Свет
Блокирана сметката на визбата "Тиквеш"?
Од вчера сметката на винарската визба „Тиквеш„ е блокирана. Причина за тоа е наплатата на побарувањето на државата во вредност од околу 500 милиони денари
Судска одлука за наплата на побарувањето на државата
Сметката е блокирана поради тоа што државата побарува од “Тиквеш” 500 милиони денари
АЛЕКСАНДРИЈА СТЕВКОВСКА
Од вчера сметката на винарската визба „Тиквеш„ е блокирана. Причина за тоа е наплатата на побарувањето на државата во вредност од околу 500 милиони денари. Ова е резултат на судската одлука, која пресече во корист на Министерството за финансии во спорот со „Тиквеш„ околу нејзините долгови спрема државата. Ваквата судска разврска вчера ни беше потврдена од извори во Јавното правобранителство, каде што ни беше објаснето дека е одбиено барањето на „Тиквеш„ за ставање привремена мерка со која би се забранило пуштањето на акцептни налози од Министерството за финансии. Тоа, пак, отворило простор за активирање на акцептните налози од страна на ресорното министерство.
Наплатата на акцептните налози можеше да се реализира само со повлекување на средства од сметката на винарската визба, кое веројатно е активирано по пристигнато барање за блокирање на сметката.
Вчера во Министерството за финансии изјавија дека тие речиси една година водат спор со „Тиквеш„ и дека целата постапка се води од страна на судот, поради што тие немаат информација до каде е целата постапка.
Ѓорѓи Петрушев, член на менаџерскиот тим на „Тиквеш„, вчера ниту потврди, но ниту одрече дека сметката на оваа винарска визба е блокирана, не сакајќи да ги коментира овие наводи. Затоа, пак, оваа вест ја потврди градоначалникот на Кавадарци, Панчо Минов, кој е запознат со блокирањето на сметката.
Во интервју, пак, за „Утрински весник„ во септември годинава, министерот за финансии, Никола Поповски, изјави дека Министерството за финансии нема спор во врска со приватизацијата на „Тиквеш„, туку во врска со побарувањето од околу 500 милиони денари што го има државата, односно ова Министерство.„За тоа имаме поведено судски спор, имаме пресуда од Апелациониот суд во наша корист и чекаме извршување на одлуката од страна на судот„, изјави во таа пригода Поповски.
Блокирањето на сметката на оваа најголема винарската визба ќе значи целосно блокирање на нејзината работа, а со тоа и неможност за исплата на грозјето што се откупува. Ова кавадарчани го оценуваат како дополнителен услов за влошување на состојбите во овој регион, кој еден месец наназад живее под притисок предизвикан од неизвесноста на откупот. Во почетокот, проблем беше откупната цена, а во меѓувреме се премина на проблемот за целосен откуп на понуденото грозје. „Тиквеш„ најави двојно поголем откуп на грозје од минатата година заради надминување на тензијата, но по сў изгледа блокирањето на сметката ќе ги наруши плановите за поголем откуп, но и за исплата на она што досега е откупено и она што треба да се откупи како суровина за производство на вино.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Поплавени куќи, затворени училишта: поројните дождови предизвикаа колапс на грчкиот остров Лезбос
Ноќните поројни дождови на грчкиот остров Лезбос, ги поплавија куќите и другите објекти на западниот дел од егејскиот остров и ги принудија локалните власти да затворат неколку училишта за инспекции и поправки, објави Екатимерини.
Најтешко погодени беа областите Калони и Скала, а жителите ја опишаа количината на вода што падна на островот како „невидена“.
Одлуката за затворање на сите училишта во западен Лезбос беше донесена како превентивна мерка, поради интензивните и продолжени поројни дождови, кои зафатија значителен дел од островот, предизвикувајќи прекини во сообраќајот и зголемувајќи го ризикот од патување за учениците и наставниците, наведоа локалните власти во соопштението.
Тие исто така им советуваа на жителите да се воздржат од непотребни патувања додека не се изврши целосна проценка на штетите на патот.
Фото: принтскрин
Свет
Бен Гвир делеше слатки за време на одобрувањето на законот за смртна казна во Кнесетот
Израелскиот Кнесет усвои во прво читање закон со кој се воведува смртна казна за палестинските затвореници осудени за убиство на израелски граѓани. Законот го предложи пратеникот на Кнесетот Лимор Сон Хар Мелех, а предлогот сега оди на разгледување во комисиите пред второто и третото читање.
Предлогот доби значително мнозинство гласови – 39 пратеници гласаа за него, додека 16 гласаа против.
По гласањето, крајнодесничарскиот министер Итамар Бен Гвир го прослави резултатот делејќи слатки, изразувајќи задоволство од одлуката, за која рече дека „носи правда за израелските жртви“.
Според нацрт-законот, секое лице кое ќе убие израелски граѓанин од расна или национална омраза или со намера да им наштети на државата Израел и на еврејскиот народ, ќе биде осудено на смрт како единствена пропишана казна.
Законот, исто така, ја менува постојната законска рамка, дозволувајќи им на воените судови да изрекуваат смртна казна со мнозинство гласови од судиите, наместо едногласно, како што беше случај досега. Покрај тоа, откако пресудата ќе стане конечна, таа не може да се измени или поништи.
Предлогот предизвика силни реакции во Израел и меѓународната заедница, со предупредувања дека усвојувањето на законот може дополнително да ги влоши израелско-палестинските тензии и да претставува сериозно отстапување од претходната израелска правна пракса, која исклучително ретко ја применува смртната казна.
Фото: принтсркин
Свет
Германија планира огромно зголемување на помошта за Украина
Германската влада има намера да ја зголеми својата поддршка за Украина на повеќе од 11,5 милијарди евра следната година, за да ѝ помогне на земјата да се одбрани од руската агресија.
Според податоците, овој износ е вклучен во предлогот на Министерството за финансии, кој ќе биде предмет на последната дебата за нацрт-буџетот за 2026 година во буџетската комисија на Бундестагот.
Владини извори минатата недела изјавија дека дополнителните средства ќе бидат наменети за артилерија, беспилотни летала и оклопни возила, како и за замена на два системи за воздушна одбрана „Патриот“.
Комисијата на Бундестагот ќе одржи таканаречена „последна седница“ во четврток за да направи конечни прилагодувања на буџетот за 2026 година.
Како што претходно објавија извори блиски до германскиот канцелар Фридрих Мерц, владата верува дека ќе може да се спротивстави на повиците на опозицијата за суспендирање на помошта за Украина, во светлината на обвинувањата што ги поврзуваат украинските граѓани со експлозиите на гасоводот „Северен тек“ во Балтичкото Море.
Според германските истражители, се верува дека групата Украинци кои учествувале во тие експлозии дејствувале под команда на тогашниот врховен командант на украинските вооружени сили Валериј Залужни.

