Македонија
Бесими: Одложувањето на евроатланските интеграции – основа за скептицизам
Потребни се дополнителни заложби од земјите од западен Балкан и евро-атланската заедница за успешно завршување на процесот на интеграција на регионот, порача министерот за одбрана Фатмир Бесими на предавање во Универзитетот „Харвард“ во Бостон, САД.
На предавањето насловено како „Евро – атланска иднина и разноликоста на Западен Балкан: Перспективи од Македонија“ Бесими порача дека евро-атланската интеграција на регионот е заедничко решение за заедничките предизвици и претставува ветување за подобра иднина со политичка стабилност и економски просперитет.
„Ветувањето ги одржува очекувањата на луѓето за подобра иднина, купувајќи ја на тој начин нивната лојалност и обезбедувајќи стабилност во земјите. Сепак, доколку дојде до неисполнување или одложување на ветувањата, може да се доведе во прашање нивниот кредибилитет. Кредибилитетот на евро -атлантската интеграција зависи од брзината на овој процес. Имајќи ги предвид предизвиците од отворените прашања во регионот, многу е важно интеграцијата да се случи што е можно побрзо“, рече Бесими.
„Западниот Балкан е регион со долга историја и широка културна и религиозна разноликост. По децении на конфликти, регионот повторно е стабилен и во мир, но овој мир и стабилност треба да се одржуваат. Интеграцијата преку почитување на разноликоста е основа за одржлив мир и просперитет. Помирувањето и градењето на доверба се предуслови за успешна интеграција. Интеграцијата која обезбедува економски просперитет е гаранција за одржлив мир“, рече Бесими.
Предавањето на Бесими е во рамки на неговата неколкудневна посета на САД, која почна во петокот. /крај/мф/ач
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Најавен прекин на товарниот сообраќај на граничните премини од понеделник: МВР ќе обезбеди непречен сообраќај за патничките возила и автобусите
Министерството за внатрешни работи – Оддел за гранични работи и миграција известува дека до Министерството за внатрешни работи е доставена најава за одржување на јавен протест од страна на асоцијацијата „Макам-транс“, кој е најавен да започне на 26.01.2026 година од 12:00 часот.
Како што информира МВР, според доставената најава, протестот е планиран да се реализира на следните гранични премини: Деве Баир, Делчево, Ново Село, Дојран, Богородица, Меџитлија, Ќафасан, Блаце и Блато.
Протестот ќе се манифестира со ограничување на сообраќајот за товарни моторни возила, односно со затворање на коловозните ленти и терминалите наменети за товарен сообраќај, додека патничкиот сообраќај ќе се одвива непречено на сите гранични премини. Според најавата на организаторот, протестот е предвидено да трае до седум дена, со можност да биде прекинат и порано, доколку во меѓувреме дојде до надминување на причините поради кои е организиран, велат од МВР.
„Министерството за внатрешни работи, во согласност со своите законски надлежности, ќе преземе соодветни мерки и активности за одржување на јавниот ред и мир, како и за обезбедување на безбеден и непречен сообраќај, со посебен акцент на движењето на патничките возила, автобусите и возилата кои превезуваат лекови, жива стока, опасни материи и други приоритетни пратки.
МВР апелира до граѓаните и до превозниците навремено да се информираат за состојбата на граничните премини, да ја следат официјалната комуникација и, доколку е потребно, да користат алтернативни гранични премини“, соопшти МВР.
Македонија
Се поништува јавниот конкурс за избор на правно лице за добивање лиценца за испитен центар Велес
Министерството за внатрешни работи известува дека врз основа на Решение бр. 08-14488/1 од 22.01.2026 година, донесено од министерот за внатрешни работи, Јавниот конкурс за избор на правно лице за добивање лиценца за испитен центар Велес, се поништува.
Јавниот конкурс се поништува поради потребата од дополнително усогласување на временската динамика и процедурите поврзани со доставувањето на барањата и документацијата за исполнетост на условите за вршење на работите на испитен центар.
Со ова се обезбедува целосна правна прецизност, еднаков пристап на сите заинтересирани правни лица и непречено спроведување на постапката.
По извршените усогласувања, јавноста ќе биде дополнително информирана за повторно објавување на конкурсот, соопшти МВР.
Македонија
Алијансата за Албанците ќе го обжали Законот за „Безбеден град“ пред Уставниот суд
Крилото на Арбен Таравари од Алијансата за Албанците најави дека во понеделник ќе поднесе иницијатива до Уставниот суд за оспорување на измените на Законот за прекршоци, преку кој се овозможува имплементација на системот „Safe City“ (Безбеден град).
Од партијата наведуваат дека актуелната примена на системот отвора сериозни правни, уставни и социјални прашања, особено поради тоа што, според нив, се спроведува селективно – само во Скопје, Куманово и Тетово.
„Проект кој има за цел да ја зголеми јавната безбедност треба да се применува рамноправно на целата територија на државата, а не делумно и селективно“, порачуваат од Алијансата.
Дополнително, партијата укажува на непочитување на Законот за употреба на јазиците, бидејќи известувањата и санкциите што произлегуваат од системот не се обезбедуваат рамноправно и на албански јазик.
Како посебен проблем го посочуваат и високиот износ на глобите, за кои бараат ревизија и прилагодување на прагот на толеранција.
„Безбедноста во сообраќајот е неопходна, но не преку непропорционални казни кои ја нарушуваат економската благосостојба на граѓаните“, посочуваат од партијата.
Алијансата ги критикува и пратениците од ВМРО-ДПМНЕ, ВЛЕН, ЗНАМ и Левица, кои гласале за стапување во сила на казнените одредби од 1 февруари, обвинувајќи ги дека тоа го сториле „без грижа за благосостојбата на граѓаните и без да ги адресираат сериозните уставни недостатоци“.
Во образложението за најава на иницијативата, партијата го посочува и примерот со Законот за трето дете, кој Уставниот суд го прогласи за неуставен поради селективна примена. Од таму очекуваат Уставниот суд да постапи на сличен начин и во случајот со „Безбеден град“.

