Македонија
Груевски: Од 2005 година невработеноста во Македонија е намалена за седум отсто
Просечната плата во Македонија од декември 2005 година до истиот месец лани е зголемена за 65 отсто, најниската пензија порасна за 42 отсто, додека просечната пензија е зголемена за околу 38 отсто, рече денеска премиерот
Просечната плата во Македонија од декември 2005 година до истиот месец лани е зголемена за 65 отсто, најниската пензија порасна за 42 отсто, додека просечната пензија е зголемена за околу 38 отсто, рече денеска премиерот Никола Груевски одговарајќи на пратеничко прашање од Андреј Петров од СДСМ.
Петров, претходно, обвини дека 360.000 лица имаат плата под 16.000 денари, додека цените на основните трошоци за живот се зголемени.
Според Груевски, невработеноста во Македонија во изминативе седум години е намалена за седум отсто, односно од околу 38 отсто во 2005 година на 31 отсто.
Петров праша дали владата е подготвена да ги плати сметките за струја на сиромашните граѓани за овој месец. Премиерот, одговарајќи на прашањето, ги демантираше бројките изнесени од пратеникот од СДСМ.
„Зголемена е и социјалната помош. Оваа Влада воведе проект за помагање на оние кои се приматели на социјална помош државата да им плаќа секој месец по 600 денари за енергетски трошоци“, одговори премиерот Груевски.
Сиромаштијата, според Груевски била последица на лошата и криминална приватизација.
„Таа приватизација е главната причина за зголемената сиромаштија со која денес се справуваме и се обидуваме и покрај светската економска криза, европската должничка криза, нафтениот и ценовен шок да ги надминеме предизвиците и проблемите кои се настанати во времето на приватизацијата настаната во времето на СДСМ кога околу 200 илјади работници останаа на улица“, рече Груевски./крај/мф
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Без струја денеска дел од Кисела Вода
Од ЕВН Македонија АД информираат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
– во периодот од 08.00 до 14.00 часот, дел од корисниците од улиците Китка, Солунска Глава, Сердарот покрај каналот и Јустинијан Први, општина Кисела Вода.
Македонија
Дел од Центар денеска без вода
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека поради дефект во шахта од ф – ¾ на улицата Ацо Караманов бр. 10, без вода ќе останат дел од корисниците од улицата Ацо Караманов, како и објектот на Американската Резиденција, општина Центар.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато во периодот од 09.00 до 00.00 часот.
Македонија
Променливо облачно со сончеви периоди, во вечерните часови повремен дожд
Променливо облачно со сончеви периоди. Во вечерните часови и во текот на ноќта во северните делови ќе има повремени локални врнежи од дожд. Ќе дува слаб променлив ветер. Минималната температура ќе биде во интервал од 4 до 9, а максималната ќе достигне од 11 до 17 степени.
Во Скопје, променливо облачно, во вечерните часови и во текот на ноќта ќе има повремен дожд. Ќе дува слаб северен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 7, а максималната ќе достигне до 15 степени.
Времето во наредните денови
Под влијание на серија влажни воздушни бранови од утре во вечерните часови до понеделник следува период на променливо облачно време со повремени локални врнежи од дожд. Наместа врнежите ќе бидат поројни и пообилни и во текот на 24 часа се очекува да наврне поголема количина дожд (над 30 l/m²).

