Македонија
Граѓански марш за толеранција во Скопје

Граѓански марш за толеранција на маргинализираните групи во Македонија ќе се одржи во понеделник во Скопје по повод светскиот ден на толеранцијата
Граѓански марш за толеранција на маргинализираните групи во Македонија ќе се одржи во понеделник во Скопје по повод светскиот ден на толеранцијата.
Маршот, како што денеска најавија организаторите ќе започне во 11 часот и 55 минути од Музејот на Град Скопје, низ улицата Македонија, а ќе заврши на Плоштадот Македонија.
Граѓанскиот марш кој ќе трае еден час, е во организација на Хелсиншкиот комитет за човекови права, Групата на граѓани „Кју“, и невладините организации „Плоштад слобода “ и „Цивил“.
Организаторите велат дека од маршот ќе биде упатен апел до владата на Македонија да го донесе законот за спречување и заштита од дискриминација што побрзо, и ги повикаа граѓаните на Македонија да ја поддржат оваа иницијатива со своето присуство.
Својата поддршка за маршот ја искажа и дипломатскиот кор на Македонија кој и го најавил своето присуство, а потврдено е и присуството на Народниот правобранител.
Маршот е поддржан и од полициската станица – Беко која ќе се погрижи за обезбедувањето.
„Повеќе од задоцнето е донесувањето на законот за заштита од дискриминација во Македонија“ изјави Џабир Дерала од „Цивил“.
„Човековите права не значат безгранична слобода на сите. Мојата слобода и моите права, завршуваат на границата на туѓата слобода и туѓите права. Што се однесува до законот кој е во фаза на донесување, многу е важно да има независен механизам кој ќе работи на негово имплементирање и мониторинг “ додаде Кочо Андоновски, од здружението Кју.
Маршот деновиве го поздрави и меѓународната организација за човекови права Амнести Интернешенал./крај/сл
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Јанев на заокружување на обуката „Истрага на местото на настанот“, насочена кон унапредување на истражните капацитети на полициските сили

Директорот на Бирото за јавна безбедност Александар Јанев присуствуваше на свеченоста за доделување на дипломите, што се одржа во Центарот за обука на полицијата во Идризово, заедно со помошник министерот за внатрешни работи и началник на Центарот за обука, Влатко Митковски, како и со амбасадорот на Италија во нашата земја, Н.Е. Паоло Палминтери.
Обуката беше реализирана од Вишиот институт за истражни техники на карабинерите на Италија, со организациска поддршка од Италијанската амбасада во Скопје.
Учесниците на курсот имаа можност да стекнат напредни знаења и практични вештини за истражување на место на настан, притоа следејќи современи европски и меѓународни стандарди.
“Посебна благодарност упатувам до италијанските експерти за нивниот професионален ангажман и пренесеното знаење и сакам да истакнам дека како институција, особено ја цениме оваа соработка што претставува значаен чекор кон унапредување на капацитетите на нашата полиција и поддршка на владеењето на правото”, истакна директорот Јанев, додавајќи дека ова е уште еден показател за успешната и стратешки ориентирана билатерална соработка со Италија во областа на безбедноста и претставува дел од заедничките напори за градење побезбедно и посилно општество.
Македонија
Николоски учествува на висок министерски форум во Истанбул

Вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски денеска и утре учествува на Форум за министри за транспорт што се одржува во Истанбул.
Во планираната агенда е предвидено обраќање на вицепремиерот Николоски на панелот насловен ,, Иновативни можности и решенија за финансирање на транспортни коридори” .
На Форумот ,,Глобална Транспортна Поврзаност” предвидено е да се обрати претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган, министерот за транспорт на Турција, Абдулкадир Уралоглу како и други министри од Европа и светот.
На настанот ќе земат учество и бројни министри како што се министерот за транспорт на Шпанија, на Албанија, на Саудиска Арабија, Сингапур, Црна Гора, Обединетите Арапски Емирати, како и многу други високи претставници од институции од областа на транспортот.
Македонија
Сиљановска-Давкова прими припаднички на Армијата кои успешно завршија обука во САД

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова ги прими капетанката Неда Волчева и поручничката Сара Тасевска кои успешно го завршија седуммесечниот курс „Maneuver Captain’s Career Course“во Џорџија, САД, организиран од американскиот тренинг центар „Fort Moore”.
На средбата на којашто присуствуваа началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски и американската амбасадорка Анџела Агелер, двете припаднички на Армијата ја запознаа претседателката со фазите, содржините и квалитетот на воено-образовната обука и ги споделија нивните натамошни планови, заложби и амбиции за кариерен напредок.
Препознавајќи во нив потенцијал за идни генерали, Сиљановска-Давкова им честиташе на Волчева и Тасевска за успешно завршената обука и изрази уверување дека стекнатите знаења, вештини и експертиза ќе ги применат во интерес на македонската армија.
Според неа, реализацијата на оваа програма претставува влог во македонско-американското партнерство и е посебно значајна за промоција на земјава како лојален и кредибилен сојузник во НАТО.
Признавајќи ги одличните резултати што ги постигнуваат жените, соговорниците се согласија дека нивното партиципирање во меѓународните обуки треба да биде редовна пракса.
Сиљановска-Давкова на средбата ја реафирмираше својата заложба за формирање на Регионален центар за извонредност за жени, мир и безбедност со седиште во Скопје, заради промоција на жените во безбедноста и одбраната во регионот.