Општество
Граѓаните најзадоволни од работата на Централниот Регистар
Според добиените резултати од спроведената анкета оваа година, граѓаните најмногу се задоволни од севкупната работа на Централниот Регистар, која беше оценета со највисоката оценка 5, од 51отсто од испитаниците, а најниска средна оценка имаат Министерството за внатрешни работи (3,63) и Центрите за социјални работи (3,68).
Од трите општини кои беа оценувани по случаен избор, граѓаните најмногу се задоволни од севкупната работа на општина Прилеп. Овие резултати на прес-конференција во понеделник ги соопшти министерот Иво Ивановски.
Истражувањето е направено врз основа на методологијата „Барометар на квалитет на институции“ која Министерството за информатичко општество и администрација ја спроведува втора година по ред има за цел воведување на стандардизирано мерење на квалитетот на институциите и нивно рангирање согласно добиените резултати.
Истражувањата беа имплементирани во периодот јуни – јули 2014 година, преку спроведување на: анкета за мерење на задоволството на граѓаните, таен клиент и таен клиент преку телефонски јавувања.
„На прашањето ’Колку време се чека во институциите’ 78,3 отсто од тајните клиенти најмалку време (до 5 минути), чекале во Управата за имотно правни работи, додека, пак, најмногу се чекало во Катастарот. За односот на вработените во институциите, испитаниците најпозитивно мислење имаат за вработените во Централниот регистар, за што се изјасниле 68,3 процнети, а најмалку позитивно во Одделението за издавање на лични документи при Министерството за внатрешни работи. Најлесно се добиваат информации за предметот на граѓаните во Централниот регистар, а најтешко во Управата за имотно-правни работи. Граѓаните најмалку се проследуваат од еден шалтер во друг во Централниот регистар, а најмногу во Центрите за социјални работи. Едношалтерскиот систем најмалку се почитува во Фондот за пензиско и инвалидско осигурување и општините“, рече министерот Ивановски.
На прашањето „Во споредба со претходно, како би ја оцениле работата на оваа институција?”, 59,3 отсто од корисниците на услугите на Управата за јавни приходи одговориле со подобро, додека истиот одговор го дале 56 процнети од корисниците на услугите на Централниот Регистар и 51 отсто од корисниците на услугите на Царинската управа.
Во однос на хигиената во посетените институции тајните клиенти највисоко го оцениле одржувањето на хигиенските услови во Царинската Управа (61,7 отсто), а најмалку позитивно во Фондот за здравствено осигурување.
Во однос на оценката на пристапноста на институциите за лица со инвалидност, според истражувањето најдобри услови постојат во Царинската Управа, а најнесоодветни во Фондот за пензиско и инвалидско осигурување.
Во однос на тајниот клиент преку телефонски јавувања, 100 проценти одговориле дека операторот во Управата за јавни приходи е љубезен, по што следат Управа за имотно правни работи (95,7 отсто), Фондот за здравствено осигурување (95 отсто) итн.
Министерството за информатичко општество и администрација ќе изработи Акциски план за надминување на недостатоците од спроведените истражувања, кој ќе биде усвоен од Владата на Република Македонија, по што ќе бидат предвидени мерки кои ќе мора да ги реализираат институциите.
„Би сакал да ги потсетам граѓаните, дека ниту еден вработен во администрацијата нема право да ги врати од шалтер за добивање на документ од друга државна институција. Како граѓани можат и самите да им наложат на вработените по службена должност да ги обезбеди истите документи и да ги информира за предметот кога ќе биде комплетиран. Доколку службеникот тоа не го направи, може да се пријави во Државниот управен инспекторат или во Министерството за информатичко општество и администрација, по што инспекторите ќе излезат на терен“, додаде Ивановски. /крај/со/мф
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Г.г. Стефан: Да ги зацврстиме единството и слогата, да ги надминеме разногласијата и меѓусебните поделби
Ариепископот Охридски и македонски заедно со Светиот архиерејски Синод, по повод велигденските празнувања, испраќа мир и благослов од Бога до свештенослужителите, монаштвото и до сите чеда на МПЦ-ОА.
– Христовото воскресение е смислата на нашето севкупно постоење. Тоа е стожерот околу којшто се одвива сиот наш живот и камен-темелникот врз којшто се гради сиот наш подвиг на верата, на надежта и на љубовта во Бога. Тајната на Христовото воскресение го преобразува и го вообличува севкупниот наш поглед кон светот и човекот, кон времето и вечноста. Зашто, токму ова спасоносно собитие е најголемата вистина којашто му беше објавена на човековиот род и токму оваа Тајна над тајните е најрадосното благовестие со коешто велегласно беше возвестена конечната победа на животот над смртта, на доброто над злото и на љубовта над омразата, вели г.г. Стефан меѓу другото во обраќањето.
Македонија
Православните верници го слават Велигден
Православните верници денеска го слават најголемиот христијански празник Велигден – Христовото воскресение, ден кога Исус Христос ја докажал својата божествена моќ и воскреснал од мртвите. Воскресението Христово на полноќ беше објавено во сите храмови на Македонската православна црква, а денеска се одржуваат воскресенски литургии.
Поглаварот на МПЦ-ОА г.г. Стефан богослужеше во Соборниот храм „Свети Климент Охридски“ во Скопје од каде го објави Христовото Воскресение и упати Велигденски пораки.
Македонија
Годишен извештај на Народниот правобранител: Помалку претставки од граѓаните за работата на јавните обвинителства
Во извештајната 2023 година, во областа која се однесува на работата и постапувањето на обвинителствата во Република Северна Македонија поднесени се 63 претставки што е за 24 помалку во однос на 2022 година, се констатира во Годишниот извештај за степенот на обезбедувањето почитување, унапредување и заштита на човековите слободи и права во 2023 година што го објавува Народниот правобранител на Република Северна Македонија.
Согласно објавените податоци, бројот на претставки на граѓаните на годишно ниво се намалил за повеќе од 38%, што претставува резултат на заложбите на Јавното обвинителство за зголемување на ефикасноста на постапките и континуираните напори за подобрување на довербата на граѓаните во работата на јавните обвинителства.
Во најголем број од претставките граѓаните бараа интервенција во врска со постапки пред основните јавни обвинителства (51), потоа пред Основното јавно обвинителството за организиран криминал и корупција (4), постапка пред Јавното обвинителство на РСМ (3), пред вишите јавни обвинителства (2), друго (2) и една претставка се однесуваше за постапка пред Совет на јавни обвинители. Ваквиот сооднос е очекуван со оглед на обемот на предметна работа и фактот што токму јавните обвинителства со основна надлежност го прават првиот директен контакт на граѓаните со институцијата.
Доколку се има предвид вкупниот обем на работа на јавните обвинителства кои активно постапуваат по поднесени кривични пријави за над 40.000 сторители на кривични дела во текот на годината, поднесените 63 претставки до Народниот правобранител претставуваат околу 0,1% од таа бројка. Притоа, граѓаните во посочените предмети изразувале незадоволство поради непостапување по поднесена пријава на кривично дело, одолжување на постапката или поради незадоволство од донесена одлука. Од тие причини Народниот правобранител, меѓу останатите препораки во извештајот, во делот на Јавното обвинителство препорачува основните јавни обвинителства да ги доставуваат јавнообвинителските одлуки до странките и да им се овозможи правото да ги обжалат до повисоките јавни обвинителства, да постапуваат поажурно и навремено да преземаат дејствија, да го почитуваат рокот од 3 месеци доколку не донесат јавнообвинителска одлука да го известуваат повисокиот јавен обвинител и пријавителот, за да нема сомневање и страв дека гонењето ќе застари.
Сите овие забелешки Јавното обвинителство ги зема предвид, детално ги анализира и ќе продолжи да презема активности за дополнително зголемување на ефикасноста, на транспарентноста и на отчетноста за постапките што ги води. Ваквите заложби на Јавното обвинителство се веќе воспоставен начин на работа при што уште во извештајот за 2022 година омбудсманот констатираше дека за разлика од претходните години, сега јавните обвинителства, особено издвојувајќи ги Основното јавно обвинителство Скопје и Основно јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, постапуваат по барањата на Народниот правобранител, даваат суштински и целосни одговори за бараните информации од постапките, се вели во соопштението од Јавното обвинителство.