Македонија
Уште два нови случаи на оштетувања на возила во Грција

Уште два нови случаи на оштетувања на возила, биле пријавени од страна на македонски државјани кои престојувале во Грција, со што вкупниот број на вакви инциденти летово се искачи на 45 случаи, соопшти МВР.
Во саботата, на Граничниот премин „Богородица“, В.И. од Скопје, кој управувал патничко возило „Фиат Пунто“ со скопски регистерски ознаки, пријавил дека во туристичкото место Неа Врасна, со спреј комплет му биле прикриени двете ознаки МК, а му била повлечена и црвена линија од багажникот до предниот лев фар. Оштетувањето не го пријавил и во грчката полиција.
Во вториот случај, на Граничниот премин „Богородица“, П.Ј. од Скопје, кој управувал патничко возило „Цитроен“, со штипски регистерски ознаки, пријавил дека на Халкидики, со спреј му биле испрскани ознаките МК на двете таблички. Оштетувањето не го пријавил и во грчката полиција.
Со овие два новорегистрирани случаи, односно три во текот на викендов, во изминатиот период од страна на нашата гранична полиција евидентирани се вкупно 45 оштетувања на возила и одземања на таблички. Од 45-те оштетувања кои ги пријавиле македонските државјани, 32 се кражби на регистарски таблички, од кои во 24 случаи се украдени обете таблички. Предничи туристичкото место Ханиоти каде што досега се евидентирани 13 кражби и Неа Пори (6). По однос на оштетените возила бројката на вакви настани сега нарасна на 10 случаи.
Од вкупниот број случаи – 27 се пријавени од страна наши државјани и на грчката полиција, но досега МВР се уште нема добиено никаква информација од грчките колеги за случаите. 22 од македонските граѓани кои пријавиле кражба или оштетување се од Скопје, а останатите од други места во државава./крај/со/бб
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Перински во Гази Баба: Домот на културата „11 Октомври“ во Ченто по скоро 40 години, повторно ќе стане центар на културата

Во рамки на теренските посети на општините насловени „Каде што срцето е дома“, министерот за локална самоуправа, Златко Перински, заедно со премиерот Христијан Мицкоски, министерот за култура и туризам, Зоран Љутков и градоначалникот, Бобан Стефковски, извршија увид на започнатата реконструкција на Домот на Културата „11 Октомври“, лоциран во паркот во Ченто. Градоначалникот Стефковски информираше дека домот ќе се простира на 1.000 метри квадратни, ќе има три нивоа, ќе биде енергетски ефикасeн и целосно инклузивен со лифт и тоалети за лица со посебни потреби, со капацитет за 180 гледачи.
„Повеќе од четири децении ова место беше најцрната точка во општина Гази Баба во кое се вршеа и девијантни појави, а за помалку од 18 месеци од денес ќе прерасне во центар на културата. Вкупната инвестиција е 84.240.000 денари обезбедени од првиот јавен повик на Владата и изразувам благодарност за финансиската поддршка на инфраструктурни проекти во општините која од историска важност и ќе донесе забрзан развој кој ќе ги реши децениските проблеми на граѓаните“, изјави градоначалникот Стефковски.
Ова е еден од четирите проекти кои ќе се реализираат во општина Гази Баба со средства од државниот буџет, за кој Општината аплицираше на првиот владин јавен повик.
„Повеќе од 40 години, скоро сите политички гарнитури ветуваа реконструкција и инвестиција за подобрување на условите за овој Дом, но, тоа досега, за жал, не се случи. Оваа Влада, преку првиот повик, успеа и овозможи средства за обнова на објектот, кое е култно место за жителите на Гази Баба. Сега, како резултат на нашата посветеност за поддршка на општините, како и посветеноста на градоначалникот Стефковски да ги детектира потребите на граѓаните и да аплицира на повикот, Домот на култура ќе стане центар на креативност и културни настани, место каде што ќе може да се собираат нашите деца, културни друштва и сите љубители на уметноста и културата. Оваа Влада со дела потврдува дека е вистински пријател на општините. Како и досега, така и од сега, ќе продолжиме да инвестира во проекти коишто се врз основа на потребите на граѓаните. Јас се надевам дека за многу кратко време, ова многу битно место за жителите од ова населено место, ќе прерасне во вистински храм на културата и заедно ќе се радуваме на многу убави настани“, изјави министерот Перински.
И премиерот Мицкоски не го криеше задоволството од почетокот на реконструкцијата на Домот на културата и јавно им честиташе на сите оние кои биле вклучени во процесот да ја детектираат потребата од овој проект.
„Продолжуваме и натаму да инвестираме проекти во општините, да поддржуваме капитални инвестиции. Нѐ очекува динамична пролет и реализација не само на проектите од првиот, туку и на оние од вториот јавен повик кои се финансираат со наша поддршка“, потенцираше премиерот.
Серијата посети на министерот за локална самоуправа Перински, продолжуваат и во следните денови, веќе од утре, ќе се реализираат средби со управата на Општина Чаир, како и со локалните жители.
Македонија
(Видео) „На повидок е корупциски скандал во Владата, дали Меџити барал мито“, прашува Илиевски

„На повидок е голем, робусен корупциски скандал во Владата! Бараме премиерот Христијан Мицкоски да излезе и да одговори: дали е точно дека Државниот управен инспекторат констатирал „злоупотреба на службената должност“од страна на министерот и вицепремиер Изет Меџити и неговиот кабинет“, прашува Методија Илиевски, потпретседател на СДСМ.
„Не е прашањето дали Меџити бил лишен од своите надлежности, прашањето е дали во Решението на Инспекторатот од 17.01.2025 година е констатирана злоупотреба на службенета должност.
Бараме веднаш Решението на инспекторатот да биде јавно објавено. Јавноста мора да им увид во сите детали.
Особено што според информациите кои треба да се потврдат оваа мерка е донесена како резултат на бројни поплаки и пријави од граѓани и компании кои биле уценувани и условувани.
Ова се сериозни индикации за робусна корупцијата во врвот на владата на Мицкоски. На колку бизнис компании им е барано мито? Дали Меџити барал мито? Кој е се оштетен?
СДСМ ја повикува Државната комисија за спречување корупција и Јавното обвинителство за отворат предмет и да преземат соодветни постапки.
Очигледно зад превезот на лажниот патриотизам се крие корупција и злоупотреба на државните институции од страна на ДПМНЕ и ВЛЕН. Нема да дозволиме ваквите скандали да останат без правна завршница последици. Надлежните институции мора да реагираат“, изјави Методија Илиевски, потпретседател на СДСМ.
Македонија
(Видео) Мицкоски: По три децении започна реконструкцијата на Домот на култура „11 Октомври“ во Ченто

„На мое задоволство денеска сум дел од еден вака убав настан којшто ќе реши еден проблем што трае, еве, само што добив информација, речиси три децении. Место коешто ќе добие нов лик, место коешто ќе го користат жителите на општина Гази Баба, зошто да не и од цело Скопје. Овој културен дом ќе претставува навистина убаво место, каде што ќе можат да се случуваат културни настани“, рече премиерот Христијан Мицкоски.
„Јас би сакал да ја искористам оваа прилика да честитам и на градоначалникот и на министрите и на сите оние коишто беа вклучени во овој процес, да отпочнеме со реализацијата на овој проект, бидејќи ценам дека на општина Гази Баба ѝ е потребно едно вакво место.
Продолжуваме и понатаму да финансираме како Влада, проекти за општините, капитални инвестиции. Веќе новиот повик е објавен, според она што го имам како информација, а тоа најдобро го кажа и градоначалникот. Веќе аплицираше општината Гази Баба со новите проекти, така што очекуваме, би рекол, динамична пролет и реализација не само на оние од првиот повик, туку и отпочнување на реализацијата на проектите од вториот повик.
Така што, уште еднаш дозволете ми да му честитам на градоначалникот, на пратениците, на советниците, на администрацијата во општина Гази Баба, на министрите, на сите оние кои беа вклучени во реализацијата и во подготовката практично на овој проект, кој по речиси три децении ќе добие нов лик, којшто ќе може жителите на општина Гази Баба да го користат и културно да се воздигнуваат“, изјави Мицкоски.