Македонија
Мавровското Езеро ќе се чисти за мрестот на пастрмката
Спелеонуркачкиот клуб Врело и викендов ќе продоли со чистење на дното на Мавровско Езеро од рибарски мрежи во кои се заплеткани мртви риби, како и од конзерви, лименки, шишиња и други отпадоци, за да се заштитни рибниот фонд, пред се’ пастрмката и раковите карактеристични за ова езеро
Чистењето на Маровското Езеро, иако се паднати и надворешните температури како и температурата на водата, се спроведува во овој период бидејќи наскоро почнува мрестот на пастрмката. Тоа значи дека доколку чистењето беше преземено претходно, во летните месеци, повторно ќе се натрупаа остатоци од рибарски мрежи кои се опасни за мрестот бидејќи подмладокот на пастрмките може да остане заплеткан во нив.Акцијата почна минатиот викенд, со чистење на просторот од браната кај селото Леуново кон селото Маврово, а потоа и кон новата црква „Св. Никола“. Утре, како што соопштуваат од спелеонуркачки клуб „Врело“ чистењето ќе се одвива од црквата кон браната, а за недела е планирано да се опфати просторот кон Маврови Анови, а идниот викенд ќе се чисти и останатиот простор.За поефикасно извршување на работите, покрај нуркачите, ангажирани се и два моторни чамца, со кои до брегот се превезува отпадот што се вади од езерото. Поради намалениот водостој просечна длабочина на езерото сега е околу 28 метри.Членовите на клубот „Врело“, кои како дел од Меѓународната експедиција летово ја истражуваа подводната пештера Врело на Матка, во оваа акција за прв пат ја испробуваат и новата опрема која, по истражувањето на подводната пештера Врело, им беше донирана од Градот Скопје и од јавното претпријатие „Јасен“. Со средствата добиени од Градот Скопје се набавени два подводни рачни компјутера, два респиратора и подводна камера, а „Јасен“ донираше и два комплета нуркачка опрема.Соработката меѓу Министерството за заштита на животната средина и просторно планирање, кое го финансира проектот, и спелеонуркачкиот клуб „Врело“, според најавите, ќе продолжи и идната година, за кога се планира тие да бидат ангажирани за чистење и на други водни потенцијали во земјава, а како следен чекор, како што се најавува, ќе биде чистењето на реката Радика и нејзините притоки.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) На подрачјата на Маврово и Попова Шапка се воведува кружен тек за да се избегне блокирање на патот, СВР Тетово со апел да се почитуваат сообраќајните правила
Секторот за внатрешни работи Тетово постапува согласно годишен план за постапување во зимски услови во зимските рекреативни центри Маврово и Попова Шапка, но и во целото подрачје што го покрива.
Како и минатата година, така и оваа година на подрачјата на Маврово и Попова Шапка се воведува кружен тек на движење на возилата за да се избегне секој вид на блокирање на патот. Но, поради одредени неодговорни возачи кои не го почитуваат тоа правило дооаѓа до целосно блокирање на сообраќајот. Исто така, проблем претставува и паркирањето на возила покрај патот со што се оневозможува на надлежните институции за целосно чистење на патот и на тој начин уште повеќе се отежнува движењето во сообраќајот, односно на некои делници од патот кон Маврово нема можност за двонасочен сообраќај, велат од СВР Тетово.
Пред почетокот на сезоната, Отсекот за превенција при СВР Тетово во неколку наврати одржа состаноци со менаџери и сопственици на хотели и угостителски објекти во овие два туристички локалитети, при што беше укажано да преземаат соодветни мерки во нивниот делокруг на работа за безбедноста на посетителите, а и во однос на обезбедување на доволен број паркинг места за нивните клиенти.
„За да не се повторат ситуации од претходните години во Маврово и Попова Шапка, кога СВР Тетово дополнително ангажираше полициски службеници од другите полициски одделенија за физичко регулирање со наизменично пуштање на возилата и расчистување на сообраќајот, СВР Тетово апелира до граѓаните, да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи, да не ги паркираат нивните возила на коловоз, да ги почитуваат наредбите од полициските службеници и да не тргнуваат кон овие локации без соодветна зимска опрема“, соопштуваат од СВР Тетово.
СВР Тетово ги известува граѓаните дека ќе бидат ангажирани и пајак службите на Тетово и Гостивар секогаш кога некое возило ќе го попречува сообраќајот, односно ќе биде подигнато и законски санкционирано.
Македонија
(Видео) Ѓорѓиевски: Целосна реконструкција на култната фонтана „Лотос“ во Градскиот парк
Градоначалникот на Скопје Орце Ѓорѓиевски, објави видео во кое вели дека култната фонтана „Лотос“ повторно го добива својот сјај.
„Започната е целосна реконструкција на фонтаната која се наоѓа на влезот од Градскиот парк – место што со децении претставува препознатлив белег и симбол на Скопје, но кое за жал со години беше запуштено.
Со проектот е предвидена целосна обнова на фонтаната, како и уредување на плоштадот околу неа. Се поставува нова урбана опрема и современо осветлување, со што просторот ќе добие нов, модерен и достоинствен изглед, соодветен на значењето што го има за градот и граѓаните.
Ова култно катче, еден од најпрепознатливите симболи на Скопје, повторно ќе стане место за средби, прошетки и споделени моменти. Простор каде што генерации скопјани ќе се собираат, ќе создаваат спомени и ќе уживаат во уреден и квалитетен јавен простор, онака како што Скопје заслужува.
Градот го обновуваме чекор по чекор, со јасна визија и конкретни дела. Скопје го правиме заедно. По скопски!“, изјави Ѓорѓиевски.
Македонија
Општина Центар и Амбасадата на Чешка му оддадоа почит на Роберт Гајдик
Денес се одбележуваат 84 години од прерано згаснатиот живот на Роберт Гајдик Славко, истакнат борец и партизан во Народноослободителната борба.

Со полагање свежо цвеќе, Н.Е. Амбасадорот на Република Чешка, Јарослав Лудва и военото аташе на Република Чешка, претставници од Општина Центар, Сојузот на борци и Здружението на пензионери на Општина Центар, жители од Урбаната заедница „Роберт Гајдик“ и негови почитувачи му оддадоа почит.

Исто така, во чест на празникот Василица, во Урбаната заедница „Роберт Гајдик“ се вртеше паричка, а среќниот добитник беше Владе Левковски, претседател на пензионерскиот огранок „Невена Георгиева Дуња”.

Преку овој симболичен настан, секоја година му се оддава почит на интернационалниот борец, симбол на истрајност и борба за слобода против окупаторот.

Општина Центар со години го чествува и негува споменот на Роберт Гајдик и неговото дело.


