Македонија
„Пајажина“ продолжи со одбраната на директорот на „Хедис маркети“
Поранешниот управител на „Хедис маркетите“, и „Хедис“ ДО0, Жарко Стојановски, потпишувал подготвени позајмици без да праша по чиј налог биле давани.
Поранешниот управител на „Хедис маркетите“, и „Хедис“ ДО0, Жарко Стојановски, потпишувал подготвени позајмици без да праша по чиј налог биле давани. Според него, доколку некоја фирма од ул. „перо Наков“ имала финансиски проблеми, тој дозволувал давање позајмици на таа фирма од неговата. Денеска во Кривичниот суд во Скопје продолжи сослушувањето на 23-цата обвинети во случајот „„Пајажина“. Претходните денови беа сослушани петмина од обвинетите кои се изјаснија за невини, но дополнителна одбрана со изнесување докази најавија во текот на доказната постапка. Стојановски тврди дека немал никаква врска со финансиите во фирмата, оти сите фирми на „Перо Наков“ имале централно книговодство и тој има целосна доверба во Славица Маринковска којашто го водела книговодството. Иако бил директор на фирмата, Жарко Стојановски се изјасни дека тој не знаел кој давал налог за позајмиците, и не знае колку точно вработени имало во фирмата што тој ја раководел, бидејќи бројката работници постојано варирала. Како основач на фирмата „Хедис маркети“, Стојановски го наведе сопственикот на А1 телевизија, Велија Рамковски. Меѓутоа, на прашање од судијата, тој вели дека не го информирал него за работата во фирмата. Во својата одбрана тој тврдеше дека не е виновен за перење пари, даночно затајување, злоупотреба на службената положба, како и дека не бил член на никакво злосторничко здружување за што го товари обвинението. Покрај тоа, Стојановски на денешното рочиште тврдеше дека не им исплатувал пари во готовина на сообвинетите Дарко Перушевски и Анета Кочишки. Тој тврди дека платата на вработените им била префрлана на нивните трансакциски сметки и дека не знаел за никакви списоци на вработени на кои платата им била исплатувана во готовина. Денеска својата одбрана пред Судскиот совет на Кривичниот суд, треба да ја даде и сметководителката на А1 телевизија, Славица Маринковска, Наташа Крстаноска, администратор во А1 ТВ и управителот на печатницата „Мисирков“, Слободан Пејовски.
Во средата по исказот на поранешниот директор на А1 телевизија Дарко Перушевски, своја одбрана даваа и Ѓултен Џемаили, којашто поради здравствени причини се бранеше со молчење. /крај/фф
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Уапсени возачи од Скопје и Куманово, возеле без возачка, одземени им се возилата
Полицијата уапси двајца возачи од Скопје и Куманово, возеле без положен возачки испит, одземени им се возилата.
Попладнево во 12:40 часот на патот Куманово-с. Липково, полициски службеници го лишија од слобода Ш.А.(31) од Куманово. При сообраќајна контрола, полициските службеници сопреле патничко возило „голф“ со кумановски регистарски ознаки, при што било констатирано дека возилото го управувал без положен возачки испит за управување на возило од Б категорија. Ш.А. е задржан во полициска станица, а возилото е одземено.
На 03.02.2026 во 13:00 часот на улица „Јустинијан први“ во Скопје, полициски службеници го лишија од слобода И.Џ.(20) од Скопје. При сообраќајна контрола, полициските службеници сопреле патничко возило „опел“ со скопски регистарски ознаки, при што било констатирано дека возилото го управувал без положен возачки испит за управување на возило од Б категорија. И.Џ. е задржан во полициска станица, а возилото е одземено.
По документирање на случаите, ќе бидат поднесени соодветни пријави по член 297-а од КЗ.
Македонија
Партиите со осуда за нападот врз новинарот Видиновски
Политичките партии го осудија нападот врз новинарот Александар Видиновски.
„Ги осудуваме нападите врз новинарот Александар Видиновски, кои се последица на бугарскиот национализам и шовинизам. Нападот врз новинарот Видиновски е напад врз слободата на говор и врз медиумите, од страна на структури кои разгоруваат омраза, а се мотивирани од бугарскиот национализам. Сите напади како овој врз новинарот Видиновски го разјадуваат општеството и ја подгреваат омразата, и мора веднаш да престанат“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Осуда стигна и од ЛДП.
„Либерално-демократската партија (ЛДП) најостро го осудува однесувањето на онлајн насилниците со коментари исполнети со говор на омраза кон новинарот на Канал 5, Александар Видиновски. Ваквиот начин на изразување и на воспоставување дијалог не е воопшто соодветен за било кое демократско општество. Ја изразуваме нашата поддршка за Видиновски, бараме независното новинарство да остане независно од секакви влијанија и бараме брза реакција на институциите за расчистување на случајот“, велат од ЛДП.
Македонија
Македонија и ОАЕ потпишаа Меморандум за размена на искуства во областа на развојот и модернизацијата на владата
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска во Дубаи оствари билатерална средба со вицепремиерот и министер за надворешни работи на Обединетите Арапски Емирати, шеикот Абдула бин Зајед Ал Нахјан, во чии рамки беше потпишан Меморандум за разбирање меѓу Владата на Република Северна Македонија и Владата на Обединетите Арапски Емирати за размена на искуства во областа на развојот и модернизацијата на владата.

„Со Меморандумот се воспоставува институционална рамка за систематска соработка насочена кон унапредување на јавните политики, јакнење на административните капацитети, дигитална трансформација и примена на иновативни модели на управување“, соопштија од МНР.
Од таму додаваат дека потпишувањето на документот отвора нови можности за размена на знаења, експертиза и добри практики, како и за реализација на заеднички активности и проекти во области од заемен интерес, со цел зголемување на ефикасноста и квалитетот на владините услуги.
На средбата станало збор и за можноста за воспоставување директна авиолинија меѓу Скопје и Обединетите Арапски Емирати. Воедно бил направен сеопфатен преглед на билатералните односи, при што биле разгледани можностите за нивно натамошно продлабочување. Посебен акцент бил ставен на унапредувањето на политичката соработка, јакнењето на економските врски и интензивирањето на трговската размена меѓу двете земји.
Двете страни ја потврдиле заедничката определба за натамошно зајакнување на партнерските односи и развој на конкретни иницијативи кои ќе придонесат за одржлив економски раст, институционална ефикасност и продлабочена соработка меѓу Република Северна Македонија и Обединетите Арапски Емирати.

