Македонија
Иванов: Македонија ја докажа својата полнолетност
„Обидите Македонија да се отргне од патот на заемната соработка нема да успеат. Нема да не’ поколебаат обидите со неправди, со омаловажување, да не’ натераат да се откажеме. Долго време имаа можност да свикнат дека Македонија е реалност на Балканот“, рече Иванов во обраќањето на свечената академија
„Наспроти оние кои сметаа дека Македонија не е зрела, не е подготвена да зачекори сама. Наспроти заплашувањата – да не излегуваме на бришаниот простор на независни и самостојни држави. Наспроти советите дека е подобро да бараме некој друг да се грижи за нас и да ги презема нашите обврски. Одлуката која ја донесовме сите ние, тогаш, беше бунт против малодушноста која го кочеше македонското општество. На денешен ден нашите граѓани најсилно и најсрдечно ги охрабрија оние кои замижуваа или се колебаа и сите заедно тргнавме напред, истакна претседателот Ѓорге Иванов вечерва во Македонската опера и балет по повод празнувањето на 8 Септември – Денот на независноста.Иванов рече и дека Република Македонија на 8 септември 1991 г. го покажа своето полнолетство и покрај притисоците под кои земјата се најде уште од првите нејзини денови и како што рече – денес е тука, постои и ќе постои со својата јазична, културна, религиозна и етничка посебност како модерна, демократска и отворена држава. „На 8 септемви ’91-та македонскиот народ создаде своја држава, како гарант на неговата јазична, културна, религиозна и етничка посебност. Заедно со сите оние кои живеат во и за Македонија, создадовме и градиме слободна, независна, демократска и модерна држава. Нашата Македонија ја создадоа и ја градат и Македонци и Албанци и Турци и Срби и Роми и Власи и Бошњаци. И сите кои живеат во неа. Нашата слободна и независна држава ја создаде и гради и нашата македонска дијаспора, нашите патриоти и собраќа ширум светот, и сите наши пријатели од различни нации кои веруваат во принципите на демократијата и слободата. Независна и суверена Република Македонија се издигна како факел на демократијата. Држава во која сите етнички и религиозни идентитети, идеологии и лични убедувања се гарантирани и промовирани како човеково право, но и заедничка вредност која не прави побогати и посилни. Преку Охридскиот договор и постојаното инвестирање во културната, јазичната, религиозната и етничката разноликост на нашето општество, создадовме модерна и отворена држава“, нагласи Иванов. Како што рече македонскиот претседател Иванов, 8 Септември не е само македонски празник, туку и прилог во светската заедница на слободни народи, во која Република Македонија сака да биде рамноправен и достоинствен партнер на сите европски и светски држави кои ги делат нашите вредности и ги почитуваат демократијата и слободата. Тој порача да не се заборава и да се следи примерот кој пред 18 години го дадовме сите заедно со храброто референдумско „Да“, бидејќи секој граѓанин со своето знаење, креативност, упорност и индивидуална енергија, со нескротливиот дух, желбата да се работи и да се успее ја чини младоста и динамичноста на Македонија. Осврнувајќи се на новите предизвици, Иванов рече дека наскоро очекува Европската комисија да препорача датум за отпочнување на претпристапните преговори, бидејќи економски силна и интегрирана Република Македонија е заеднички интерес за нацијата.„Македонија и нејзините граѓани со право очекуваат поддршка за своите постигнувања. За спроведените реформи и за постојаната и посветена европска и евро-атлантска ориентација. За бранењето на европските идеали во срцето на Балканот. Сакаме и очекуваме датум на кој ќе ја продолжиме оваа успешна приказна од нашата историја. Зошто идејата за европската иднина силно ги обединува нашите граѓани и ги прави посилни. Мораме цврсто да ја обединиме нашата нација околу заедничкиот интерес – слободата и просперитетот на сите македонски граѓани! Економски силна и интегрирана Република Македонија“, рече претседателот Ѓорге Иванов.На свеченоста во Македонската опера и балет, меѓу бројните гости присуствуваат премиерот Никола Груевски, претседателот на Собранието Трајко Вељановски, поранешни претседатели, пратеници и министри, претставници на верските заедници, на дипломатскиот кор и други истакнати личности.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Без вода дел од Карпош
ЈП Водовод и канализација Скопје известува дека денеска поради промена на шибер од ф 100мм на улицата Драгиша Мишовиќ бб без вода ќе бидат корисниците од улицата Драгиша Мишовиќ.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 09:00 часот до завршување на санацијата на дефектот.
Македонија
Променливо облачно и тивко со појава на магла
Променливо облачно со сончеви периоди. По одделни котлини ќе има појава на магла. Ќе дува слаб ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -4 до 1, а максималната ќе достигне од 4 до 12 степени.
Во Скопје, променливо облачно и тивко со појава на магла. Минималната температура ќе се спушти до -2, а максималната ќе достигне до 4 степени.
Времето во наредните денови
Во вторник преку денот ќе се задржи стабилно време. По одделни котлини ќе има појава на магла и зголемена облачност. Кон крајот на денот и во следните денови под влијание на серија влажни воздушни бранови ќе има повремени локални врнежи од дожд, наместа пообилни. Поради спуштање на постуден воздух од север на планините и на некои од повисоките места врнежите ќе преминуваат во снег.
Македонија
Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека планот за управување со квалитетот на воздухот во Скопје ќе го спремаат докажани експерти
Имплементацијата на мерки кои ќе бидат предвидени во План за управување со квалитетот на воздухот во Скопје ќе го спремаат експерти со докажано искуство и успешни проекти позади нив, а не ПР кампањџии, се вели во соопштението од Советничка група на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата на Град Скопје.
Мерките од овој план ќе бидат поддржани од градските власти и ќе се бара мерливост на резултатите и отчетност во реализацијата.
За дел од мерките ќе бараме помош при финансирањето, а дел од мерките од овој план ќе се финансираат од пари на граѓаните и тие не смее веќе да се трошат како до сега, во проекти со сомнителен квалитет, без мерливи резултати и подготвувани од аматери.
Прашањето на чистиот воздух е прашање на нашето здравје. А нашето здравје и здравјето на нашите деца нема да им го довериме на оние кои својот успех го мерат само во бројот на лајкови кои ловат во матното поле на паниката која ја создаваат кај граѓаните, туку во мерливи резултати.
Прашањата поврзани со квалитетот на воздухот ќе ги решаваме со вклученост на вистински стручњаци, затоа што се работи за здравјето на нашите деца, а не на кариерата на некој опозициски советник.
Светските примери на градови кои влегле во борбата со аерозагадувањето и успешно се борат, покажуваат дека посветената борба трае долги години и не започнува со ПР акции на денот кога воздухот е најзагаден, туку со систематски поставен План за управување со квалитетот на воздухот и имплементација на неговите мерки.

