каде што каблите за сигнализација и телекомуникација се целосно неупотребливи, а шините се запуштени и обраснати со шуми.
Пругата Кичево-Скопје пред воениот конфликт во 2001 година беше една од најфреквентните во земјава. Голем број патници од западниот дел на земјава, поради евтиниот билет, со воз одеа на работа во Скопје, Тетово, Јегуновце.
Министерството за транспорт побарало Владата од буџетот за 2006 година да одвои половина милион евра за обновување на пругата до Кичево и таа да биде третирана како приоритетен проект.
– Железницата нема пари да ја обнови пругата, а не може да земе ни кредити за таа намена бидејќи јавното претпријатие е веќе задолжено до гуша. Уште нема решение за долгот од 135 милиони евра иако тоа треба да се најде пред поделбата на Железницата на две претпријатија – велат во Министерството за транспорт.
Возот до Кичево не сообраќа од 2001 година. Во 2002, тогашните министри за внатрешни и за надворешни работи, Љубе Бошковски и Слободан Чашуле, симболично пропатуваа со “возот на мирот”, најавувајќи нормализирање на железничкиот сообраќај во Полошкиот регион.
– Оттогаш пругата низ Полог ја поминаа само десетина воза. Повеќе од три години нема патници на станиците – велат вработени во железницата. Тие сметаат дека иницијативата за враќање на возовите е оправдана и има економска логика бидејќи превозот е поевтин. На оваа пруга, кога била во функција, дневно минувале пет до шест патнички воза.
Владата неодамна го одби проектот на шпанската компанија “ББ Реил” за модернизација и електрификација на железничката пруга од Скопје до Кичево, вреден 36 милиони евра. Високата цена за поправка на пругата се должи на обврската да се почитуваат меѓународните стандарди за поголема безбедност на патниците и за побрзо сообраќање на патничките возови.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Руте по разговорите со Трамп: Безбедноста на Арктикот во фокусот
Главниот секретар на НАТО, Марк Руте, изјави во четвртокот дека за време на неговата средба со Доналд Трамп во Давос воопшто не било спомнато американско сопствеништво над Гренланд и дека новата позиција на американскиот претседател не ја смета за пресврт, пренесе Си-Ен-Ен. „Не разговаравме за тоа“, рече Руте во интервју за Скај њуз во четвртокот. „Синоќа не беше спомнато.“
„Она што можам да го кажам е дека разговаравме за неговата идеја, неговата визија“, рече Руте, појаснувајќи дека тој и Трамп се фокусирале на тоа како НАТО може „да го спаси Арктикот од Русите и Кинезите“.
По средбата со Руте во средата, Трамп на социјалната мрежа Трут соушл објави дека се откажува од претходната закана за воведување царини за европските земји поради наводното попречување на американското преземање на Гренланд.
На прашањето на Скај њуз дали вознемиреноста предизвикана од коментарите на Трамп за Гренланд претставувала пречка за сојузниците во НАТО, Руте не се согласи и дури му припиша заслуги на Трамп за „спасувањето на НАТО“.
„Мислам дека е во право што ја покрена оваа расправа“, рече Руте. „Како можеме да го заштитиме Арктикот? Како можеме да обезбедиме Арктикот да биде безбеден? И би рекол дека, откако го спаси НАТО, тој сега е тој што ги предводи напорите за да се осигураме дека колективно ќе го спасиме арктичкиот регион.“
Свет
Шпанскиот министер повика на создавање единствена европска армија
Шпанскиот министер за надворешни работи, Хозе Мануел Албарес, изјави дека Европа треба да има своја армија.
„Мислам дека е време Европа да ја земе својата судбина и својот суверенитет во свои раце“, изјави Албарес на маргините на Светскиот економски форум.
Тој објасни дека ова значи отстранување на сите бариери за единствениот пазар и обезбедување сигурни трговски партнери во време на сè почести дискусии за царините. Тој додаде дека Европа мора да има и своја одбрана – да ја земе безбедноста во свои раце, да ги поврзе одбранбените индустрии и да се движи кон создавање европска армија.
Свет
Спречен напад врз приватниот авион на германскиот канцелар Фридрих Мерц
Германската полиција спречила напад на еколошки активисти врз приватниот авион на германскиот канцелар Фридрих Мерц во еден хангар во градот Арнсберг, соопшти државното обвинителство.
Според соопштението, „полицијата во ноќта од среда кон четврток спречила три лица во обид да го оштетат приватниот спортски авион на претседателот на германската влада“.
Во соопштението на групата која ја презела одговорноста за обидот за напад се наведува дека три лица, на возраст од 23, 28 и 56 години, неовластено влегле во просторот на аеродромот Арнсберг-Менден, но полицијата спречила оштетување на авионот кој се наоѓал во еден од хангарите.
Меѓу приведените активисти е и познатата германска климатска активистка Ања Виндл. По акцијата, со соопштение се огласи и групата „Отпор колектив“, која ја презеде одговорноста за обидот за напад.
„Ние се обидовме, во рамки на протест, да го оневозможиме приватниот авион на канцеларот Фридрих Мерц. Додека климатската криза ескалира, германскиот канцелар се движи наоколу со приватен авион“, стои во соопштението на групата.

