Македонија
ЗНМ: Извештајот на ЕК во делот за слободата на изразувањето е објективен

Здружението на новинарите на Македонија(ЗНМ) оценува дека Извештајот на Европската комисија во делот за слободата на изразувањето е објективен.
„Во извештајот се констатира дека политичките партии не ја формирале Анкетната комисија, која треба да го расчисти инцидентот со новинарите и се повикува на обновување на дијалогот. Позитивно е што Комисијата ја реафирмира потребата од градење на мерки на доверба за да можеме да го продолжиме дијалогот и да ги решиме и преостанатите отворени прашања, како што се зајакнувањето на Македонската радиотелевизија и потребата за формирање на саморегулатоно тело во медиумите, кое ќе помогне да се зајакне примената на професионалните и етички стандарди на новинарите”, се вели во соопштението од ЗНМ.
Понатаму додаваат дека охрабрувачки е што ЕК останува на принципиелниот став дека за донесување на законодавство поврзано со слободата на изразувањето и слободата на медиумите од суштинско значење е процесот да биде инклузивен со вклучување на сите заинтересирани страни.
„Јасно се потенцира фактот дека нема никаков напредок во однос на зголемување на транспарентноста на владиното рекламирање, кое исто така беше дел од агендата на Работната група. Владата во патоказот се обврза дека ќе го реши тоа прашање. Останува загриженоста на ЕК за автоцензура, за лошата социјална положба на новинарите и за неизбалансираното известување од медиумите, забележано од мониторите на ОБСЕ за време на локалните избори”, констатираат од ЗНМ.
На крајот во соопштениетот упатено од ЗНМ, како оценка на пролетниот Извештај на ЕК, како многу битно се подвлекува тоа што Комисијата не заборава да потсети дека со декриминализацијата на клеветата и навредата не е завршена работата, туку дека се потребни дополнителни напори судиите да го спроведат законот во духот на судската пракса од Европскиот суд за човекови права. /крај/со/мф
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
(Видео) Три хеликоптери го гасат пожарот кај селата Чучер и Блаце

Утрово трите хеликоптери (два на МВР и еден на АРМ) во 05.00 часот почнаа со дејство над пожарот на територијата на Општина Чучер Сандево, селата Чучер и Блаце, извести ЦУК.
На пожарот дејствуваат и силите на БППЗ на Град Скопје со повеќе екипи и противпожарните возила, ЈКП од Општината, Црвен крст со еден базен од кој хеликоптерите полнат вода, како и тимови со противпожарните возила на ДЗС.
ЦУК е во постојана комуникација и координација со сите надлежни институции на терен.
Македонија
Дел од Сарај и Илинден денеска без струја

Регионалниот центар за управување со кризи на Град Скопје, по добиеното известување од ЕВН Македонија АД, информира дека поради технички зафати во електродистрибутивната мрежа денеска, без електрична енергија ќе останат:
· од 08:30 до 13:00 часот, дел од корисниците од село Кондово, општина Сарај;
· од 08:30 до 15:00 часот, корисниците од ул. 534 и ул. 531 во село Марино, општина Илинден.
Македонија
На Табановце се чека до половина час за влез во државата

Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по суви коловози, извести АМСМ.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. Се бележи зголемена фреквенција на возила на ГП Табановце, времето на чекање за влез во државата е околу 15 до 30 минути. На останатите гранични премини, од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.