Македонија
Кривични пријави за учесниците во заложничката драма во Битола

Министерството за внатрешни работи поднесе кривични пријави за напад врз службено лице против тројцата учесници во заложничката драма што завчера се случуваше во Битола.
Министерството за внатрешни работи поднесе кривични пријави за напад врз службено лице против тројцата учесници во заложничката драма што завчера се случуваше во Битола.
Според МВР, нападот врз службено лице се случил кога полицијата влегла во станот на Ангелевски за да види што се случува и да ги приведе учесниците. Тројцата почнале да даваaт отпор, родителите почнале да фрлаат со предмети по полицајците, употребиле физичка сила, а синот почнал да замавнува со нож и виљушка.
Освен синот, Сашо Ангелевски, во психијатриската болница во Демир Хисар се пренесени и родителите Марија и Борче. И на тројцата им е изречена мерка за задолжително психијатриско лекување.
Полицијата завчера околу 21 часот успеа да ги извлече мајката и таткото на Сашо Ангeлeвски, кој по извлекувањето на неговите родители до последно остана на терасата од станот и одбиваше да се предаде.
Во спасувањето на семејството беа вклучени и специјални единици од Скопје, противпожарни служби, преговарачи и екипи на итната медицинска помош.
Се работи за семејство кое и претходно било проблематично. Според братот на Борче, Мито Ангелeвски, семејството било со нарушено психичко здравје, по тешка сообраќајка што им се случила пред 10 години во САД.
Полицијата не пронајде огнено оружје ниту во станот, ниту кај синот, Сашо Ангелeвски, кој вчера десет часа ги држеше во заложништво своите родители во семејниот стан на улица „Јосиф Христовски“ во комплексот „Грозд“.
На вештачење е предаден само ножот, со кој Ангелeвски неколку часа на терасата на станот се закануваше дека ќе си го одземе животот, како и дека ќе посегне по животот на полицајците.
„По претходно издадена судска наредба, во споменатиот стан е извршен претрес, а на приведените им е направена ,,парафинска ракавица,, заради утврдување на евентуално присуство на барутни честички, а за вештачење е предаден и нож пронајден во станот. СВР Битола по целосното документирање на настанот, материјалот ќе го предаде на ИС од ОС во Битола на натамошно постапување“ соопштија вчера од МВР.
Завчера околу 12:30 часот, соседите од зградата телефонски го пријавија случајот. Тие тврдеа дека слушнале гласно викање, расправии, закани по животот, како и дека слушнале звуци кои биле идентични на истрели од оружје./крај/фф
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
МВР со детали: Поткопан е темелот на куќата на Владо Малески, против сторителот ќе биде поднесена кривична пријава

Се огласи полицијата по случајот со уривањето на дел од спомен-куќата на Владо Малески, авторот на текстот на македонската химна.
„На 15.10.2025 во 11:00 часот во ОВР Струга е пријавено дека Н.К. од струшкото село Велешта, при изведување градежни работи на улицата „Браќа Миладиновци “ во Струга со работна машина го поткопал темелот од јужниот ѕид на спомен куќата-музеј на Владо Малески, која претставува споменик заштитен како значајно културно наследство“, велат од МВР.
На местото извршиле увид претставници на Завод и музеј – Охрид, заедно со полициски екипи. По целосното расчистување на случајот, против сторителот ќе биде поднесена кривична пријава за „оштетување или уништување на добра под привремена заштита или културно наследство“, согласно член 264 од Кривичниот законик.
Македонија
За 30 дена ќе ставам крај на депониите во Гази Баба, рече кандидатот на СДСМ за градоначалник, Митовски

Кандидатот за градоначалник на Гази Баба од СДСМ, Влатко Митовски, најави дека во првите 30 дена од преземањето на функцијата ќе го реши проблемот со сметот и дивите депонии во општината.
„Нема повеќе да има диви депонии зад контејнерите, ниту општината ќе создава сопствени депонии. Отпадот ќе биде одложуван на пропишани и контролирани локации, а комуналното претпријатие повторно ќе стане функционално,“ порача Митовски.
Тој го обвини актуелното раководство дека четири години не успеало да воспостави систем за редовно собирање на отпадот, поради што комуналните служби се во целосен колапс.
Македонија
(Видео) Коњановски: Хотелот „Битола“ ќе се адаптира во Дом за стари лица – проект по иницијатива на граѓаните

Кандидатот за градоначалник на општина Битола, Тони Коњановски, порача дека секој голем проект започнува од гласот на граѓаните и дека заедничкото размислување, пишување и работа се клучот за подобро секојдневие.
„Една од најзначајните иницијативи што ја предложија граѓаните е адаптацијата на хотелот ‘Битола’ во Дом за стари лица – место кое ќе овозможи достоинствен живот, грижа и внимание за највозрасните сограѓани“, изјави Коњановски.
Меѓу останатите приоритетни предлози се: бесплатен оброк за сите ученици од 1 до 3 одделение, обезбедување униформи за децата од 1 до 5 одделение, организација на летни кампови за деца од социјално загрозени семејства, зголемување на капацитетите на градинките, како и продолжување на акцијата за отстранување на дивоградбите и гаражите, особено во Нова Битола.
„Вистински избор се проектите создадени од граѓаните, за граѓаните. Вистински избор е заедничкиот труд – кога гласот на граѓаните станува проект што го менува секојдневието“, нагласи Коњановски.