Свет
Сирискиот претседател ги критикуваше САД за поддршка на Израел
Сирискиот претседател Башар ал-Асад во понеделник ги критикуваше САД дека му пружаат неограничена поддршка на Израел, и покрај „невиденото злосторство“ на Тел Авив, пренесува сириската новинска агенција САНА
„Израел ужива неограничена и безрезервна поддршка од САД, без оглед на тоа какви злосторства ќе изврши што ќе го дестабилизира нашиот регион и ги поттикнува тензиите и можноста за војна”, изјавил Башар ал-Асад во Дамаск пред американскиот сенаторот Боб Кокер.За време на средбата сирискиот претседател ги повикал САД да извршат притисок врз Израел да престане со „суровите акти на агресија, да ја прекине блокадата на појасот Газа и да отпопчне со мировниот процес, како единствен начин за враќање на безбедноста и стабилноста во регионот.”Како што рекол Асад, додека Арапите преземаат напори да се постигне мир, Израел врши убиства на цивили кои сакаа да ја преминат блокадата, покажувајќи дека воопшто не му е грижа за човечките животи и не го попчитува меѓународното право“.Во понеделник наутро израелски командоси во Средоземното Море го пресретнаа конвојот на хуманитарната мисија „Флота на слободата“ во која имаше шест бродови на кои им се приклучиле подоцна уште три, кои во неделата тргнаа од Кипар за да ја минат блокадата што Израел ја постави за појасот Газа. Бродовите со околу 700 хуманитарни активисти од многу земји во светот и од регионот, најмногу од нив државјани на Турција, имаа намера до палестинските енклави да достават околу 10 илјади тони хиуманитарна помош, најмногу во лекови, градежен материјал и храна. Според организаторите во мисијата учесници биле и повеќе европски парламентарци, академски личности, па дури и добитничката на Нобеловата награда за мир Ирката, Мејрид Кориген Мегвајер, за чија судбина се уште не се знае ништо, исто како и за тројцата македонски државјани кои беа не еден од бродовите од конвојот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Врховниот адмирал на НАТО: Размислуваме за поагресивен пристап против Русија
НАТО размислува за заземање поагресивен став како одговор на руските кибер-напади, саботажи и нарушувања на воздушниот простор, изјави највисокиот воен функционер на алијансата. Адмиралот Џузепе Каво Драгоне, претседател на Воениот комитет на НАТО, потврди дека западната воена алијанса ја проучува можноста за зајакнување на својот одговор на хибридното војување што го спроведува Москва, пишува „Фајненшл тајмс“.
„Разгледуваме сè… Во однос на кибер-просторот, ние сме прилично реактивни. Да бидеме поагресивни или да бидеме поактивни наместо реактивни е нешто за кое размислуваме“, рече Драгоне.
Европа беше погодена од голем број инциденти со хибридно војување – од сечење кабли во Балтичкото Море до кибер-напади на целиот континент – некои ѝ се припишуваат на Русија, а потеклото на други останува непознато.
Затоа некои дипломати, особено од источноевропските земји, го повикуваат НАТО да престане да биде чисто реактивен и да почне да реагира. Таквиот одговор би бил најизводлив во случај на кибер-напади, каде што многу земји веќе имаат офанзивни капацитети, но би бил многу посложен кога станува збор за саботажи или упади со беспилотни летала.
Драгоне забележа дека превентивниот удар би можел да се смета за одбранбена акција, но додаде: „Тоа е надвор од нашиот вообичаен начин на размислување и однесување“.
Сепак, тој ја остави отворена можноста за промена на пристапот. „Да се биде поагресивен во споредба со агресивноста на нашиот противник би можело да биде опција. Прашањата се правната рамка, јурисдикциската рамка, кој ќе го стори тоа?“, додаде тој.
Како пример за успешно одвраќање НАТО ја посочува својата мисија „Балтичка стража“, во која бродови, авиони и поморски беспилотни летала патролираат на Балтичкото Море. Мисијата спречи повторување голем број инциденти со пресекување кабли, кои се случија во 2023 и 2024 година, а за кои се сомнева дека се случиле од бродови поврзани со руската флота во сенка, дизајнирани да ги заобиколат западните санкции.
„Од почетокот на мисијата ‘Балтичка стража’ ништо не се случи. Ова значи дека ова одвраќање функционира“, нагласи Драгоне.
фото/епа
Свет
Хакирани 120.000 камери во домови и гинеколошки ординации во Јужна Кореја, снимки со експлицитна содржина продавани на интернет
Четири лица се уапсени во Јужна Кореја за наводно хакирање повеќе од 120.000 видеокамери во домови и бизниси и користење на снимките за креирање сексуално експлицитен материјал, што го продале на странска веб-страница. Полицијата објави дека обвинетите ги искористиле безбедносните ранливости во ИП (интернет-протокол) камерите, како што се едноставните лозинки, објавува Би-би-си.
ИП-камерите, или домашните камери, се поевтина алтернатива на традиционалниот видеонадзор. Тие се поврзуваат со домашна интернет-мрежа и често се инсталираат за безбедност или за следење деца и домашни миленици.
Хакираните камери биле лоцирани на разни локации, вклучувајќи приватни домови, караоке-соби, пилатес-студија, па дури и гинеколошка ординација. Во соопштението од Националната полициска агенција на Јужна Кореја се открива дека четворицата осомничени дејствувале независно еден од друг и не биле поврзани.
Еден од осомничените е обвинет за хакирање 63.000 камери и производство на 545 видеа со сексуална експлоатација, кои потоа ги продал за виртуелни средства во вредност од 35 милиони вони (речиси 24.000 евра).
Друг наводно хакирал 70.000 камери и продал 648 видеа за средства во вредност од 18 милиони вони (речиси 10.564 евра). Двајцата осомничени биле одговорни за приближно 62 % од видеата објавени на веб-страницата што нелегално ги дистрибуирала снимките во изминатата година.
Полицијата работи на блокирање и затворање на веб-страницата и соработува со странски агенции за да го испита нејзиниот оператор. Уапсени се и три лица осомничени за купување и гледање на материјалот.
„Хакирањето на ИП-камерите и нелегалното снимање предизвикуваат огромно страдање кај жртвите и затоа се сериозни кривични дела“, рече Парк Ву-хјун, раководител на сајбер-истрагите во Националната полициска агенција. „Гледањето и поседувањето нелегално снимени видеа се исто така сериозни кривични дела, па затоа активно ќе ги истражуваме“.
Властите лично ги посетија или ги известија жртвите на 58 локации информирајќи ги за инцидентот и давајќи им упатства за промена на нивните лозинки. Тие исто така им помагаат на жртвите да бришат и да блокираат содржина и работат на идентификување на други што можеби биле засегнати.
„Пред сè, клучно и ефикасно е индивидуалните корисници што инсталирале ИП-камери во своите домови или бизниси да останат будни и веднаш и редовно да ги менуваат своите лозинки за пристап“, се вели во соопштението на Националната полициска агенција.
фото/епа
Свет
ЕУ го предупредува Трамп: Путин мора да одговара за воените злосторства
Висок функционер на Европската Унија предупреди дека мировниот план на Доналд Трамп за Украина не смее да го ослободи Владимир Путин од одговорност за воените злосторства поставувајќи јасна црвена линија за Брисел за каков било иден договор.
Во едно интервју европскиот комесар за правда и демократија, Мајкл Мекграт, нагласи дека разговорите за прекин на огнот не смее да резултираат со тоа што Русија ќе избегне гонење за своите постапки, објави „Политико“.
Коментарите на Мекграт одразуваат длабока загриженост во цела Европа поради нацрт-договорот на САД, кој наводно вклучувал „целосна амнестија за дела извршени за време на војната“ и планови за брза реинтеграција на Русија во глобалната економија. Таквиот пристап кон рехабилитацијата на Кремљ е спротивен на меѓународната осуда на многубројни злосторства, како што се киднапирањето на 20.000 украински деца и бруталните напади врз цивили во Буча, Мариупол и други градови.
„Не мислам дека историјата ќе суди благонаклоно за секој обид да се заборават руските злосторства во Украина“, рече Мекграт. „Тие мора да бидат одговорни за овие злосторства, а тоа ќе биде пристапот на Европската Унија во сите овие дискусии“.
„Ако го направиме тоа, да дозволиме неказнивост за тие злосторства, ќе сееме семе на следната рунда агресија и на следната инвазија“, додаде тој. „И верувам дека тоа би била историска грешка од огромни размери“.
Украинските власти почнаа повеќе од 178.000 истраги за наводни руски злосторства од почетокот на инвазијата. Минатиот месец панел на Обединетите нации откри дека руските власти извршиле злосторства против човештвото со напади со беспилотни летала врз цивили, како и воени злосторства со присилно преместување и депортација.
„Не можеме да се откажеме од правата на жртвите на руската агресија и руските злосторства“, рече Мекграт. „Милиони животи се одземени или уништени, луѓето се насилно отстранети, а имаме изобилство докази“.
Додека ЕУ работи со партнерите за формирање специјален суд за кривично дело агресија, а Меѓународниот кривичен суд издаде налог за апсење на Путин во март 2023 година за нелегална депортација на деца, Трамп и неговиот тим покажаа мал интерес за негово гонење.
Претседателот на САД постојано го опишува својот руски колега во позитивно светло зборувајќи за добри разговори и надежи за нови економски и енергетски партнерства. Двајцата лидери исто така наводно разговарале за организирање хокеарски натпревари меѓу САД и Русија по завршувањето на војната.
Овој тон продолжува и во нацрт-мировниот план од 28 точки што неодамна го презентира тимот на Трамп. Во документот се наведува дека „Русија ќе биде реинтегрирана во глобалната економија“ и се повикува на нејзино враќање во групата Г8, од која беше исклучена во 2014 година по анексијата на Крим.
Планот исто така предвидува склучување долгорочен договор за економска соработка меѓу САД и Русија во клучни сектори, како што се енергетиката, инфраструктурата, вештачката интелигенција и рударството на ретки метали.
Планот на САД исто така предлага постепено укинување на санкциите врз Русија, но европските лидери инсистираат дека одлуката за санкциите на ЕУ е исклучиво нивна одговорност. Сепак, не сите членки на ЕУ го делат истиот став.
Унгарија постојано блокира нови пакет-санкции, особено оние поврзани со нафтата и гасот од кои зависи. Во исто време, истакнати политичари во Германија ја споменаа можноста за укинување на санкциите врз гасоводот „Северен тек“.
фото/епа

