Македонија
Министерот за одбрана Бесими во посета на Турција
Министерот за одбрана, Фатмир Бесими, во вторник и среда ќе престојува во посета на Турција, каде ќе оствари средби со министерот за национална одбрана, Исмет Јилмаз и со началникот на Генералштабот на Турските вооружени сили, генерал Неџдет Озел.
Посетата на министерот Бесими, како што информираат од Министерството за одбрана, е во насока на утврдување и проширување на билатералната соработка со Турција, која воедно, претставува одличен пример за соработка во регионот и пошироко.
Исклучителното пријателство и меѓусебното почитување ќе бидат потврдени и на средбата на министерот Бесими со неговиот турски колега, министерот Јилмаз на која ќе стане збор и за поддршката на Турција во процесот на евроатлантското интегрирање на Македонија и поддршката за уставното име во рамките на Алијансата.
Една од темите за кои ќе стане збор за време на посетата е и несебичната материјална поддршка од Турција, како најголем донатор на опрема чија вредност досега изнесува околу 18,5 милиони долари. Дел од таа поддршка е и неодамнешното донирање на седум возила од типот „Лендровер“ и едно возило „Кобра“, со вкупна вредност од 710.000 долари. Дијапазонот на соработката со Турција се проширува и со програмите за едукација и обука, согласно кои во моментов шест припадници на АРМ се упатени на школување во Турција.
Министерот Бесими, во текот на посетата, ќе реализира средби и со претседателот на Комисијата за национална одбрана, Огуз Каган Коксал и со претставник на потсекретаријатот за воена индустрија, Мурад Бајар, а ќе се запознае и со капацитетите на турската компанија за софтвери и системи поврзани со одбраната, „Хавелсан“.
Воедно, истакнувајќи ја големата почит на Македонија кон таткото на модерна Турција, Кемал Ататурк, министерот Бесими ќе положи венец во мавзолејот и ќе го посети музејот Ататурк.
Односите помеѓу Република Македонија и Република Турција во областа на одбраната се развиваат уште од 1994 година, кога Турција прва упати воено аташе во Македонија. Истата година беше потпишана и првата Спогодба за соработка, додека првата донација за АРМ пристигна токму од Турција. /крај/мф/ач
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Населбата Бел Камен добива нова водоводна мрежа
Населбата Бел Камен добива нова водоводна мрежа, со што се решава долгогодишниот проблем со водоснабдувањето, изјави градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски.
„По даденото ветување за време на изборниот период, денес започнуваат градежните активности за поставување на нова водоводна мрежа во должина од повеќе од 600 метри, во соработка со Општина Бутел и ЈП „Водовод и канализација“, со што ќе се обезбеди сигурно, квалитетно и континуирано снабдување со вода за пиење за домаќинствата во Бел Камен“, вели Ѓорѓиевски.
Според него, овој зафат значи сигурно, квалитетно и континуирано водоснабдување за домаќинствата во Бел Камен, чиста вода за пиење во секој дом.
Ѓорѓиевски најави дека по поставувањето на новата водоводна мрежа, ќе следува и реконструкција на улиците.
Македонија
Цената на дизелот се намалува
Цената на дизелот се намалува за два денари, одлучи Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад на Република Северна Македонија (РКЕ)
Од 20.12.2025 година од 00:01 часот максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 95 71,00 (денари/литар)
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 98 73,00 (денари/литар)
Дизел гориво ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) 64,50 (денари/литар)
Масло за горење Екстра лесно 1 (ЕЛ-1) 65,50 (денари/литар)
Мазут М-1 НС 32,635 (денари/килограм)
Малопродажната цена на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) се намалува за 2,00 денари за литар.
Малопродажните цени на бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98, како и на Екстра лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) и на Мазутот М-1 НС не се менуваат.
„Напоменуваме дека ова се максималните цени на нафтените деривати од 00:01 часот на 20.12.2025 година. Трговците на големо и трговците на мало со нафтени деривати и горива за транспорт можат да ги формираат цените на одделни нафтени деривати и горива за транспорт и пониско од највисоките утврдени цени“, соопшти РКЕ.
Македонија
За побрз пристап до услугите, промовирани е-киоск и е-сандаче; Андоновски вели дека дигиталната трансформација мора да биде достапна за сите
Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, заедно со претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, се обрати на конференцијата за промоција на националната ИКТ-стратегија СМАРТ/МК 2030 нагласувајќи дека дигиталната трансформација се реализира преку конкретни, мерливи решенија, што директно го подобруваат секојдневието на граѓаните.
„Дигиталната трансформација мора да биде достапна за сите, без разлика на дигиталните вештини или пристапот до лична опрема“, истакна Андоновски.
Денеска беа промовирани терминалите за услуги (е-киоск) како практично решение за дигитална инклузија и побрз пристап до услуги. Планот е терминалите да бидат поставени на фреквентни локации во државата и да бидат достапни 24/7, со јасно воден процес и визуелни инструкции, приспособени и за граѓани со пониско ниво на дигитални вештини.
Преку е-киоск граѓаните ќе може да се идентификуваат со лична карта или пасош, да изберат услуга, да извршат плаќање и да го добијат документот веднаш – испечатен на самиот терминал. Терминалите се особено значајни за руралните средини, повозрасните лица, граѓаните без постојан интернет-пристап и за општините со ограничени административни капацитети.
Министерот истакна дека е-сандачето претставува официјален, безбеден и правно валиден канал за комуникација меѓу институциите и граѓаните – централизирано место за прием на службени документи, решенија, известувања и други акти со доказ за прием.
„Важно е да се нагласи: е-сандачето не е обична електронска пошта“, потенцира министерот Андоновски.
Системот овозможува нотификации во реално време, побрза достава без чекање, следење статуси на предмети и поефикасна административна комуникација.
Во завршниот дел министерот нагласи дека со досегашната дигитализација на услуги, документ – менаџмент-систем во голем број институции, интероперабилност, како и со е-сандачето и терминалите за услуги државата води конкретна и мерлива имплементација на дигиталната трансформација, со цел ефикасна, достапна и европска дигитална држава.

