Вести
Турција ги потврди нападите во Алепо, изврши нови во Латакија, САД бараат да прекине
![](https://makfax.com.mk/wp-content/uploads/2016/10/turcija20haubici.jpg)
САД во саботата вечерта ја повикаа Турција да прекине со артилериските гранатирања врз силите на сириските Курди и на сириската армија во северниот дел од Сирија, откако Анкара потврди дека ги гаѓала позициите на курдските сили, но веднаш потоа ноќта кон неделата извела нови гранатирања врз другата сириска северна покраина Латакија.
„Ги повикавме сириските Курди и другите сили поврзани со PYD (Курдската партија на демократското единство) да не го искористуваат метежот за да дојдат до нови територии. Покрај тоа ги видовме информациите за артилерискиот оган од турската страна на границата и ја повикавме Турција да го прекине огнот“, изјави ноќта кон неделата портпаролот на Стејт департментот Џон Кирби.
„Вознемирени сме од ситуацијата на север од Алепо и работиме на тоа за да се намали напнатоста од сите страни“, го цитира AFP Кирби.
Турција повторно во саботата изведе два одвоени артилериски напади врз сириската територија. Во првиот напад беа гаѓани позициите на Единиците за одбрана на народот (YPG) кои во северната покраина Алепо, десетина километри од турската граница ја заземаа пред два дена од сунитските бунтовници воздухопловната база Минех и контролираат важни правци кои го оневозможуваат снабдувањето со оружје и луѓе бунтовниците кои ги поддржува Турција.
Во вториот напад, турската артилерија ги гаѓала позициите на сириската владина армија во покраината Латакија.
„Турската артилерија отвори оган врз позициите на сириската армија во областа на планината Алија во северозападниот дел од покраината Латакија. Долетаа неколку проектили од турска територија, изјави за агенцијата РИА сириски воен извор.
Турски воени извори потврдиле за агенцијата Anadolu дека во саботата во два одвоени напада ги гаѓале курдските и сириските сили, наводно како одговор на оган од нивните позиции, но овие информации не се потврдени од независни извори.
„Според правилата на постапување, турските вооружени сили гаѓале цел на PYD во близина на градот Азаз, во покраината Алепо“, рекол за агенцијата неименуван турски воен извор. Додал и дека турската војска „возвратила“ на оган од страна на силите на сириската влада врз воена позиција во околината на Хатај, на југот од Турција.
Не се објавени никакви поединости за видот на турските гранатирања, а се претпоставува дека станува збор за оган од јуришни тенкови.
И турскиот премиер Ахмет Давутоглу ги потврдил нападите врз PYD, но не сакал да зборува за детали.
„Денешната одмазда е изведена според правилата на постапување против силите кои претставуваат закана за Азаз (град на сириска територија – з.р) и околината“, изјавил Давутоглу во текот на посетата на градот Ерзинчан, на истокот од Турција.
Алудирајќи на курдските сили, тој PYD ги нарекол „терористичка група којашто е поврзана со сирискиот режим кој учествува во руските воздушни удари врз цивили“./крај/мф/сн
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
![](https://makfax.com.mk/wp-content/uploads/2022/08/makfax_logo_350px.jpg)
Вести
“Во основа е пекол на земјата”: Градот Газа оставен тотално без здравствената заштита
![](https://makfax.com.mk/wp-content/uploads/2023/11/gaza32.jpg)
Во раните утрински часови во саботата, над купови бетон и урнатини, толпа лекари и пациенти пешачеа километри низ уништените улици на градот Газа, принудени да се евакуираат пеш од она што остана од болниците. Здравствените работници велат дека се плашат да ги оставаат критично болните пациенти зад себе во град кој сега во голема мера е сведен на урнатини, преземен израелските сили, со болници кои работат без струја, гориво, вода или храна, пишува британски „Гардијан“.
“Тоа е во основа пекол на земјата”, вели Вилијам Шомбург, шефот на Меѓународниот комитет на Црвениот крст во Газа, опишувајќи го она што остана од животот во градот.
Со недели, десетици илјади луѓе се надеваа дека во болниците во Газа ќе најдат засолниште кое е најблиску до безбедно бидејќи енклавата издржа интензивирачки бомбардирања.
Но, откако израелските сили се приближија до објектите и потоа ја нападнаа најголемата болница во Газа, Дар ал-Шифа минатата недела, илјадници луѓе беа раселени заедно со медицинскиот персонал, шетајќи низ уништените улици на југ од енклавата.
Палестинското министерство за здравство во Газа соопшти дека израелските сили побарале евакуација на болницата Ал Шифа вчераутро, три дена откога влегоа во објектот. Здравствените лица сведочат дека им им било кажано дека имаат еден час да ја евакуираат болницата која беше центар на здравствениот систем на Газа.
Најмалку 12.000 луѓе загинаа во израелскиот напад врз Газа по нападот на Хамас на 7-ми октомври, во кој загинаа 1.200 Израелци, а околу 240 луѓе беа заложници.
Вести
Борел: Целосно е невозможно да се евакуираат милиони луѓе од северот на Газа
![](https://makfax.com.mk/wp-content/uploads/2022/09/борел-миа.jpg)
Првиот човек на ЕУ-дипломатијата Жозеп Борел утринава на прес-конференција изјави дека евакуацијата на милиони луѓе од северниот дел на Газа е целосно невозможна.
Десетици илјади цивили почнаа да бегаат од јужниот дел на Газа вчера, откако Израел им порача на луѓето да ја напуштат областа пред очекуваната копнена офанзива.
„Да се замисли дека можеш да преселиш милион луѓе за 24 часа во ситуација во каква што е Газа, може да биде само хуманитарна криза“, рече Борел на последниот ден од тридневната дипломатска посета на Кина.
И покрај изјавата на ЕУ за поддршка на Израел, тој исто така предупреди дека и Израел е должен да го почитува меѓународното хуманитарно право во одбранбениот процес.
„Позицијата е јасна“, рече Борел. „Но, како и секое право, тоа има граница. А таа граница е меѓународното право“.
Вести
Проценки на ОН: Десетици илјади луѓе веќе ја напуштија Газа
![](https://makfax.com.mk/wp-content/uploads/2023/10/антонио-гутереш.jpg)
Во текот на ноќта беа објавени најновите проценки на ОН за бројот на луѓе кои ги напуштиле своите домови во северниот дел на Газа.
Тие велат дека веруваат дека станува збор за десетици илјади кои се упатиле кон југ по предупредувањето за евакуација на Израел.
Пред наредбата за евакуација, повеќе од 400.000 Палестинци беа внатрешно раселени, според хуманитарната канцеларија на ОН OCHA.
Израелската војска им порача на околу 1,1 милион луѓе во северниот дел на Газа да заминат пред очекуваната копнена инвазија. Хамас, пак, ги повика луѓето да останат на место и да пркосат на израелската воена наредба.
Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш рече дека наредбата од Хамас е „исклучително опасна – и во некои случаи едноставно не е возможна“.