Македонија
Македонија прва од регионот на листата Doing Business 2010
Македонија е рангирана на 32 место на листата на Светска банка Doing Business 2010, меѓу 183 држави и оствари скок од 37 места во однос на лани, кога беше на 69-та
Истовремено, Македонија е трета меѓу топ-реформаторите во светот на листата што Светска банка, секоја година, ја објавува заедно со извештајот Doing Business.Македонија со високото 32 место на листата Doing Business 2010 е рангирана најдобро во регионот, пред Бугарија (44), Словенија (53), Романија (55), Црна Гора (71), Турција (73), Албанија (82), Србија (88), Хрватска (103), Грција (109), Косово (113), Босна и Херцеговина (116) Земјите на листата Doing Business се рангирани според десет категории. Тоа се: започнување бизнис, добивање градежни дозволи, вработување на работници, регистрирање на недвижности, добивање кредит, заштита на инвеститорите, плаќање данок, прекугранично тргување, присилно спроведување договори и затворање на фирми.Македонија е најдобро рангирана во категоријата „започнување бизнис“ и се нагласува дека фирма се регистрира со 4 процедури за 4 денови, без минимален капитал. Добри резултати Македонија има и во областите „заштита на инвеститорите“ и „плаќање даноци“, а најлошо стои во категориите „регистрирање на имот“ и „затворање на бизнисот“.Македонија во однос на минатогодишната листа, напредувала во сите категории, освен во „добивање кредити“ и „присилно спроведување на договорите“.Најдобри на светот за водење бизнис, според оваа листа се Сингапур, Нов Зеланд, Хонг Конг, САД, Велика Британија, Данска, Исланд, Канада, Австралија и Норвешка, а на дното на листата се Централно-африканската Република, Конго, Демократска Република Гвинеја-Бисао, Сао Томе енд Принципе, како и Република Конго.Светска банка, секоја година, заедно со извештајот Doing Business, ја објавува и листата на топ – реформатори на светот, на која и годинава се најде Македонија, на високото трето место.Првпат годинава топ реформатор е земја од суб сахарска Африка и тоа Руанда, а по неа следуваат Киргистан, Македонија, Белорусија, Обединетите Арапски Емирати, Молдова, Колумбија, Таџикистан, Египет и Либерија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) МВР: Изборниот ден тече мирно со регистрирани помали инциденти
До сега Министерството за внатрешни работи нема регистрирано посериозни нарушувања на јавниот ред и мир во текот на гласањето, кое, генерално, се одвива мирно, без проблеми, соопшти портпаролот на МВР Тони Ангеловски на денешната прес конференција.
„Од отворањето на гласачките места до 11.00 часот регистрираме две пријави за поставен штанд на политичка партија во близина на гласачко место во Шуто Оризари, како и за залепени плакати и расфрлани летоци на подрачјето на Чаир во Скопје и се преземааат мерки за расчистување на случаите. Исто така, имаме пријави за агитирање во Тетово, Скопје, Куманово село Баница, струмичко и општина Боговиње, но по преземени мерки од страна на полициските службеници, тие наводи до сега не се потврдени“, соопшти Ангеловски.
Министерството за внатрешни работи апелира до граѓаните и до учесниците во изборите и во останатиот дел од гласањето да се воздржат од инциденти, а доколку има било какво нарушување на изборниот процес граѓаните веднаш да ја известат полицијата на броевите 192 и 112 или да пријават во најблиската полициска станица.
Македонија
Со УВ ламба и спреј ќе продолжи гласањето на избирачки места во Кочани, Охрид и Куманово
На едно избирачко место во Кочани, едно во Охрид и едно во Куманово, каде што утрово беа пријавени технички проблеми со биометриските уреди, гласањето ќе продолжи со УВ ламба и спреј. Претседателот на Државната изборна комисија Александар Даштевски рече дека на сите останати места гласањето се тече без проблеми.
„Што се однесува до избирачките места кои ова утро имаа проблеми со користење на техничките апарати, во три избирачки места се отстранети, а во три ќе се продолжи со гласање со УВ ламба и спреј. Тоа се 0838/1 во Кочани, 1252 во Охрид и 1100 во Куманово. Само на тие места ќе се гласа на стариот начин бидејќи на сите други места гласањето е во ред“, рече претседателот Даштевски.
Технички проблеми со биометриските уреди утрово беа пријавени и на гласачки места во Тетово и во Гази Баба.
До 11 часот во ДИК стигнале 164 приговори за лично избирачко право. Од нив 50 се усвоени и на гласачите им е овозможено да го остварат правото на глас, седум приговори се отфрлени како неуредни, а девет приговори се одбиени. Останатите се уште се во обработка.
Македонија
Одѕивот на претседателските избори до 11 часот е 12,87 отсто, а на парламентарните 13,69 отсто
Според податоците од 2080 избирачки места за претседател на државата до 11 часот гласале 12,87 отсто од гласачите. Државната изборна комисија (ДИК) соопшти дека од вкупно запишани 1.096. 219 гласачи на овие избирачки места гласале 141.087 гласачи односно 12,87 отсто.
Најголем одѕив за претседателските избори има во Пробиштип 27,85 отсто, а најмал е одѕивот во Липково 1,76 отсто.
„Може да се забележи дека во Источна и Централна Македонија многу повеќе гласачи гласале на претседателските избори отколку во Западна Македонија каде што процентот е многу низок“, рече претседателот на ДИК Александар Даштевски.
До 11 часот пристигнати се податоци за одѕив на гласачите за парламентарните избори од 1.976 избирачки места. Од вкупно запишани 1. 030.092 гласачи на овие избирачки места гласале 140.990 граѓани. Одѕивот е 13,69 отсто. Најголем одѕив на парламентарните избори има во Кривогаштани 28.38 отсто, а најмал е одѕивот во Врапчиште 5,2 отсто.
Претседателот Даштевски речe дека споредено со парламентарните избори во 2020 година на денешните избори има зголемување на одѕивот од 2,69 отсто.