Свет
Јужна Кореја ја обнови психолошката војна со Северот
Тензиите меѓу двете Кореи достигнаа опасно високо ниво во вторникот, откако Јужна Кореја ги обнови пропагандните радио-емитувања во Северна Кореја како одмазда за торпедираниот воен брод „Чон ан“ во март годинава, а Северот воведе боева подготвеност на армијата, јавува Associated Press
Повторното воведување на психолошкото војување од страна на Југот е дел од мерките кои Сеул ги најави во понеделникот, заедно со намалувањето на трговската размена и кои треба да претставуваат казна за торпедирањето и потопувањето на јужнокорејскиот воен брод на 26 март, при што загинаа 46 морнари. Минатата недела надлежната комисија за истражување на најголемата воено-поморска катастрофа на југот од завршувањето на граѓанската војна во 1953 година, утврди дека бродот бил погоден со торпедо од севернокорејска подморница. Северот негира каква и да е поврзаност со инцидентот. САД, најголемиот сојузник на Јужна Кореја, целосно ги поддржаа одмаздничките потези на Сеул, кои вклучуваат и обвинување за Пјонгјанг пред Советот за безбедност на Обедионетите нации. Кина, која е, пак, најголем сојузник на Северна Кореја и има право на вето во СБ, засега не реагираше, освен што ги повика и двете страни да се смират. Во Пекинг допатува и американската државна секретарка Хилари Клинтон, каде што со кинеските функционери се обидува да ги координира наредните чекори. Во меѓувреме, врвниот кинески пратеник за нуклеарни прашања замина за Сеул, каде што ќе се обиде да ги смири јужнокорејските лидери. Армијата на Јужна Кореја во понеделникот вечерта ги обнови пропагандните радио-емитувања кон Северот, кои беа замрзнати пред шест години. Емисиите содржат западна музика, вести и споредби помеѓу политичката и економската ситуација во Јужна и во Северна Кореја. Војската планира да започне и пропаганда со летоци, со кои би ги информирала севернокорејците за потопувањето на бродот. Во наредните недели, Сеул исто така ќе постави десеттици пропагандни звучници и високи електрични билборди долж тешко вооружената копнена граница помеѓу двете Кореи, преку кои непрекинато ќе се испраќаат пораки до севернокорејските војници да пребегнат на југ. Се очекува ваквите потези на Сеул да поттикнат жесток одговор од Пјонгјанг. Армијата на северот веќе испрати предупредување дека ќе стрела на сите пропагандни инсталации поставени во демилитаризираната зона. Според тврдењата на организацијата „Солидарност за интелектуалците на Северна Кореја“ со седиште во Сеул, која цитира неименувани извори, севернокорејскиот лидер Ким Јонг Ил минатата недела издал наредба армијата од 1,2 милиони војници да се подготви за воени операции, непосредно откако Сеул и официјално го обвини северот за потопувањето на нивниот воен брод. наредбата била прочитана од генералот О Кук Рјол, десна рака на Ким и во четвртокот била емитувана преку јавните звучници поставени ширум земјата. Сепак, ваквите тврдења не можат да бидат официјално потврдени, а во Сеул велат дека не се забележани невообичаени движења на севрнокорејската армија. Од таму потсетуваат дека таквите наредби секогаш најпрвин се објавуваат во државните медиуми, а потоа се емитуваат преку јавните звучници. Јужна Кореја, исто така ќе ја намали и трговската размена со северот, како и помошта која ја испраќа за оваа економски опустошена земја. И покрај непријателствата, Северна Кореја е втор најголем трговски партнер на северот, со размена од 1,68 милијарди долари или 33 проценти од БДП на Северна Кореја. Сеул ќе ги затвори фабриките во заедничката индустриска зона на границата, а ќе престане и да купува морски продукти од северот. На севернокорејските бродови ќе им биде забрането да минуваат низ јужнокорејските води, а мерките ќе го чинат Северот околу 200 милиони долари годишно. Двете Кореи се се’ уште официјално во војна, бидејќи конфликтот од 1950 – 53 година не заврши со мировен договор, туку со примирје, по што е основана демилитаризираната зона долж 38 напоредница. Во 1987 година, Пјонгјанг беше виновен за уште една трагедија, кога стрелаше и сруши јужнокорејски патнички авион, при што загинаа 115 луѓе.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Трамп ќе го пречека претседателот на Колумбија во Белата куќа на почетокот на февруари
Претседателот на Соединетите Американски Држави, Доналд Трамп, денеска објави дека во првата недела од февруари ќе го пречека колумбискиот претседател Густаво Петро на разговори во Белата куќа.
„Сигурен сум дека ќе биде многу добро и за Колумбија и за САД, но кокаинот и другите дроги мора да бидат запрени пред да влезат во Соединетите Држави“, напиша Трамп на својата платформа Truth Social.
Зборовите на Трамп претставуваат промена во тонот по месеците остри критики кон Петро и неговата влада, обвинувајќи го колумбискиот претседател дека управува со „фабрики за кокаин“.
Трамп објави дека тој и Петро разговарале по телефон во средата и се согласиле да се сретнат во Белата куќа, но не го прецизираше точниот датум на средбата.
Во изјавите објавени денеска, Петро рече дека Трамп му рекол во телефонски разговор дека размислува за воени операции во Колумбија, што е поврзано со регионалните тензии по американската воена операција во Венецуела.
„Трамп ми рече во телефонски разговор дека размислува за лоши работи во Колумбија. Пораката беше дека тие веќе се подготвуваат, планираат воена операција“, изјави Петро за шпанскиот весник „Ел Паис“, додавајќи дека верува оти заканата е замрзната по разговорот, но призна: „Можеби грешам“.
Петро рече дека Колумбија нема капацитети за воздушна одбрана, но повика на народен отпор во случај на таква воена операција во неговата земја.
Средбата треба да се одржи во време кога односите меѓу САД и Колумбија се обидуваат да се стабилизираат и да се префрлат кон дијалог, и покрај широко распространетите разлики околу политиката за дрога и регионалната безбедност.
фото/депозитфотос
Свет
Венецуела сака да ги обнови дипломатските односи со САД
Венецуелската влада започна да истражува опции за проширување на дипломатските односи со САД, а се очекува претставници на американскиот Стејт департмент да отпатуваат во Каракас за технички и логистички проценки, соопштија двете земји. Стејт департментот соопшти дека американските претставници го проценуваат „потенцијалното продолжување“ на работењето на амбасадата во јужноамериканската земја.
Вашингтон и Каракас сигнализираа подготвеност за соработка по американската воена операција од минатата недела што резултираше со апсење на венецуелскиот претседател Николас Мадуро. Неговата потпретседателка Делси Родригез ја презеде функцијата привремен шеф на државата.
„Венецуелската влада одлучи да започне прелиминарен дипломатски процес со американската влада, со цел повторно воспоставување дипломатски мисии во двете земји“, соопшти венецуелската влада.
Претходно денеска, американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека ослободувањето на политичките затвореници во Венецуела е знак за „барање мир“ и дека како резултат на тоа го откажал планираниот втор бран напади.
Во среда, Трамп рече дека САД „се сложуваат многу добро“ со венецуелската влада предводена од Родригез, особено кога станува збор за обнова на нафтената и гасната инфраструктура.
фото/епа
Свет
Трамп му посака среќа на Орбан во изборната кампања
Претседателот на Соединетите Американски Држави, Доналд Трамп, му посака среќа на унгарскиот премиер Виктор Орбан, долгогодишен сојузник, во неговата изборна кампања, според писмото што Орбан го објави на својата Фејсбук страница.
Во писмото, Трамп наведува дека „смелото лидерство“ на Орбан служи како пример за остатокот од светот. Тој додаде дека со нетрпение очекува „продлабочување на соработката“ во областите на одбраната, енергетиката и нелегалната миграција, пишува агенцијата „Ројтерс“.
„Секогаш цврсто сте стоеле во одбрана на принципите што ја прават Унгарија толку исклучително место – религијата, семејството и суверенитетот“, напиша Трамп во писмото.
Националистот Орбан се соочува можеби со најтешкиот предизвик во неговите 16 години на власт, со комбинација од економска стагнација во Унгарија, зголемување на трошоците за живот и скандал со малолетнички притворен центар што го зајакнува опозицискиот ривал чија партија води во повеќето анкети.
Изборите се очекуваат во април.
Во писмото, Трамп му се заблагодари и на Орбан за поканата да ја посети Унгарија, наведувајќи дека неговиот тим „ќе биде во контакт“ во врска со распоредот. Во понеделник, Орбан рече дека посетата на „високо рангиран“ американски политичар е веројатно да се случи пред изборите.
фото/епа

