Македонија
Парламентот расправа за реконструкцијата на Владата
Македонското собрание денеска се очекува да расправа за изборот на нови министри, по оставката на првите луѓе во секторите за евроинтеграции
Македонското собрание денеска се очекува да расправа за изборот на нови министри, по оставката на првите луѓе во секторите за евроинтеграции, финансии, образование и земјоделство.
На собраниската седница закажана за 11 часот се предлозите за избор на министри, именување на заменици министри, како и разрешување на член во Владата на премиерот Никола Груевски.
Според најавите, нов министер за финансии и потпретседател на Влада треба да биде Зоран Ставревски.
За нов вицепремиер за економија е предложен Владимир Пешевски, а ресорот евроинтеграции ќе го води Васко Наумовски.
Ресорот образование е предложено да го води Никола Тодоров, а нов министер за земјоделство треба да биде Љупчо Димовски, со Перица Ивановски како заменик министер. За заменик министер во транспорт и врски е предложен, Горан Михајловски.
Министерот за финансии Трајко Славевски ќе биде разрешен на барање на премиерот Груевски.
Министрите за образование и земјоделство, Перо Стојановски и Ацо Спасеновски самите си поднесоа оставки, заедно со заменикот во земјоделие Христијан Делев. Првата оставка во влада на Груевски ја даде мината недела вицепремиерот за евроинтеграции Ивица Боцевски./крај/с/ил
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Нестабилно време со дожд и грмежи до среда
По врнежите и невремето по кое во текот на ноќта полавени беа подруми во Охрид, од УХМР најавуваат дека до среда ќе се задржи нестабилно време, претежно во попладневните часови со локален пороен дожд и грмежи.
Во четврток ќе има услови за краткотраен дожд, претежно во планинските подрачја, а преодно стабилизирање на времето се очекува во петок.
Температурите ќе бидат без значителна промена.
Македонија
Делови од Аеродром, Карпош и Ѓорче Петров утре без струја
Без електрична енергија утре ќе останат делови од општините Аеродром, Карпош и Ѓорче Петров.
Како што соопшти РЦУК – Скопје, без струја во периодот од 09:00 до 15:00 часот ќе останат корисниците на дел од село Долно Лисиче, реонот околу чаталот, ул.10 во општина Аеродром, од 10:30 до 14:30 часот дел од улица 16, на патот кон Визбеговово општина Карпош, а од 13:00 до 14:30 часот објектите на градинката Росица, на ул.„Мечкин Камен“, бр.45А. во општина Ѓорче Петров.
Македонија
Скопските и тетовските пожарникари гасеа три огнови на отворено, соопшти ЦУК
Во изминатото деноноќие Центарот за управување со кризи информира дека биле евидентирани три пожари на отворено.
Регионалниот ЦУК Скопје соопштил дека БППЗ на Град Скопје во изминатото деноноќие имала две помали интервенции поради запалено ѓубре и тоа на ул. „Ферид Заири“ во Општина Чаир и кај Езерото Треска во Општина Сарај.
Регионалниот ЦУК Тетово известил дека ТППЕ Тетово имала една помала интервенција поради запалена ниска вегетација кај село Чифлик во Општина Желино.
Центарот за управување со кризи соопшти дека изминатите 24 часа имало вкупно 1.491 повици на Единствениот повикувачки број за итни случаи 112. Од нив „реални“ повици биле 62,84 отсто, а 37,16 отсто биле за други потреби на граѓаните што не биле итни.
Кон полиција биле упатени 63,18 отсто, кон итната медицинска помош 29,09 проценти, кон пожарникарите 2,73 отсто, a кон АМСМ 1,36 отсто од повиците кон бројот 112.