Македонија
Претседателот Иванов во Истанбул на средба со раководството на ТУСКОН

Претседателот Ѓорге Иванов во средата во Истанбул оствари работен ручек со раководството на ТУСКОН – Конфедерација на бизнисмените и индустријалци на Турција.
На работниот ручек, организиран во негова чест, претседателот Иванов ги запозна стопанствениците со реформските процеси во Македонија, со напорите кои ги прави земјата со цел создавање на поповолен бизнис амбиент, и упати повик до членките на ТУСКОН да инвестираат во Македонија, запознавајќи ги со погодностите за странските инвестиции.
Претседателот на ТУСКОН, Ризанур Мерал, нагласи дека Конфедерацијата и нејзините членки даваат силна поддршка на развојот на економската соработка меѓу Македонија и Турција и изрази очекување дека во иднина бројот на турските инвеститори во Македонија континуирано ќе се зголемува. ТУСКОН важи за една од највлијателните Комори во Република Турција, во која членуваат 173 компании и 43.000 членови.
Во рамки на посетата, попладнево во Цариградската патријаршија, претседателот Иванов оствари средба и со Неговата Светост, вселенскиот патријарх Вартоломеј.
На средбата, Вселенскиот патријарх изрази задоволство од честите средби и размената на мислења со претседателот Иванов.
„Среќен сум што секогаш кога сте вие во Истанбул ме посетувате, посебно сум среќен што оваа година ме посетивте и за Велигден. Во вас имам пријател, интелектуалец и лидер посветен на духовните вредности“, истакна Вселенскиот патријарх Вартоломеј.
На интерес на Вселенскиот патријарх, претседателот Иванов го запозна со односите меѓу Република Македонија и Република Грција, особено за економските релации и за односите меѓу двете општества.
Заемна констатација беше дека во услови на глобални предизвици неопходно е поголемо лидерство во сите области, за надминување на пречките кои стојат на патот на напредокот на сите народи, како и надминување на братските недоразбирања и постигнување на православно единство. Вселенскиот патријарх, воедно упати честитки за лидерството на претседателот Иванов, за неговата посветеност на дијалогот и толеранцијата на различностите.
Македонскиот претседател ја потврди заложбата на Македонија во унапредување на односите меѓу сите верски заедници, истакнувајќи дека разновидноста на верските и културни заедници е вековно наследство и уникатно богатство на нашата земја.
Претседателот Иванов, притоа ја реафирмираше поканата за посета на вселенскиот патријарх Вартоломеј на Република Македонија.
Во рамки на посетата, претседателот Иванов во четврток ќе се обрати на свеченото отворање на „ТОББ Меѓународниот бизнис форум“, на кој ќе учествуваат над 1.000 бизнисмени и претставници на меѓународни институции од 85 земји од светот. Централна тема на дискусија на Форумот е глобалната економска криза со посебен фокус на улогата на приватниот сектор, како и потребата за зајакнување на претприемништвото и изнаоѓање решенија за надминување на пречките во меѓународната трговија.
ТОББ Универзитетот за економија и технологија е еден од најреномираните универзитети во Турција, кој во октомври, 2009 година, на Претседателот Иванов му ја додели титулата Почесен доктор на науки. /крај/мф/ач
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Потребно ли е Ромите да се иселат од Вардариште? – Шукова и Ангелов со спротивставени мислења

Кандидатката за градоначалник на Скопје од СДСМ, Каја Шукова, денеска реагираше на изјавата на директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов, според кого ромските семејства кои живеат во дивата населба во Вардариште треба да бидат дислоцирани, ако е потребно и силум.
„Изјавата на Ангелов е тешка и опасна навреда што го открива вистинското лице на оваа власт“, изјави Шукова.
Ангелов пак возврати дека неговиот став не е навреда, туку грижа за здравјето на граѓаните на Скопје. Тој обвини дека со останувањето на ромските семејства во Вардариште се продолжува со палењето кабли и друг токсичен отпад, што редовно предизвикува пожари и дополнително го загадува воздухот во главниот град.
„Не се согласувам ‘преживувањето’ на неколку десетина семејства да биде ставено пред животот и здравјето на стотици илјади скопјани кои секојдневно вдишуваат отрови. За мене, животот, здравјето и безбедноста на граѓаните се на прво место“, изјави Ангелов.
Тој потсети и дека граѓански здруженија кои со години алармираат за загадувањето од дивата депонија Вардариште често се соочувале со вербални и физички напади од лица кои живеат во населбата.
Дебатата за тоа дали Ромите треба да се иселат од Вардариште или институциите да најдат друго системско решение останува отворена, но ставовите на Шукова и Ангелов јасно ја покажуваат длабоката поделба околу овој чувствителен проблем.
Македонија
Министерството за пацинетот кој почина на Онкологија: Не е вистина дека документацијата му била изгубена

Министерството за здравство реагира на случајот со починатиот пациент на Клиниката за онкологија и радиотерапија, по објавите дека неговата медицинска историја била изгубена и пронајдена дури откако починал.
Од Министерството информираат дека пациентот бил донесен во исклучително тешка состојба, со четврта фаза на метастази на коски, дијагностицирани пред една година. Веднаш по приемот бил инициран процес за обезбедување крвен дериват, но за жал пациентот починал додека траела процедурата, и покрај сите преземени мерки.
Семејството, како што додаваат од институцијата, одбило да се изврши обдукција, а целата медицинска документација е уредно предадена. Министерството нагласува дека наводите за изгубена медицинска историја се неточни и немаат никаква поврзаност со третманот на пациентот.
Во соопштението се упатува и апел за почитување на интегритетот и професионалноста на лекарите и здравствените работници. „Вербални и физички закани не смеат да бидат дел од општеството кое се стреми кон хуманост и грижа за здравјето,“ наведуваат од Министерството.
„Лекарите се сојузници на пациентите и нивните семејства. Само преку заемна доверба и почит можеме да изградиме здравствен систем кој обезбедува хуман и безбеден третман за сите,“ се додава во реакцијата.
Македонија
Да се лоцираат и отстранат сите диви депонии, им препорача Меџити на општините

На барање на министерот за животна средина и просторно планирање Изет Меџити до општините е испратена препорака за спроведување детаљни контроли и идентификација на сите диви депонии и нерегистрирани локации за отпад, како и изготвување планови за нивно систематско отстранување.
Министерството соопшти дека од општините очекува мерки за унапредување на управувањето со отпад и заштита на животната средина, а од Државниот инспекторат за животна средина итни активности за контрола и управување со депониите.
Препораките предвидуваат формирање работни тимови за теренска проверка и геолокациско мапирање, соработка со инспекциските служби, подготовка на извештај за состојбата со дивите депонии, кој во рок од 60 дена ќе биде доставен до Министерството, како и информативни кампањи за подигање на јавната свест кај граѓаните.
Истовремено, Државниот инспекторат за животна средина ќе спроведе вонредни контроли на сите постојни и нерегистрирани депонии. Контролата ќе опфати проверка на усогласеност со дозволите и со еколошките стандарди, откривање незаконско депонирање и преземање мерки за санација и санкционирање при прекршувања.