Македонија
Поставен камен-темелник на катната гаража кај НУБ „Св. Климент Охридски“
Скопје ќе добие уште една катна гаража која ќе биде изградена во центарот на градот во близина на НУБ „Св. Климент Охридски“.
Скопје ќе добие уште една катна гаража која ќе биде изградена во центарот на градот во близина на НУБ „Св. Климент Охридски“.
Ова е прва од предвидените четири катни гаражи кои корпорацијата „Макоил“ планира да ги изгради во Скопје.
Денеска беше поставен камен-темелникот на катната гаража која е предвидено да располага со 260 паркинг места.
Основата на градбата е 1.340 метри квадратни, а вкупната инвестиција е околу 3,5 милиони евра.
Директорот на „Макоил“ Мите Јовановски најави дека катната гаража предвидено е да се изгради за 210 работни дена и рече дека по 2-3 месеци ќе почне градењето и на другите катни гаражи.
Корпорацијата „Макоил“ во наредните пет години планира да инвестира 18 милиони евра во изградбата на преостанатите три катни гаражи и изградба на три бензински пумпи и предвидено е да се отворат околу 100 нови работни места.
На поставувањето на камен-темелникот присуствуваа премиерот Никола Груевски и градоначалниците на Град Скопје, Коце Трајановски и на општина Центар, Владимир Тодоровиќ. /крај/бд
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Во ек на сезона на пневмонии и грипови, нема рентген на државно – матичен лекар ја критикува состојбата на клиниките
Матичен лекар укажа на проблеми со упатите на клиниките во Скопје, додека амбулантите се преполни со пациенти болни од грип.
Д-р Драган Ѓоргиевски вели дека кога пациентот е со влошена клиничка слика потребен е ртг наод, но на клиниките апаратите за рентген не им работат, или пак ги блокирале итните упати поради гужвите.
„Почнувам со најблиската поликлиника: Јане Сандански (ртг апаратот не работел), Клиника за радиологија ги блокирала итните упати, инаку пнеумонии и плеврални изливи се итни состојби. ГОБ 8.Септември исто. Ги проверив сите поликлиники: Букурешт, Чаир, Бит Пазар, и итен упат не дозволува. Единствено даде во Ѓорче Петров и гледај чудо таму не работеле со итни упати имале гужва. Епа и матичните имаат гужва. Јас денес 90 луѓе во една смена прегледав и никој не ме прашал дали сум имал гужва. Епа нека ми објасни некој каде во Скопје на државно да се направи ртг наод“, прашува докторот во објава на социјалните мрежи.
Како што додава, во сезона на грип и пневмонии не е коректно сите поликлиники да бидат блокирани. Ни останува, вели тој, сите со наоди да ги пратиме на Инфективна, додека и тие не ги блокираат упатите.
Македонија
Груби доби отказ од тетовскиот универзитет кадешто предаваше новинарство
Поранешниот вицепремиер, Артан Груби доби отказ од тетовскиот универзитет поради тоа што не се појавил на работа.
Груби на универзитетот беше вработен како асистент по новинарство.
Функционерот од редовите на ДУИ се бара со меѓународна потерница поради сомнеж за криминал во „Државна лотарија“, а се наоѓа и на црната листа на САД поради вклученост во корупција. Тој не е достапен за органите на прогонот.
Македонија
Чулев обвинува за сериозни злоупотреби од претходната власт во разузнавачкиот систем, го повика Обвинителството да отвори истраги
Поранешниот министер за внатрешни работи, Наќе Чулев, обвини за сериозни злоупотреби во безбедносно-разузнавачкиот систем, за време на претходната власт предводена од СДСМ и ДУИ.
Тој во текст објавен на социјалните мрежи пишува дека безбедносно – разузнавачките институции не се реформирани, а во нивните рамки се направени сериозни злоупотреби кои мора да бидат предмет на истрага од страна на Јавното обвинителство. Овие злоупотреби, според Чулев, се потврда за користење на институциите за следење и негативно етикетирање на личности, како и за обиди за спречување на промена на власта.
„Во контекст на наводите објавени од премиерот Христијан Мицкоски за фабрикувани конструкции за пара-полициски вооружени формации, јавно го повикувам Обвинителството да истражи зошто ваквите информации не беа доставени до МВР, иако тоа експлицитно го побаравме во неколку наврати. Имено, по преземањето на функцијата технички министер, побарав писмено, но и во рамки на работен состанок, од надлежните институции да достават информации за потенцијални безбедносни ризици во пресрет на одржување на изборите. Вакви информации, до мене, МВР, но и до владата и Советот за координација на безбедносно-разузнавачката заедница во тој период воопшто не беа доставени“, вели Чулев.
Ексминистерот натаму прашува доколку институциите располагале со такви информации за сериозни безбедносни закани, зошто истите не биле доставени до надлежните институции во исклучително сензитивниот предизборен период и покрај тоа што истото во неколку наврати било побарано од негова страна. Додава дека неопходно е јавното обвинителство да отпочне активности за решавање на овие отворени прашања и утврдување на сите инволвирани лица и незаконски дејствија.