Македонија
Ќе се продава конфискуваниот имот на Даравелски
Владата на последната седница донела одлука да даде на продажба конфискуван имот дел од кој е оној на Драган Даравелски, како и на Миодраг Марковиќ, соопшти во сабота владиниот портпарол, Александар Ѓорѓиев.
„На мината седница Владата, на предлог на Агенцијата за управување со одземен имот, одлучи да даде на продажба конфискуван имот. Имотот е претходно конфискуван врз основа на судска пресуда и решение за конфискација“, рече Ѓорѓиев.
Ќе се продава стан на улица „Климент Охридски“ број 23 во Скопје, со површина од 110 метри квадратни и подрумски простории од 9 квадрати, луксузно наместен стан конфискуван од Драган Даравелски, а почетната цена за јавното наддавање од страна на Бирото е проценета на 8.394.873 денари.
Вториот одземен имот од Даравелски е локал на улица „3 Македонска ударна бригада“ број 2 во Куманово, со површина од 80 метри квадратни и дворно место од 742 метри квадратни, за почетната цена на наддавањето 4.670.643 денари.
„Со правосилна судска одлука од 17.05.2007 е констатирано дека Драгана Даравелски го има оштетено Буџетот за 103 милиони денари“, рече Ѓорѓиев.
Исто така, се продава и вила на улица „Питу Гули“ број 13 во Скопје, на Водно, со површина од 1.800 метри квадратни, и тоа двор 1.526 метри квадратни со базен, зграда 251 метар квадратен и помошна зграда од 23 метри квадратни, конфискувана од Миодраг Марковиќ, за почетната цена на наддавање од 82.614.641 денар.
„Со правосилна судска одлука од 23.10.2008 е констатирано дека Миодраг Марковиќ го има оштетено Буџетот за 544 милиони денари“, рече Ѓорѓиев.
Владата одлучила продажбата на имотот да е со јавно наддавање, откако претходно Агенцијата за управување со одземен имот ќе го објави местото и времето на јавното наддавање, а на потенцијалните купувачи ќе им биде овозможен целосен увид на објектите.
„Потенцијалниот купувач за да учествува на јавното наддавање ќе треба да уплати 10% од проценетата почетна вредност. Јавното наддавање може да се одржи само ако има најмалку двајца пријавени наддавачи, а се затвора три минути по последната најголема понуда. Понудувачот на највисока цена има обврска во рок од 10 дена да ги уплати средствата за купување во Буџетот на Република Македонија. Потоа ќе следува пренос на сопственоста, од Република Македонија на купувачот, во рок од 8 дена“, рече владиниот портпарол.
Смета дека покрај тоа што со оваа продажба на конфискуван имот се враќаат парите во Буџетот и ќе може да се употребат за проекти од интерес за граѓаните како школи, болници, пензии, плати…овој чин има уште една друга значајна порака, а таа е во функција на одвраќање од вршење криминал./крај/со/бб
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Почувствуван земјотрес во Битола, Охрид и околината: епицентарот во Албанија
Телеметриската сеизмолошка мрежа на Република Северна Македонија, на сеизмолошките станици инсталирани и одржувани од Сеизмолошката опсерваторија при Природно-математичкиот факултет во Скопје, вечерва во 23 часот и 10 минути регистрира земјотрес чиј епицентар потекнува од соседна Република Албанија, на околу 150 км југозападно од Скопје, со Рихтерова локална магнитуда, ML3.7
Според досегашните податоци со кои располага опсерваторијата, земјотресот е почувствуван во Битола, Охрид и околината со интензитет од III степени според Европската макросеизмичка скала.
За потребите на сеизмолошките истражувања, доколку сте го почувствувале земјотресот, пополнете го прашалникот за почувствуваност достапен на линкот: https://seismobsko.pmf.ukim.edu.mk/prasalnici или јавете се на 112.
Македонија
Земјотрес во Охрид
Земјотрес со епицентар во Грција е почувствуван во Охрид и околината, вечерва во 19 и 50 часот.
„Телеметриската сеизмолошка мрежа на Република Северна Македонија, на сеизмолошките станици инсталирани и одржувани од Сеизмолошката опсерваторија при Природно-математичкиот факултет во Скопје, вечерва во 19 часот и 50 минути регистрираа земјотрес чиј епицентар потекнува од соседна Република Грција, на околу 100 км југозападно од Скопје, со Рихтерова локална магнитуда, ML3.7“, соопшти Сеизмолошката опсерваторија.
Според досегашните податоци со кои располага опсерваторијата, земјотресот е почувствуван во Охрид и околината со интензитет од III степени според Европската макросеизмичка скала.
За потребите на сеизмолошките истражувања, доколку сте го почувствувале земјотресот, пополнете го прашалникот за почувствуваност достапен на линкот: https://seismobsko.pmf.ukim.edu.mk/prasalnici или јавете се на 112.
Македонија
Андоновски на состаноци во Стејт департментот: Соработката во областа на сајбер безбедноста и дигитализацијата во фокусот
Во рамки на работната посета во Вашингтон, денеска се реализираат работни средби во Стејт департментот на САД. Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, утринава оствари работна средба со Russ Headlee, Senior Bureau Official (SBO), прв човек на Бирото за Сајбербезбедност и дигитални политики на Стејт Департментот на САД.
„На средбата беше потврдена заедничката определба за унапредување на билатералната соработка меѓу Република Македонија и Соединетите Американски Држави во областа на дигиталната трансформација и сајбер безбедноста. Разговорите се фокусираа на продлабочување на соработката во клучни области: сајбер безбедноста и дигиталните политики; привлекување на инвестиции од САД во областа на дигитализацијата и сајбер безбедноста; доверливо поврзување на институциите и безбедна инфраструктура; отпорност и доверба“, соопштија од Министерството.
Дополнително, во рамки на дискусијата биле опфатени и прашања поврзани со јакнење на капацитетите помеѓу партнерските влади, размена на експертиза, како и јавно-приватна соработка во доменот на сајбер безбедноста, со цел развој на безбедни и доверливи дигитални јавни услуги и заштита на критичната дигитална инфраструктура.
„Дигиталната трансформација мора да оди рака под рака со сајбер безбедноста и довербата во технологијата. Соработката со Стејт департментот и со Бирото за сајбер безбедност и дигитална политика е значаен чекор за зајакнување на нашите капацитети и за побрза модернизација на јавните услуги“, истакна министерот Андоновски.
Во продолжение на работната агенда, заедно со македонската делегација предводена од претседателот на Собранието, Африм Гаши, министерот Андоновски оствари средба и со Daniel J. Lawton, заменик помошник секретар во Стејт департментот.
Според Министерството, оваа средба претставува значаен чекор кон зајакнување на соработката, градење институционални капацитети, размена на експертиза и меѓусебна поддршка помеѓу Македонија и САД.
Средбите завршија со договор за наредни чекори, вклучително и утврдување приоритетни области за соработка и редовна комуникација меѓу тимовите, со цел подготовка и реализација на конкретни активности и проекти во претстојниот период.

