Вести
Најмалку осум жртви во снежната бура во источниот дел на САД
![](https://makfax.com.mk/wp-content/uploads/2016/10/vasington-1.jpg)
Во снежната бура којашто од петокот го погоди источниот дел на Соединетите држави во која се очекува да наврне до 90 сантиметри снег, животите ги загубиле најмалку осум луѓе, пренесуваат агенциите, а властите преку социјалните мрежи бараат населението без итна потреба да не ги напушта домовите.
Снежната виулица најтешко досега ги погоди американската престолнина Вашингтон и блискиот град Балтимор. Шест лица ги загубиле животите во сообраќајни несреќи кога снегот ги завеа сојузните држави Арканзас, Тенеси и Кентаки, а уште две загинале во Северна Каролина.
Полицијата во источните американски држави известува за илјадници сообраќајни несреќи само во сојузната држава Вирџинија, иако поголемиот дел од населението се придржува до советите да не излегува од своите домови.
Смирувањето на временските прилики се очекува од саботата доцна попладнето по локално време, а дотогаш според прогнозите на подрачјето на американскиот главен град, и во крајбрежните градови Њујорк, Филаделфија и Балтимор, би можело да наврнат од 30 до 90 сантиметри снег.
„Сакам сите јасно да сфатат, ова е силна бура“, предупреди градоначалничката на Вашингтон, Мјуриел Боусер, додека градот се подготвува за бурата која може да биде и најопасната во историјата. Таа предупреди дека сите жители мора да сфатат дека станува збор за природна непогода која може да однесе животи. Досегашниот рекорд во американската престолнина изнесува 71 сантиметар снег.
Некои бензински црпки во Вашингтон останале без гориво, а на жителите им се препорачува да направат резерви за околу 72 часа, јави телевизијата NBC.
Според американските медиуми, повеќе од 85 милиони луѓе во 20 сојузни држави ќе се најдат на патот на снежната бура, поради која речиси сто илјади луѓе во петокот останале без снабдување со електрична енергија, во области на државите Северна и Јужна Каролина. Воздухопловните компании откажаа повеќе од 7.100 летови во петокот и во саботата, а во петокот уште други 7.000 летови доцнеа, според интернет ресурсот Flightaware.com.
Во делот на сојузните држави кои се на патот на снежната бура прогласена е вонредна состојба и запрен е целиот јавен градски сообраќај, вклучително и во Вашингтон. Издадени се предупредувања и за силни ветрови, како и за опасност од замрзнување на коловозите.
Жителите на крајбрежните области во Њу Џерси и во Њујорк се подготвуваат за плимен бран од 2,4 метри и можни поплави, а во некои области упатени се повици за евакуација./крај/мф/сн
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
![](https://makfax.com.mk/wp-content/uploads/2022/08/makfax_logo_350px.jpg)
Вести
“Во основа е пекол на земјата”: Градот Газа оставен тотално без здравствената заштита
![](https://makfax.com.mk/wp-content/uploads/2023/11/gaza32.jpg)
Во раните утрински часови во саботата, над купови бетон и урнатини, толпа лекари и пациенти пешачеа километри низ уништените улици на градот Газа, принудени да се евакуираат пеш од она што остана од болниците. Здравствените работници велат дека се плашат да ги оставаат критично болните пациенти зад себе во град кој сега во голема мера е сведен на урнатини, преземен израелските сили, со болници кои работат без струја, гориво, вода или храна, пишува британски „Гардијан“.
“Тоа е во основа пекол на земјата”, вели Вилијам Шомбург, шефот на Меѓународниот комитет на Црвениот крст во Газа, опишувајќи го она што остана од животот во градот.
Со недели, десетици илјади луѓе се надеваа дека во болниците во Газа ќе најдат засолниште кое е најблиску до безбедно бидејќи енклавата издржа интензивирачки бомбардирања.
Но, откако израелските сили се приближија до објектите и потоа ја нападнаа најголемата болница во Газа, Дар ал-Шифа минатата недела, илјадници луѓе беа раселени заедно со медицинскиот персонал, шетајќи низ уништените улици на југ од енклавата.
Палестинското министерство за здравство во Газа соопшти дека израелските сили побарале евакуација на болницата Ал Шифа вчераутро, три дена откога влегоа во објектот. Здравствените лица сведочат дека им им било кажано дека имаат еден час да ја евакуираат болницата која беше центар на здравствениот систем на Газа.
Најмалку 12.000 луѓе загинаа во израелскиот напад врз Газа по нападот на Хамас на 7-ми октомври, во кој загинаа 1.200 Израелци, а околу 240 луѓе беа заложници.
Вести
Борел: Целосно е невозможно да се евакуираат милиони луѓе од северот на Газа
![](https://makfax.com.mk/wp-content/uploads/2022/09/борел-миа.jpg)
Првиот човек на ЕУ-дипломатијата Жозеп Борел утринава на прес-конференција изјави дека евакуацијата на милиони луѓе од северниот дел на Газа е целосно невозможна.
Десетици илјади цивили почнаа да бегаат од јужниот дел на Газа вчера, откако Израел им порача на луѓето да ја напуштат областа пред очекуваната копнена офанзива.
„Да се замисли дека можеш да преселиш милион луѓе за 24 часа во ситуација во каква што е Газа, може да биде само хуманитарна криза“, рече Борел на последниот ден од тридневната дипломатска посета на Кина.
И покрај изјавата на ЕУ за поддршка на Израел, тој исто така предупреди дека и Израел е должен да го почитува меѓународното хуманитарно право во одбранбениот процес.
„Позицијата е јасна“, рече Борел. „Но, како и секое право, тоа има граница. А таа граница е меѓународното право“.
Вести
Проценки на ОН: Десетици илјади луѓе веќе ја напуштија Газа
![](https://makfax.com.mk/wp-content/uploads/2023/10/антонио-гутереш.jpg)
Во текот на ноќта беа објавени најновите проценки на ОН за бројот на луѓе кои ги напуштиле своите домови во северниот дел на Газа.
Тие велат дека веруваат дека станува збор за десетици илјади кои се упатиле кон југ по предупредувањето за евакуација на Израел.
Пред наредбата за евакуација, повеќе од 400.000 Палестинци беа внатрешно раселени, според хуманитарната канцеларија на ОН OCHA.
Израелската војска им порача на околу 1,1 милион луѓе во северниот дел на Газа да заминат пред очекуваната копнена инвазија. Хамас, пак, ги повика луѓето да останат на место и да пркосат на израелската воена наредба.
Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш рече дека наредбата од Хамас е „исклучително опасна – и во некои случаи едноставно не е возможна“.