Македонија
Седум години од загинувањето на претседателот Борис Трајковски
NULL
Денеска се одбележуваат седум години од загинувањето на претседателот Борис Трајковски. Владиниот “Кингер” со којшто патуваше претседателот Трајковски, кој требаше да стигне на Меѓународна конференција за инвестирање во Босна и Херцеговина на 26 февруари 2004 година се урна во атарот на Матиќ Брдо кај селото Хусковиќи во близина на Мостар. Беше предвидено авионот да слета на мостарскиот аеродром во осум часот по локално време. Остатоците беа пронајдени 24 часа по паѓањето на авионот. И македонското и босанското обвинителство случајот го затворија како несреќа. Официјално несреќата се случила поради грешка на пилотите. Сомнежите дека загинувањето на Трајковски не е несреќен случај, туку убиство ги поттикна швајцарскиот пратеник во европскиот парламент Андреас Грос. Тој беше и иницијаторот за формирање на анкетната комисија која ги истражува околностите под кои загина претседателот Трајковски.Неколку дена пред одбележувањето на седумгодишнината од несреќата на Трајковски, неговиот брат – близнак, Александар Трајковски изјави дека неговиот брат е убиен. „Врз мојот брат беше извршен атентат. Тој е убиен и неговото загинување не беше случајност. Некому му пречеше неговата работа, неговата искреност и успесите и најдобро беше физички да го отстрани. Тоа е трагедија за семејството и за државата, меѓутоа за мене тоа е атентат и не е случајност, убиство на претседателот“ изјави Трајковски.Во несреќата покрај Трајковски животот го загубија Димка Илкова – Бошковиќ, Ристо Блажевски и Анита Кришан – Лозановска од Кабинетот на претседателот, Миле Крстевски од Министерство за надворешни работи, Борис Велинов и Аце Божиновски, членови на обезбедувањето, и пилотите Марко Марковски и Бранко Ивановски.На седумгодишнината од смртта на Борис Трајковски, сегашниот претседател, Ѓорге Иванов ќе го посети местото на несреќата, за да му оддаде почит на својот колега. На Ротимље, ќе се обратат претседателот Ѓорге Иванов, градоначалникот на Мостар, Љубо Бешалиќ, Претседателот на Владата на херцеговачко-неретванската жупанија, Среќко Борис, каде ќе положат и венец./крај/фф
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Превозниците вечерва ја прекинуваат блокадата на границите
Вечерва во 20:00 часот ќе биде прекинат протестот на граничните премини за тешки товарни возила, информира АМСМ.
На патниот правец Р-1302 Берово – Струмица (кај с.Ратево) поради поголем одрон сообраќајот се одвива по направена девијација во должина од 50 метри.
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по претежно влажни коловози. Слаби врнежи од снег се бележат на патниот правец с.Лисец – Попова Шапка. Појава на магла и намалена видливост на планинските премини: Плетвар до 50 метри, Пресека до 100 метри и Стража до 150 метри.
Од 15.11.2025 година започна законската обврска за задолжително поседување на зимска опрема во возилата, без оглед на моменталната временска состојба. Оваа обврска ќе трае до 15.03.2026 година. Повеќе информации може да прочитате на овој линк.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Муцунски и еврокомесарката за проширување, Марта Кос, разговараа за предизвиците на превозниците
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, попладнево оствари телефонски разговор со еврокомесарката за проширување, Марта Кос.
Фокусот на разговорот беше ставен на актуелните економски предизвици и евроинтегративниот процес, соопштија од Министерството.
„Соговорниците разменија мислења за изнаоѓање конкретно и одржливо решение за предизвиците со кои се соочуваат професионалните превозници, како и за прашањето поврзано со тарифите за челик. Во тој контекст, министерот Муцунски ја нагласи потребата од навремена и координирана реакција, со цел да се избегнат дополнителни негативни ефекти врз домашната економија“, се наведува во соопштението.
Во контекст на евроинтегративниот пат на државата, министерот Муцунски ја потврди јасната и силна посветеност кон реформскиот процес, обезбедувањето континуитет во неговото спроведување, како и усвојувањето на законите кои се составен дел од европската агенда.
Македонија
Гаши на средба со австрискиот амбасадор
Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Африм Гаши, на денешната средба со амбасадорот на Република Австрија ги истакна пријателските односи помеѓу двете земји и се заблагодари за подршката на Австрија на интегративниот пат на нашата земја во Европската Унија.
Амбасадорот Памер, во контекст на одличните односи помеѓу двете држави, го информираше претседателот за проект кој ќе го унапреди културното поврзување меѓу двете држави. Амбасадорот истакна дека за вакви големи проекти е потребна поддршка од највисоките институции, вклучително и од Собранието.
Претседателот истакна дека ги поддржуваа проектите кои ја унапредуваат соработката и ги продлабочуваат односите на билатерално ниво и оттука Собранието е на располагање да го поддржи проектот.
Соговорниците разменија мислења и за актуелните политички случувања кај нас и во светот, како и за процесот на европската интеграција.

