Свет
Египќаните гласаат по пет дена насилства во Каиро

Египќаните во средата почнаа со гласање во вториот круг од парламентарните избори во третина од покраините во земјата, откако во судирите меѓу демонстрантите против Врховниот совет на вооружените сили кој управува со земјата
Египќаните во средата почнаа со гласање во вториот круг од парламентарните избори во третина од покраините во земјата, откако во судирите меѓу демонстрантите против Врховниот совет на вооружените сили кој управува со земјата по соборувањето на режимот на поранешниот претседател Хосни Мубарак и безбедносните сили во главниот град Каиро загинаа 14 лица а повеќе од 500 се повредени. Избирачките места се отворени во третина од египетските покраини коишто ги опфаќаат областите на градовите Гиза, Суец и Асуан, за третина од местата коишто мора да се одредат со мнозинскиот изборен систем, како и за пропорционалното гласање кое беше одложено со правосудна одлука за три покраини. Според досеганите резултати од претходните гласања, мандатите ќе бидат поделен меѓу партијата на движењето Муслиманско братство и салафистите. Гласањето треба да трае два дена. Процентот на излезените гласачи во првиот круг пред една седмица изнесуваше 67 отсто. Исламистите очекуваат најмалку 70 отсто од гласовите во своја позла во втората фаза, откако во првата на 28-ми ноември освоија 65 отсто.Станува збор за втора фаза од изборите за Народното собрание коишто треба да завршат во јануари со изборите во последната третина од покраините во Египет. Постапката ќе биде повторена на изборите за Шурата (консултативниот горен дом на египетскиот парламент) а овие избори треба да завршат во март Претседателските избори се предвидени да се одржат кон крајот на јуни следната година./крај/афп/мф/сн
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Прекинати летовите на главниот аеродром во Бангладеш, избувна пожар

Властите во Дака ги прекинаа сите летови на Меѓународниот аеродром Хазрат Шахџалал, главниот аеродром во Бангладеш, по пожар во товарниот дел. Талха Бин Засим, портпарол на Противпожарната служба и Одделот за цивилна одбрана, изјави дека 32 противпожарни возила биле распоредени за гаснење на пожарот, кој започнал денеска попладне.
Управата за цивилно воздухопловство на Бангладеш ги прекина сите летови веднаш по инцидентот, наведувајќи дека операциите ќе останат запрени до понатамошно известување.
Покрај националната противпожарна служба, единици од Воздухопловните сили и Морнарицата на Бангладеш се придружија на напорите за гаснење на пожарот, според Одделот за односи со јавноста меѓу службите.
Причината за пожарот сè уште не е позната.
Снимките од местото на настанот покажаа црн чад како се извишува над аеродромот.
Како одговор, државната авиокомпанија „Биман Бангладеш ерлајнс“ пренасочи четири од своите летови, кои требаше да слетаат во Дака, кон аеродромите во Силхет и Чатограм.
Свет
Од јануари до септември годинава, Албанија пречекала 10.228.686 туристи

Министерот за туризам, култура и спорт, Бленди Гонџја, на социјалните мрежи објави дека „од јануари до септември годинава, Албанија пречекала 10.228.686 туристи, што претставува зголемување од 6 отсто во споредба со истиот период минатата година“.
“Овој позитивен тренд сведочи за одржливиот развој на туристичкиот сектор и за заедничката посветеност на промоцијата на Албанија како гостопримлива и сè поатрактивна дестинација”, напиша Гонџја.
Додава дека од албанските алпи до долгата крајбрежна линија, земјата нуди комплетен туристички пакет за секој тип туристи, а секоја година се шири и мапата на земјите од кои доаѓаат.
“Туристите ја избираат Албанија не само поради нејзините прекрасни плажи и поволната клима, туку и поради нејзините планински предели со импресивни природни пејзажи, антички градови со историска и културна вредност, како и нејзиното гостопримство и традиционална кујна”, оценува тој.
Според него туризмот станал активност што трае цела година и не само што генерира значителни приходи за економијата, туку ја промовира Албанија како дестинација што е посетувана во текот на цела година.
Минатата година Албанија ја посетиле над 11,7 милиони туристи или 15,2 отсто повеќе од претходната. Очекувањата за годинава се над 12 милиони туристи, што, посочува Гонџа, ќе бидат остварени.
Свет
Во експлозија на фабрика во Русија загинаа три жени

Три жени загинаа во експлозија што се случи вчера во фабриката „Авангард“ во градот Стерлитамак во Република Башкортостан во југозападна Русија, изјави денеска гувернерот Радиј Хабиров.
-За жал, загинаа три лица, сите жени. Меѓу нив беше и млада жена родена во 2002 година. Две жени оставија зад себе деца. Компанијата ќе ја обезбеди потребната поддршка, а ќе биде исплатена и отштета. Изразувам искрено сочувство до семејствата на жртвите, објави Хабиров на социјалните мрежи.
Уште пет лица се хоспитализирани – две со сериозни повреди и три со умерени, но гувернерот потврди дека нивните животи не се во опасност.
Хабиров рече дека една од зградите е уништена во експлозијата и потврди дека немало напад со дрон.