Македонија
Милошоски: Датум за преговори позитивно би влијаел на спорот со името
Одредувањето на датум за старт на пристапни преговори на Македонија со Европската Унија на декемврискиот самит на Европскиот Совет позитивно би влијаело на напорите за изнаоѓање на решение во спорот со името со Грција.Ова пред членовите на собраниската Комисија за надворешна политика го истакна шефот на македонската дипломатија, Антонио Милошоски. Тој реферираше за активностите во делот на надворешната политика во текот на изминатата година, ставајќи акцент на шест-месечното претседателство со Комитетот на министри на Советот на Европа, годишниот извештај на Европската Комисија за напредокот на земјата, самитот на НАТО во Лисабон, како и односите на Македонија со земјите од регионот, Европа и Светот. Во однос на недобивањето на датум за старт на преговори пет години по стекнувањето на кандидатскиот статус, Милошоски со став – оваа состојба е неодржлива. „Ваквата статусна состојба не е долгорочно одржлива и како земја кандидат која што следниот месец ќе воспостави целосна трговска асоцијација со Европската Унија согласно спогодбата за стабилизација и придружување , така и во однос на кредибилитетот на Европската Унија и политиката на проширување која што се покажа како најуспешна мировна политика на овој континент, но и политика за економски напредок и пријателство“, рече Милошоски.Шефот на дипломатијата отворено изрази очекува европските институции, како што рече, да ги олеснат создавањето на неопходните политички импулси во однос на потрагата по решение на спорот со името.„Затоа ние апелираме до нашите европски партнери дека донесувањето на одлука за почеток на преговори со Република Македонија овој декември би имала токму таков ефект – да се даде неопходниот политички импулс за зајакнување на довербата за возвратни активности во духот на европската соработка и добрососедските односи и за создавање на неопходната позитивна клима во меѓусебните македонско-грчки односи за изнаоѓање на применливо и неодржливо решение за спорното прашање наметнато од страна на Република Грција“, рече Милошоски.Дел од пратениците како скудна ја оценија годишната анализа на министерот Милошоски. Во изјавата на шефот на дипломатијата препознаа монотони фрази, со кои, според нив, се потврдувала статус кво ситуацијата во која се наоѓа дипломатијата. „Мислам дека третманот и на оваа престижна комисија и воопшто третманот на владата кон парламентот е несоодветен. Вие не може да ги решите проблемите ако не бидете отворени и ако не побарате од нас поддршка. Ние не може на невидено да ве поддржиме кога гледаме дека петта година сте непродуктивни. На крајот се бројат резултатите“, рече пратеникот Владо Бучковски од СДСМ.„Мислам дека тука нема ништо ново во ова излагање, не нуди решенија, ни нуди само фрази кои што се монотони, кои што имаат за цел да ја стабилизираат и смират ситуацијата во статусот во кој што се наоѓаме. На некој начин тие фрази се обид за покривање на очајот во кој што е Република Македонија“, рече Ѓорги Оровчанец од Нова Алтернатива.Дел од пратениците, пак, побараа создавање на државна позиција врз основа на консензус во однос на проблемот со Грција.„Треба да размислиме што ако следните 50 години Република Грција инсистира на ова радикално решение – едно име за севкупна употреба. Што тогаш? Сите знаеме дека тоа не е решение, не е предлогот кој ниту може да се прифати, ниту да се направи реален компромис. Затоа мислам дека како почеток на решавање на оваа пат-позиција треба да биде изградба на консензус помеѓу сите нас, добронамерно, коректно, со толеранција, со почитување на различностите на меѓу нас“, изјави Лилјана Поповска, пратеник од ДОМ.„Самото претседавање со Советот на Европа е можеби најдобриот демант за квалификацијата изолирана земја. Сепак, претседавањето со оваа организација, одржувањето на конференции во Република Македонија и во Стразбур е доволен доказ дека Република Македонија проактивно учествува во меѓународниот дипломатски и политички живот во организациите кои што играат важна улога на европскиот континент“, одговори Милошоски.Тој, исто така, рече дека министерството нема ништо против создавањето на заедничка стратегија во однос на спорот со името доколку, според него, се создадат услови за нејзино едногласно носење. /крај/ач
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Општина Бутел обезбеди еднократна финансиска помош за ранливи категории граѓани
Општина Бутел и оваа година обезбеди средства за исплата на еднократна финансиска помош за најранливите категории на граѓани.
Како што информираат од Општината, финансиската поддршка е дел од програмата за социјална заштита за 2026 година и произлегува од изборната програма на градоначалникот Дарко Костовски, која континуирано се спроведува веќе пет години.
Поддршката е наменета за граѓани со здравствени проблеми, како и за сите други ранливи категории граѓани. Од Општина Бутел истакнуваат дека оваа мерка претставува подадена рака и исполнување на дадените обврски кон граѓаните.
Во соопштението се наведува дека градоначалникот останува посветен на креирање политики кои обезбедуваат заштита на најранливите категории, како и создавање средина со еднакви можности за сите граѓани, при што се нагласува дека предизборните ветувања се реализираат во практика.
Македонија
(Видео) Фрчкоски од СДСМ обвинува: 51 тендер добила иста фирма по локалните избори
Антикорупцискиот тим на СДСМ денеска изнесе обвинувања за сомнителни тендери, посочувајќи дека фирма блиска до ВМРО-ДПМНЕ добила 51 тендер во вредност од околу 16 милиони евра.
На прес-конференција, членот на Извршниот одбор на СДСМ, Јон Фрчкоски, изјави дека станува збор за фирмата „Пирамид билдинг солушнс“, која, според тврдењата на СДСМ, од 2022 година, односно од периодот по локалните избори до денеска, добивала тендери во општини под контрола на ВМРО-ДПМНЕ.
Фрчкоски наведе дека само во општина Аеродром фирмата добила 22 тендери, во Гази Баба 10, како и во општините Ѓорче Петров, Прилеп, Битола и Гевгелија. Според СДСМ, дел од тендерите биле финансирани и со средства од унгарскиот кредит.
Како последен пример, од СДСМ го посочија тендерот од декември 2025 година со Град Скопје, во вредност од 320.000 евра, кој, според нив, бил доделен веднаш по преземањето на функцијата градоначалник од страна на Орце Ѓорѓиевски.
Македонија
Непознати глутници се појавија преку ноќ – пронајдени улични кучиња од Албанија во Скопје, се бара истрага и проверка на безбедносните камери
Здружението за заштита на животните Анима Мунди алармира и јавно бара итна, темелна и независна истрага поради сериозни индиции за организирано внесување и дислоцирање на кучиња во град Скопје, појава која, како што наведуваат, директно ја загрозува јавната безбедност, благосостојбата на животните и владеењето на правото.
Од здружението информираат дека во изминатите денови, на територијата на општина Карпош се појавила нова глутница кучиња кои се целосно непознати за локалното население и не се дел од постоечката улична популација. Според Анима Мунди, станува збор за нестерилизирани и необележани кучиња, што, како што наведуваат, исклучува можност за природен прираст и укажува на насилна дислокација.
Во соопштението се наведува дека јавното претпријатие ЈП Лајка нема оставено, ниту испуштено ваква бројка нестерилизирани и необележани животни на ниту една локација во Скопје, при што се посочува дека граѓаните со години ги познаваат уличните кучиња во своите маала, а овие животни не се дел од таа популација.
Анима Мунди информира дека на терен биле пронајдени и кучиња со ушни маркици од Република Албанија, што, како што наведуваат, отвора сериозни сомнежи за нелегален и можен прекуграничен транспорт и напуштање на животни.
Здружението бара целосна проверка на сите јавни и приватни безбедносни камери на локациите каде што кучињата се појавиле, како и на сите влезно-излезни правци кон Скопје. Се бара од Министерство за внатрешни работи и Јавно обвинителство да утврдат кој, како и од каде ги транспортира и истовара животните, наведувајќи дека, според нив, не станува збор за изолиран случај, туку за логистички организирана активност.
Во соопштението се наведува дека масовното напуштање и дислоцирање кучиња претставува суровост и сериозна општа опасност, поради што Анима Мунди поднела конкретни предлози за измени на Законот за заштита и благосостојба на животните, како и предлог-измени на Кривичниот законик, со кои напуштањето миленик, суровоста и предизвикувањето општа опасност би се третирале како кривични дела, по примерот на Република Хрватска.
Истовремено, од здружението упатуваат итен јавен повик до ЗЕЛС ова прашање да се отвори и дискутира на ниво на сите градоначалници, нагласувајќи дека секоја општина мора хумано и законски да ја третира проблематиката со уличните кучиња, преку масовна стерилизација, јасна евиденција и најстроги санкции каде што ќе се утврди масовно дислоцирање.
„Ова не е проблем на една општина. Ова е системска злоупотреба и мора да биде санкционирана“, се наведува во соопштението, со барање за итна истрага, одговорност и преземање мерки за сторителите да бидат најстрого санкционирани согласно закон.
Фото: илустрација (pexels)

