Македонија
Нема толеранција за говорот на омраза

Се додека говорот на омраза не прерасне во насилство, никој тоа не го санкционира, тој се изедначува со слободата на изразување бидејќи за нив во реалноста нема дефинирано јасна граница, беше заклучокот на дебатата „Кибер-просторот, промотор на слободата на изразувањето или говорот на омразата“.
Марјан Забрчанец, извршниот директор на МОФ, рече дека говорот на омразата на интернет е нешто кое не може редовно да се контролира, ниту пак, да се ограничи.
„На интернет секој може да го искаже своето мислење, а притоа и да го сокрие својот идентитет. Точно е дека пропагандата против слободата на говорот и нејзината злоупотреба секогаш ќе постои и тоа никој не може да го спречи. Интернетот е огледало на општеството во кое живееме. Често се случува злоупотреба, на пример на фан страната на Васко Ефтов има дефинирано правила на однесување, но ни самиот тој не ги почитува. Таму пишува дека нема да се толерираат навреди, нарушување на нечие реноме, достоинство, а тој го прави тоа со својот статус каде ги омаловажува кандидатите за претседатели на ЗНМ, само затоа што се Албанци“, рече Забрчанец.
Сеад Џигад, рече дека слободата на говорот е до онаа граница каде почнува да се нарушува достоинството, угледот и реномето на соговорникот или на одредена малцинска група. Тој додаде дека говорот на омразата е секогаш во борба со толеранцијата, но дека за него нема место за толеранција.
„Говорот на омраза се развива во неколку степени. Започнува со исмевање, а потоа следат и останатите фази како омаловажување, навреда, етикетирање, дискриминирање, дехуманизација и сатанизација, за на крај да се дојде до последната фаза, а тоа е физичкото насилство“, рече Џигад.
Тој додаде дека луѓето денеска интернетот го користат како издувен вентил да го искажат своето мислење преку говорот на омразата.
Роберто Беличанец, пак, рече дека технологијата е неутрална и дека ние самите додавајќи ги своите мани, доблести и фрустрации го креираме говорот на омразата, но додаде дека за говорот на омразата виновни се и традиционалните медиуми кои на благ начин го користат, а потоа неговата посилна примена продолжува на интернет.
„Традиционалните медиуми го водат орото на говорот на омраза и ги создаваат стереотипите. Потоа населението само се мобилизира, преку групи на Фејсбук, Твитер, Блогови и го зајакнуваат тој говор на омраза. Овој говор е насилство и на него се одговара со иста мерка. Случаи каде говорот на омраза прерасна во насилство се тепачката на плоштадот за изградба на црква, како и онаа на комитите во Нерези. Говорот на омраза е гној кој е подобро да излезе во сајбер просторот, отколку како крв по улиците“, рече Беличанец. /крај/бс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Сиљановска-Давкова-Кавахара: трајно пријателство и заемно почитување меѓу двете држави

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска ја прими јапонската амбасадорка Сецуко Кавахара, која ѝ ја предаде честитката од неговото величество Нарухито, Император на Јапонија, упатена по повод 8 Септември-Денот на независноста.
Сиљановска-Давкова се заблагодари за срдечните желби, оценувајќи ги како израз на трајното пријателство и заемното почитување меѓу двете држави.
Амбасадорката информираше за успешното учество на земјава на Осака ЕКСПО 2025 и изрази воодушевување од културно-уметничката програма со којашто бевме претставени пред јапонската јавност на Денот на независноста.
Соговорничките се согласија дека познатите оперски уметници Ана и Игор Дурловски со камерниот оркестар „Ајга“, џез-гитаристот Владимир Василевски – Четкар, како Кирил Џајковски и неговиот бенд, автентично ја претставија македонската култура, традиција и модерна уметност.
Според обете, одличната посетеност на македонскиот павиљон на ЕКСПО 2025 е доказ за потенцијалот којшто го имаме, како туристичка дестинација со богато културно, историско и природно наследство.
Реафирмирајќи ја важноста на културната дипломатија, Сиљановска-Давковка изрази задоволство од вниманието што го привлекла изложбата посветена на јапонскиот архитект Кензо Танге и неговиот план за реконструкција на Скопје по земјотресот во 1963 година. Таа го поздрави и интересот и посетата на македонскиот павиљон од страна на учениците од средното училиште „Таканава“ во Токио кои го изучуваат македонскиот јазик.
Претседателката се заблагодари за севкупната поддршка и донации од Јапонија и изрази подготвеност за натамошно градење на пријателските врски и продолжување на соработката во рамки на меѓународните организации.
Осврнувајќи се на актуелните случувања на глобално ниво, соговорничките се согласија дека е потребно итно и длабоко реформирање на ОН, заради јакнење на мултилатерализмот за справување со реалните глобални предизвици.
Македонија
Против три лица поднесено обвинение за депониите во Вардариште: ОЈО Скопје постапува и во други предмети за загaдување со отпад

Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје ја заврши истражната постапка и денеска поднесе Обвинителен акт против три лица за кривично дело – Загрозување на животната средина и природата со отпад од член 230 став 1 од Кривичниот законик.
Тројцата обвинети, на ул.„Зендел Џемаил“ во Скопје, од 2020 година до 02.09.2025 година вршеле дејност – откуп на старо железо, метални производи, стари акумулатори и други обоени метали на импровизирани пунктови – отпади, без означена фирма, без да регистрираат правно лице и без да поседуваат соодветна дозвола за вршење дејност за управување со отпад.
Согласно обезбедените докази, тие вршеле оставање, фрлање и непрописно транспортирање на отпадот, со што создале диви депонии, кои биле констатирани при настанат пожар на дел од локацијата. Со ваквите незаконити дејствија обвинетите влијаеле врз квалитетот на почвата и воздухот и предизвикале опасност по животот и здравјето на луѓето.
Јавниот обвинител до Основниот кривичен суд Скопје достави и предлог за продолжување на претходно определената мерка притвор за тројцата обвинети.
Во врска со причините за настанување на пожарот на Вардариште, ОЈО Скопје издава и повеќе наредби со цел откривање на други сторители на кривични дела.
По наредба на Основното јавно обвинителство Скопје во финална фаза се и вештачењата во однос на сомненијата за загрозување на животната средина со отпадни материи во постапката која се води против сопственичката и неформалниот сопственик на правно лице од Шуто Оризари. Тие подолг временски период, спротивно на законските одредби од Законот за управување со отпад и спротивно на прописите за заштита на животната средина, складирале поголемо количество отпадно железо, електронски отпад, делови од стари автомобили, шасии од стари отпадни возила и друго на локација за која немале соодветна дозвола за управување со отпад.
На 9 јули, на таа локација беше предизвикан неконтролиран пожар на целата маса од складираниот отпаден материјал, а поради обемот и опасноста пожарот не можеше веднаш да биде ставен под контрола. При согорувањето на отпадниот материјал беа испуштени чад, пепел и штетни гасови во амбиенталниот воздух и беше предизвикана опасност за животот и здравјето на луѓето од поголеми размери. По анализа на вештачењата во корелација со сите други прибрани докази, јавниот обвинител ќе донесе одлука и во однос на овој предмет.
За настанатиот пожар на депонијата „Дрисла“ до овој момент до Основното јавно обвинителство Скопје не е поднесено известување или кривична пријава од надлежните органи. Сепак, обвинителството ја следи состојбата и доколку утврди дека со кривично-правни дејствија била загрозена животната средина, ОЈО Скопје веднаш ќе постапи.
Македонија
Дрисла се уште чади, агенција за обезбедување ја чува депонијата Вардариште

На депонијата Дрисла се уште има чадење, информира директорот на ДЗС, Стојанче Ангелов кој појасни дека депониите тешко се гаснат со вода бидејќи внатре се одвиваат хемиски и биолошки процеси кои предизвикуваат појава на запиливи гасови.
На терен, како што рече Ангелов, дејствува ер-трактор кој со посебна пена ќе се обиде да ја ублажи состојбата. Во однос на чадот, Ангелов уверува дека тој е помал во однос на вчерашниот ден и очекува во вечерните часови истиот да биде сосема намален или дека ќе прекине.
Во врска со депонијата Вардариште, Ангелов информира дека на неа нема ниту горење, ниту чад.
„Депонијата Вардариште ќе биде детално обезбедена и веќе е анганжирана агенција за обезбедување а нејзина екипа веќе е на терен на депонијата“, кажа Ангелов.
Најави и дека ќе биде изработен детален план за да се спречи непосакуван влез во неа, и обиди за повторно потпалување, бидејќи како што потсети Ангелов, постојат сомненија дека и Вардариште и Дрисла се намерно потпалени.
Ангелов потсети дека веќе има кривична пријава и притвор за три лица кои користеле диви отпади, а откупувале материјали од оние што палат кабли за да дојдат до металот во нив.
„Со нивното отстранување ќе се обесхрабрат сите што го правеле тоа, затоа што веќе нема да има кој да откупува“, кажа Ангелов.