Свет
Црвенковски наредил истрага во Агенцијата за разузнавање
Агенцијата за разузнавање (АР) од вчера почнала детална проверка на своите вработени откако „Време“ откри дека во оваа институција бил вработен Екрем Мустафи, поранешен затвореник осуден за фалсификување службени документи.
Емил Зафировски
Агенцијата за разузнавање (АР) од вчера почнала детална проверка на своите вработени откако „Време“ откри дека во оваа институција бил вработен Екрем Мустафи, поранешен затвореник осуден за фалсификување службени документи. Наредбата за проверка на документацијата и на досиејата на вработените ја издал претседателот Бранко Црвенковски под чија надлежност е АР.
Тој побарал од Лазе Китановски, директорот на Агенцијата, целосна информација за случајот „Мустафи“.
– Претседателот писмено побара информации за конкретниот случај од директорот на Агенцијата. Истовремено побара да му бидат доставени информации за сите вработувања во изминатиов период. Проверката на документацијата и на досиејата на вработените веќе е почната – изјави вчера Тања Цветковска, портпаролка на претседателот.
Според извори од Агенцијата за разузнавање, дел од раководните структури во АР знаеле дека инспекторот Екрем Мустафи бил поранешен осуденик. Тие тврдат дека информациите се премолчувале поради партиска директива, а со поддршка на Мухамет Исмаили, заменик-директор на АР и кадар на ДУИ.
Дознаваме дека Мерхиде Мустафи, сопруга на разузнавачот Екрем, била членка на разгранокот на ДУИ во Тетово и блиска пријателка со Шпреса Лика, сопруга на тетовскиот градоначалник Хазби Лика. „Време“ откри дека лицето Екрем Мустафи, кој пред шест месеци бил вработен во агенцијата, е поранешен затвореник осуден за две криминални дела – злоупотреба на службена положба и фалсификување патни документи.
Во Агенцијата за разузнавање владее целосен хаос и не функционира ниту една служба, а веќе почнало и одлевање на старите кадри, тврдат изворите. Тие нагласуваат дека професионалците се потиснати и нефункционални за сметка на нововработените кадри по партиски клуч.
Како пример го наведуваат случајот со заменик-директорот Мухамед Исмаили, кој бил поставен на таа функција со само една и пол година стаж, од која една година како приправник.
– Случајот Мустафи е само еден класичен пример за огромните пропусти и нефункционирање во Агенцијата за разузнавање. А станува збор за институција што според функцијата треба да биде еден од држечките столбови на државата, особено кога Македонија се уште не е застаната на здрави нозе – коментираат изворите од АР.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Поплавени куќи, затворени училишта: поројните дождови предизвикаа колапс на грчкиот остров Лезбос
Ноќните поројни дождови на грчкиот остров Лезбос, ги поплавија куќите и другите објекти на западниот дел од егејскиот остров и ги принудија локалните власти да затворат неколку училишта за инспекции и поправки, објави Екатимерини.
Најтешко погодени беа областите Калони и Скала, а жителите ја опишаа количината на вода што падна на островот како „невидена“.
Одлуката за затворање на сите училишта во западен Лезбос беше донесена како превентивна мерка, поради интензивните и продолжени поројни дождови, кои зафатија значителен дел од островот, предизвикувајќи прекини во сообраќајот и зголемувајќи го ризикот од патување за учениците и наставниците, наведоа локалните власти во соопштението.
Тие исто така им советуваа на жителите да се воздржат од непотребни патувања додека не се изврши целосна проценка на штетите на патот.
Фото: принтскрин
Свет
Бен Гвир делеше слатки за време на одобрувањето на законот за смртна казна во Кнесетот
Израелскиот Кнесет усвои во прво читање закон со кој се воведува смртна казна за палестинските затвореници осудени за убиство на израелски граѓани. Законот го предложи пратеникот на Кнесетот Лимор Сон Хар Мелех, а предлогот сега оди на разгледување во комисиите пред второто и третото читање.
Предлогот доби значително мнозинство гласови – 39 пратеници гласаа за него, додека 16 гласаа против.
По гласањето, крајнодесничарскиот министер Итамар Бен Гвир го прослави резултатот делејќи слатки, изразувајќи задоволство од одлуката, за која рече дека „носи правда за израелските жртви“.
Според нацрт-законот, секое лице кое ќе убие израелски граѓанин од расна или национална омраза или со намера да им наштети на државата Израел и на еврејскиот народ, ќе биде осудено на смрт како единствена пропишана казна.
Законот, исто така, ја менува постојната законска рамка, дозволувајќи им на воените судови да изрекуваат смртна казна со мнозинство гласови од судиите, наместо едногласно, како што беше случај досега. Покрај тоа, откако пресудата ќе стане конечна, таа не може да се измени или поништи.
Предлогот предизвика силни реакции во Израел и меѓународната заедница, со предупредувања дека усвојувањето на законот може дополнително да ги влоши израелско-палестинските тензии и да претставува сериозно отстапување од претходната израелска правна пракса, која исклучително ретко ја применува смртната казна.
Фото: принтсркин
Свет
Германија планира огромно зголемување на помошта за Украина
Германската влада има намера да ја зголеми својата поддршка за Украина на повеќе од 11,5 милијарди евра следната година, за да ѝ помогне на земјата да се одбрани од руската агресија.
Според податоците, овој износ е вклучен во предлогот на Министерството за финансии, кој ќе биде предмет на последната дебата за нацрт-буџетот за 2026 година во буџетската комисија на Бундестагот.
Владини извори минатата недела изјавија дека дополнителните средства ќе бидат наменети за артилерија, беспилотни летала и оклопни возила, како и за замена на два системи за воздушна одбрана „Патриот“.
Комисијата на Бундестагот ќе одржи таканаречена „последна седница“ во четврток за да направи конечни прилагодувања на буџетот за 2026 година.
Како што претходно објавија извори блиски до германскиот канцелар Фридрих Мерц, владата верува дека ќе може да се спротивстави на повиците на опозицијата за суспендирање на помошта за Украина, во светлината на обвинувањата што ги поврзуваат украинските граѓани со експлозиите на гасоводот „Северен тек“ во Балтичкото Море.
Според германските истражители, се верува дека групата Украинци кои учествувале во тие експлозии дејствувале под команда на тогашниот врховен командант на украинските вооружени сили Валериј Залужни.

