Свет
Се дига рампа за босанското млеко?

До јуни годинава во земјава влегле три милиони литри млеко од Босна, а надлежните служби го испитуваат нивното потекло поради сомневањата дека тоа е словенечко
До јуни годинава во земјава влегле три милиони литри млеко од Босна, а надлежните служби го испитуваат нивното потекло поради сомневањата дека тоа е словенечко
Слободниот увоз на млеко од Босна и Херцеговина во земјава е доведен во прашање. Поради големиот наплив на босанско млеко на македонскиот пазар, Владата денеска ќе дискутира за состојбите и ќе одлучи дали ќе воведе царина од 30 отсто и покрај Договорот за слободна трговија што го имаме со оваа земја.
Премиерот Владо Бучковски изјави дека Македонија ќе ја спушти рампата за босанското млеко ако се потврдат сомневањата дека во земјава се увезува алпско млеко, кое е само препакувано во Босна.
– Тоа ќе биде можност да се стабилизира состојбата со млечната криза во земјава – рече премиерот.
Според официјалните податоци, до јуни годинава во земјава влегле три милиони литри млеко од Босна. Според домашните млекари, ова се огромни количества и тие се сомневаат дека станува збор за словенечко млеко. Надлежните државни служби го испитуваат потеклото на млекото и ако се потврдат сомневањата, ќе се воведе царина.
– Ако се докаже дека млекото не ги исполнува правилата за потекло, за него треба да се плаќа полна царина. Во тој случај прашање е колку ќе го загрози домашното производство и колку ќе биде конкурентно на нашиот пазар – велат во надлежните институции.
Домашните млекари одамна реагираат дека во земјава секој ден влегуваат по 30-40 тони млеко од Босна, кое е двојно субвенционирано (при производство и при извоз) и им прави нелојална конкуренција. Тие укажуваат дека кај нас всушност влегува словенечко млеко, кое се пријавува како босанско за да се искористат царинските привилегии. По влезот на Словенија во Европската Унија, таа го изгуби повластениот третман за извоз во Македонија. Поради тоа за словенечките млекарници е исплатливо да го преселат во Босна делот за полнење на млекото и да го извезуваат во Македонија во босанска амбалажа. Експертите сметаат дека на тој начин Словенија се ослободува од вишокот млеко без да плаќа царина. Според извори од Владата, со ова се доведува во прашање точноста на ЕУР-сертификатот за потекло на увезената стока. Правилото за потекло предвидува алпското млеко увезено од Босна да потекнува од крави на Алпите, кои во Босна ги нема.
Трговска војна на Балканот
На повидок е трговска војна со млекото и месото на Балканот, која прва ја поттикна Босна и Херцеговина. Таа веќе не го почитува Договорот за слободна трговија со Србија и со Хрватска. Под изговор дека сака да ги заштити домашните производители, Босна воведе царина од 40 отсто за хрватското и за за српското млеко и месо.
Босна ги заостри мерките за увоз на млеко и млечни производи од Хрватска по одлуката на хрватските власти да го стават босанското млеко во карантин додека не завршат лабораториските проверки на квалитетот. Босна се закани дека ќе ја тужи Хрватска во ЕУ поради непочитување на Договорот за слободна трговија.
Србија очекува од Светската трговска организација да воведе арбитража и да овозможи спроведување на Договорот за слободна трговија со БиХ.
Српските медиуми коментираат дека договорите за слободна трговија помеѓу земјите од Западен Балкан одвреме-навреме се само мртва буква на хартија.
Александра Филиповска
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Путин до Западот: Купија билет и не патуваа, само за да се налутат на кондуктерот: рускиот енергетски систем работи беспрекорно

Рускиот претседател Владимир Путин изјави дека одбивањето на европските земји да се потпираат на руските енергетски ресурси сериозно ја поткопа конкурентноста на нивните економии и доведе до пад на индустриското производство и пораст на цените низ целиот континент.
Зборувајќи на пленарната сесија на Руската недела на енергија во Москва, Путин истакна дека постапките на западните политички елити „ја уништија глобалната енергетска инфраструктура“, нагласувајќи дека политичкиот притисок довел до ирационални одлуки во ЕУ, според западните медиуми.
„Многу европски земји, под политички притисок, одбија да купуваат руски енергетски производи. Веќе неколку пати предупредив за последиците – не за Русија, туку за самите тие земји. Гледаме пад на индустриската активност и пораст на цените поради поскапата нафта и гас од странство“, рече Путин.
Тој додаде дека, по забраната за соработка со Русија, западните компании почнаа да ја губат својата технолошка предност и да го намалуваат производството, додека руските експерти станаа „технолошки лидери“ на пазарот.
„Што направија? Купија билет и не патуваа – само за да се налутат на кондуктерот. Каква глупост.
Нашиот енергетски систем е еден од најголемите во светот. Овој огромен комплекс работи сигурно и ефикасно“, заклучи претседателот на Русија.
Свет
Кремљ: Путин го предупреди Трамп за време на разговорот

Во денешниот телефонски разговор, рускиот претседател Владимир Путин го предупреди американскиот претседател Доналд Трамп дека испраќањето крстосувачки ракети „Томахавк“ во Украина ќе го загрози мировниот процес и ќе им наштети на односите меѓу САД и Русија. Веста беше потврдена од Кремљ во официјално соопштение, пренесуваат медиумите во регионот.
Според Кремљ, Путин изразил загриженост поради можноста напредното американско оружје во рацете на украинските сили да доведе до понатамошна ескалација на конфликтот. Предупредувањето јасно посочи дека таков потег од страна на Вашингтон би имал директни негативни последици врз билатералните односи на двете сили.
Советникот на Путин, Јуриј Ушаков, им изјави на новинарите дека Путин во разговорот нагласил дека руските сили во моментов имаат „целосна стратешка иницијатива“ по целата линија на фронтот во Украина.
Ушаков додаде дека денешниот повик, кој траел речиси два и пол часа, бил инициран од руска страна. Тој, исто така, објави дека на планираниот нов самит меѓу двајцата претседатели ќе му претходи разговор меѓу државниот секретар на САД, Марко Рубио, и рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров, кој се очекува да се одржи во наредните денови, пренесува index.hr.
Фото: принтскрин
Свет
Орбан по разговорите Трамп-Путин: Голема вест за мирољубивите луѓе, подготвени сме

Американскиот претседател Доналд Трамп објави дека наскоро повторно ќе се сретне со рускиот претседател Владимир Путин, а овој пат средбата ќе се одржи во Будимпешта. Двајцата лидери се согласија за нов самит за време на телефонски разговор.
Унгарија е подготвена да биде домаќин на самитот Русија-САД, изјави унгарскиот премиер Виктор Орбан.
„Планираната средба меѓу американскиот и рускиот претседател е голема вест за мирољубивите луѓе низ целиот свет. Подготвени сме!“ напиша тој на X.
Трамп и Путин последен пат се сретнаа пред два месеци во Алјаска, но таа средба не донесе конкретен напредок кон мирот во Украина, по што следеше период на дипломатско затишје меѓу Вашингтон и Москва, анализираат медиумите.
Денешниот телефонски повик не беше објавен со денови, за разлика од некои претходни, а аналитичарите истакнуваат дека времето на неговото случување е исклучително значајно. Имено, Трамп утре треба да се сретне со украинскиот претседател Володимир Зеленски.
Клучната тема на нивниот разговор ќе биде можното испраќање американски ракети со долг дострел „Томахавк“ во Украина, што би претставувало значително зголемување на воената помош за земјата.
Фото: принтскрин