Македонија
ТАВ Македонија му посака добредојде на милионитиот патник на скопскиот аеродром

„ТАВ Македонија“, компанијата која е дел од водечкиот аеродромски оператор, холдингот „ТАВ Аеродроми“, во вторникот го пречека милионитиот патник на аеродромот „Александар Велики“ во Скопје, со церемонија за доделување на награда.
Милионитиот патник се сретна со раководството на „ТАВ Македонија“ и доби целосно платено викенд-патување за двајца во Истанбул.
„ТАВ Македонија“ покажа одличен успех на скопскиот аеродром со милион услужени патници во десетте месеци од оваа година. Навистина ни е задоволство што ја постигнавме оваа пресвртница на аеродромот ’Александар Велики’ Скопје, како резултат на нашите услуги кои се ориентирани кон патниците. Поради оваа причина, ја добиваме и наградата за квалитет на аеродромските услуги на Меѓународниот совет на аеродроми веќе две години по ред. Нашиот деловен концепт докажа дека им даваме важност на патниците и на авиопревозниците со највисок квалитет на услуги“, изјави генералниот директор на ’ТАВ Македонија’“, Зоран Крстевски.
Крстевски додаде дека нивната цел е да се зголеми бројот на нови дестинации и летови, како и повеќе и подобри комерцијални услуги, како услуги за храна и пијалоци со БТА- операторот на „Cakes and Bakes“, АТУ – операторот на бесцаринските продавници, редовната автобуска линија со Скопје, такси услугите, агенциите за изнајмување возила, и интернет-услугите.
Алпер Ерсој, заменик-генералниот директор за операции на „ТАВ Македонија“, изјави дека откако компанијата го презеде управувањето со аеродромот, бројот превезени патници, бројот нови авиолинии и дестинации е во континуиран пораст.
„Порастот на бројот на патници на годишно ниво особено се засили по 2010 година. Ако во 2009 година само 599.519 патници патувале низ скопскиот аеродром, еѓу јануари и октомври годинава дочекавме еден милион патници. Бројот на патници се зголеми за 66 отсто во изминатите пет години“, изјави Ерсој.
Тој нагласи дека од почетокот на раководењето со скопскиот аеродром, компанијата ја прошири мрежата на летови со нови авиопревозници и нови дестинации, при што моментално има директна авиолинија со 26 градови во Европа, како и со Дубаи.
Успехот на „ТАВ Македонија“ се заснова особено на знаењето, мрежата и маркетиншката стратегија кои ги има компанијата, рече Ерсој, додавајќи дека компанијата ќе продолжи да соработува со Владата, со владините институции и со авиопревозниците со цел понатамошно да ги развие аеродромите во Скопје и Охрид.
Покрај дводневното сместување за двајца во хотел во Истанбул и вечера во екслузивен ресторан, среќниот милионити патник доби и ваучер за шопинг во фришопот во вредност од 200 евра, како и обезбедени бесплатни услуги во бизнис-салоните во рамки на аеродромот./крај/мф/бс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Дурмиши од Струга: Инвестираме 40 милиони евра за граѓаните да останат и напредуваат дома

Денеска во Струга, Министерството за економија и труд и Агенцијата за вработување ја одржаа јавната презентација на Оперативниот план за вработување 2025. Настанот привлече голем интерес кај граѓаните, бизнисите и локалните институции, а главниот фокус беше ставен на мерките што директно ја засилуваат вработеноста и ја стимулираат економијата.
На презентацијата присуствуваше и министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши, кој порача дека Владата вложува во граѓаните – нивните идеи, капацитети и амбиции.
„Не нудиме празни ветувања, туку конкретни мерки, средства и поддршка. Оперативниот план е алатка за секој кој сака да започне, да се дообучи или да се вработи. Целта е јасна – да создадеме можности тука, дома“, истакна министерот Дурмиши.
Планот за 2025 година предвидува инвестиција од 40 милиони евра, насочена кон повеќе од 10.000 граѓани, а oд Министерството велат дек досегашниот одѕив покажува дека мерките веќе го даваат посакуваниот ефект.
Мерката за практикантство обезбедува вклучување на 1.352 млади лица до 29 години, од кои 40 преку онлајн практикантство. Секој учесник ќе добива месечен надомест од 12.000 денари во период од три месеци.
„Субвенционираното вработување за микро, мали и средни претпријатија веќе има над 2.000 апликации – доказ за високиот интерес на приватниот сектор да учествува во креирање нови работни места“, велат од Министерството.
Се додава и дека финансиската поддршка за започнување сопствен бизнис е успешно затворена со над 6.000 апликации, а во тек е селекцијата на корисниците, додека мерката 3.1 – Обука кај познат работодавач и понатаму останува една од најефикасните алатки за вработување.
„Овие бројки не се само статистика – зад секоја апликација стои приказна, надеж и одлука да се направи чекор напред. Нашата задача е да ја поддржиме таа одлука со реални алатки“, додаде министерот Дурмиши.
Настанот во Струга е дел од поширока теренска кампања, со која Министерството и Агенцијата за вработување ги претставуваат мерките директно пред граѓаните. Следуваат презентации во Гостивар, Кичево, Сарај, Липково и други општини со висока стапка на невработеност.
Економија
Конституенцата на ММФ и СБ: Народната банка e столб на макроекономската и на финансиската стабилност

Гувернерот Трајко Славески, и министерката за финансии, Гордана Димитриеска-Кочоска, ја предводеа делегацијата на годишниот состанок на Конституенцата на Меѓународиот монетарен фонд (ММФ) и Светската банка (СБ), на која ѝ припаѓа нашата земја, а којшто годинава се одржува во Луксембург.
Дел од делегацијата е и вицегувернерката Ана Митреска. На билатералните средби коишто ги остварија беше потврдена улогата на Народната банка како столб на макроекономската и финансиската стабилност во земјава.
За време на средбите со високите претставници од ММФ и Светската банка − Јерун Клик, Марникс ван Рај, Марк Хортон и Јуџин Ругенаат − се водеа плодни дискусии за сегашните предизвици на централните банки.
Во рамките на дијалогот беше истакната важноста на координацијата меѓу централните банки и меѓународните финансиски институции за унапредување на финансиската вклученост, дигитализацијата на финансискиот систем и унапредувањето на регулативните рамки. Се разговараше и за начините на кои Народната банка ја поддржува макроекономската стабилност преку ефикасно управување со монетарната политика и силна регулаторна улога.
Овие средби ја потврдија довербата во капацитетот и посветеноста на Народната банка како стабилен и кредибилен партнер, што придонесува кон создавање отпорна и успешна економија, со подобри услови за граѓаните и за стопанските субјекти.
Народната банка и во иднина ќе биде посветена на својата мисија за обезбедување сигурност и стабилност на финансискиот систем, како основа за одржлив економски развој и напредок на земјава.
Економија
Првите четири банки од земјава впишани во регистарот на Европскиот совет за плаќања – започнува членувањето во СЕПА

Европскиот совет за плаќања (ЕПС) ги впиша првите четири банки од нашата земја – станува збор за три големи и една средна банка – во регистарот на учесници во шемата за кредитни трансфери на СЕПА. Овој важен чекор е резултат на успешно поднесени барања од страна на овие банки, а со тоа официјално започнува и членувањето на нашата земја во СЕПА.
Овие банки ќе започнат со вршење на кредитните трансфери во СЕПА од 6 октомври 2025 година.
Се очекува и останатите осум деловни банки, кои најавија дека ќе поднесат барања во периодот од јуни до август оваа година, ќе бидат впишани во регистарот на ЕПС и ќе започнат со вршење на плаќањата во рамките на СЕПА до 6 октомври.
Да потсетиме, на 6 март 2025 година ЕПС го прифати барањето за членство коешто го достави Народната банка за нашата земја, со што станавме членка на Единствената област за плаќање во евра (СЕПА). Со ова се овозможи приклучување на домашните банки во европските платежни шеми преку кои се извршуваат плаќањата во евра, во географски опсег од 41 земја членка.
Интеграцијата на банките од земјава во европскиот платежен екосистем носи бројни придобивки за граѓаните и за компаниите – пред сѐ побрзи, поефикасни и поевтини прекугранични плаќања во евра, како и поголема економска поврзаност и активност.
Народната банка, како институција којшто ги координираше активностите за членство во СЕПА, останува целосно посветена на процесот на интеграција на банките и ќе продолжи редовно и навремено да ја информира јавноста за постигнатиот напредок.