Свет
Втор круг од претседателските избори во Египет
Во Египет почна гласањето на вториот круг од претседателските избори во кој влегоа Мохамед Морси, лидер на исламистичкото движење Муслимански браќа и Ахмед Шафик, премиер во соборениот режим на поранешниот претседател Хосни Мубарак.
Речиси 50 милиони Египќани во саботата и неделата имаат право да гласаат на изборите на коишто ќе се бира наследник на Хосни Мубарак кој владееше повеќе од три децении а од власта беше симнат во февруари 2011 година.
Гласањето започна без инцидентите во 8 часот по локално време, а избирачките места ќе бидат затворени во 18 часот. Околу 50 милиони египетски гласачи од 80 милиони население, како што се очекува би требало да излезат на 14 илјади избирачки места во 27 провинции.
Станува збор за првите избори во историјата на кои египетските граѓани со коишто низ историјата владееле фараони, султани, кралеви и воени офицери, сега имаат вистинска можност директно да го изберат својот водач.
Изборите се одвиваат во напната атмосфера по две контроверзни одлуки на Врховниот уставен суд на Египет. Со едната беа поништени резултатите од парламентарните избори и беше распуштено Националното собрание (долниот дом на парламентот на Египет), откако уставните судии најдоа дека системот на гласање особено во изборните единиците од кои се дава еден пратеник бил во спротивност со новиот устав на земјата и во нерамноправна положба ги става кандидатите на партиите и независните кандидати. Со другата одлука, пак, на Шафик му се овозможува да биде на власт и покрај законот со кој се забранува кандидирање на припадници на поранешниот режим.
Генералниот секретар на Обединетите нации, Бан Ки-Мун повика на мирни избори во Египет, по масовните протести по прогласувањето на избраниот парламентарен состав за нелегален.
Ки-Мун во своето соопштение вели дека „забележал жива расправа и вознемиреност кај Египќаните поради одлуката на уставниот суд“, а неговиот портпарол Мартин Несирки додаде дека „Генералниот секретар се надева оти вториот круг од претседателските избори ќе се одвива во мирна и отворена атмосфера“.
Со вториот круг од претседателските избори требаше да се заокружи предавањето на власта во рацете на цивилните органи од страна на Врховниот совет на вооружените сили на Египет кој раководи со земјата како преодна власт откако со народниот бунт беше соборен режимот на Мубарак.
И досега, особено младинските движење организираа големи протести обвинувајќи дека воениот врв одолговлекува со предавањето на власта, плашејќи се да не ја загуби повластената позиција во египетското општество со која се стекна во време на четиридецениското владеење на Хосни Мубарак./крај/мф/сн
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Орбан доби покана од Трамп да се приклучи на мировниот совет за Појасот Газа
Унгарскиот премиер Виктор Орбан добил покана од американскиот претседател Доналд Трамп да учествува во Советот за мир за Појасот Газа, соопшти денеска унгарскиот министер за надворешни работи и трговија Петер Сијарто.
„Премиерот доби покана од американскиот претседател Доналд Трамп да се приклучи на Советот за мир за Појасот Газа. Според нас, оваа покана е признание за унгарскиот премиер, и тој, секако, ќе учествува во работата на тој совет. Премиерот ми наложи да ја информирам американската администрација“, изјави Сијарто, пренесе официјалниот портал на унгарскиот јавен сервис Hirado.hu.
Тој истакна дека мировните иницијативи на Трамп се високо ценети во светот и додаде: „Американскиот претседател претставува надеж за мировниот процес“.
Според Сијарто, Унгарија е заинтересирана за мир на Блискиот Исток, бидејќи безбедносната состојба во регионот има значително влијание врз Централна Европа.
Орбан веќе присуствуваше на церемонијата за потпишување на мировниот договор во Шарм ел Шеик, Египет, на 13 октомври. Советот за мир за Појасот Газа ќе биде задолжен за надгледување на втората фаза од планот за прекин на војната во палестинската енклава.
Свет
Германските војници го напуштија Гренланд
Извидничкиот тим на германската армија Бундесвер го напушти Гренланд по само два дена престој.
Повлекувањето го објавија „Билд“ и „Дер Шпигел“, а информацијата за новинската агенција ДПА ја потврди и портпаролот на германското Министерство за одбрана.
Според „Билд“, кој прв ја објави веста, војниците биле информирани за ненадејното заминување дури утрово.
Свет
Осумте земји на кои Трамп им најави царини поради Гренланд порачаа: Ќе останеме обединети и солидарни со Данска и Гренланѓаните
Осумте европски држави, кои се најдоа на мета на најавените царини од американскиот претседател Доналд Трамп поради поддршката за Данска во врска со Гренланд, во неделата со заедничка изјава предупредија дека таквите мерки носат ризик.
„Заканите со царини ги поткопуваат трансатлантските односи и носат ризик од опасна надолна спирала. Ќе останеме обединети и координирани во нашиот одговор. Посветени сме на заштитата на нашиот суверенитет“, се наведува во заедничката изјава на Обединетото Кралство, Данска, Финска, Франција, Германија, Холандија, Норвешка и Шведска.
Овие осум земји, кои одлучија да испратат свои војници на Гренланд, порачаа дека се подготвени за „дијалог врз основа на принципите на суверенитет и територијален интегритет“, зад кои цврсто стојат.
Тие повторија дека се „во целосна солидарност со Кралството Данска и народот на Гренланд“ и порачаа дека како членки на НАТО се посветени на јакнење на безбедноста на Арктикот – „заеднички трансатлантски интерес“. Во тој контекст, воената вежба на НАТО „Арктичка издржливост“ е одговор на таа потреба и „не претставува закана за никого“.
Од Париз, пак, доаѓа повик за активирање на „економската базука“ на ЕУ. Блиски соработници на францускиот претседател Емануел Макрон изјавија дека Франција бара од Европската унија да го активира Инструментот за борба против присила – механизам што би ѝ овозможил на ЕУ да одговори на економски закани, вклучително и ограничување на пристапот на САД до јавни набавки или трговија во сектори каде што американската страна има суфицит, ако Трамп не се откаже од најавените царини.

