Економија
Eos Matrix, Seavus и Next Sense со најголема грижа за човечките ресурси
Единственото списание за човекови ресурси во Македонија „Global Hr“ денеска за првпат организираше доделување на награди во повеќе категории за развој на човечки ресурси. Наградата за најдобар менаџер за човекови ресурси замина во рацете на Марина Сивакова-Таскова од компанијата Eos Matrix.Компанијата Seavus има најдобар оддел за човечки ресурси во Македонија, додека компанијата Next Sense најмногу вложувала во своите вработени и во развојот на човековиот капитал.Наградите ги додели експертот за човечки ресурси Весна Димевска, која што оцени дека човечките ресурси претставуваат моторната сила на секоја компанија.„Правилното водење и менаџирање со човечкиот капитал се предуслов за успешна и профитабилна компанија. Токму затоа со овие награди сакаме да им дадеме почит и признание на компаниите, кои во изминатата година се покажаа за најуспешни“, рече Димевска.Најдобриот менаџер за човекови ресурси Сивакова-Таскова изјави дека од една страна е најтешко да се работи со луѓе, бидејќи станува збор за многу карактери и особини, но од друга страна, е и најслатко да се работи со луѓе.„Ова е големо признание за мене, но и голем мотив и поттик да бидам уште подобра во иднина“, изјави Сивакова-Таскова.Раководителот на одделот за човечки ресурси на Seavus, Оливера Геговска истакна дека наградата претставува потврда за долгогодишна работа и е признание за она каде што во моментов се наоѓа Seavus.„Пред се сакам да се заблагодарам на самата компанија, која што несебично инвестира во постоењето на еден ваков оддел и која што ја знае вредноста на неговото постоење. Ова е една обврска за нашиот оддел и во иднина оваа награда да ја потврди“, рече Геговска.Претставникот на Next Sense истакна дека вработените во компанијата се најзаслужни за оваа работа бидејќи од срце вложуваат во својата компанија Принципот на избор на најдобрите е по пат на номинација на кандидатите од страна на самите вработени во компаниите, додека изборот на наградените го изврши стручно жири. /крај/ап/
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Фатих Шахбаз е нов главен извршен директор на Халкбанк АД Скопје
Д-р Фатих Шахбаз е назначен за нов Главен извршен директор на Халкбанк АД Скопје. По успешно спроведените законски и регулаторни процедури, Народната банка даде одобрение за назначување на новиот ГИД, кој Банката ќе ја води во следниот период. Со оваа одлука, Халкбанк продолжува со стратегиски ориентиран и стабилен развој, под раководство на искусен професионалец кој зад себе има повеќе од две децении богато искуство во банкарскиот сектор.
Д-р Шахбаз својата кариера ја градел во рамките на Türkiye Halk Bankası A.Ş., каде последователно извршувал различни значајни функции, од специјалист, внатрешен инспектор, директор и раководител на филијала, до менаџер на оддел и директор на група. На 1 декември 2022 година бил назначен за заменик генерален директор задолжен за Управување со човечки ресурси и Секторот за поддршка, а од 17 јули 2025 година ја извршувал функцијата заменик генерален директор задолжен за Управување со поддршка и Дигитална трансформација.

Неговото академско образование, богато професионално портфолио и долгогодишната експертиза како и искуството во менаџирање со клучни сегменти од банкарското работење, претставуваат силна основа во понатамошниот развој и водење на Халкбанк во Македонија.
Халкбанк АД Скопје е стабилна и високо позиционирана банка на македонскиот пазар, еден од најзначајните двигатели на економијата во државата и стабилен партнер на македонските компании и граѓани, со континуиран раст и силни финансиски показатели. Банката ја заврши 2024 година со актива од 1,852 милијарди евра, кредитно портфолио од 1,17 милијарди евра, депозитна база од 1,325 милијарди евра и нето добивка од над 30 милиони евра. Веќе во вториот квартал од 2025 година активата порасна на 1.922 милиони евра, што е раст за шест месеци од речиси 71 милион евра, депозитната база достигна 1.443 милиони евра, додека кредитирањето вкупно се зголеми за речиси 158 милиони евра, резултати кои ја потврдуваат довербата на клиентите, професионалноста на тимот и стабилната улога на Банката во економијата.
Со поставувањето на Д-р Фатих Шахбаз за Главен извршен директор, Банката продолжува со јасна визија, стратегиски развој и посветеност во унапредувањето на финансиските услуги, дигиталните решенија и поддршката на економскиот раст и развојот на македонскиот пазар.
ПР
Економија
Божиновска во Прага: Македонскиот електроенергетски систем се усогласува со европските оперативни стандарди
Делегација предводена од министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, оствари работна посета на чешкиот оператор на преносниот систем ČEPS, a.s., во Прага, во рамки на интензивната агенда за унапредување на институционалните капацитети и усогласување на македонскиот електроенергетски систем со европските стандарди.
Целта на посетата беше размена на искуства и добри практики, со посебен фокус на напредното оперативно и планско работење на ČEPS во услови на целосно интегриран европски енергетски пазар и строга регулаторна рамка. Во состав на делегацијата учествуваа и претставници на Македонскиот оператор на преносниот систем – МЕПСО, како клучен носител на стабилноста и развојот на националната преносна мрежа. Во рамки на работната посета беше остварена билатерална средба со Мартин Дурачак, претседател на Бордот на ČEPS.
Во рамки на посетата, делегацијата оствари увид во националниот диспечерски центар на Чешката Република, каде беа разгледани напредни решенија за управување и диспечирање на електроенергетскиот систем, употреба на алатки за работа во реално време, како и процесите на модернизација на контролни центри, SCADA/EMS системи и зајакнување на сајбер-безбедноста на критичната енергетска инфраструктура.
Посебен акцент беше ставен на долгорочното планирање на преносната мрежа, интеграцијата на обновливи извори на енергија и системи за складирање, како и на обезбедувањето флексибилност и стабилност на системот во услови на забрзана енергетска транзиција.
На средбата беше изразена заедничка подготвеност за продлабочување на соработката меѓу МЕПСО и ČEPS, преку размена на експерти, студиски посети, специјализирани обуки и можност за воспоставување подолгорочна рамка за техничка соработка од стратешко значење.
Работната посета во Прага претставува конкретен и значаен исчекор во јакнењето на институционалните и техничките капацитети на македонскиот електроенергетски систем и јасен сигнал за определбата на Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини за системска модернизација, стабилност и целосно приближување кон европските најдобри практики.
Економија
Царина со грант од Јужна Кореја ја унапредува контролата на целокупниот увоз, извоз и транзит
Царинска управа се етаблира како лидер на Балканот со напреден Систем за анализа на ризик и податочен склад имплементиран со грант од Република Кореја во висина од 4,75 милиони долари кој ќе претставува цврста основа за патот на државата кон членство во Европската Унија.
Системот овозможува унапредување на контролата на целокупниот увоз, извоз и транзит, како клучно во сузбивање на сивата економија, разобличување на криминалот, заштита на финансиските интереси и полнење на Буџетот, како и олеснување и забрзување на легалната трговија.
Воедно, во случај цените на стоките да се пониски од берзанските, царинските службеници ќе добијат аларм за можна царинска измама. Ќе се овозможи и подобра детекција на профили со висок ризик во воздушниот сообраќај.
Ова беа клучните пораки на денешниот церемонијален настан на кој директорот на Царинска управа, Бобан Николовски, заедно со генералниот директор на Корејска Царинска Служба, Ли Мјонг Ку го промовираа системот. Системот беше промовиран со одржување на состанок на највисоко ниво и во присуство на министерката за финансии, Гордана Димитриеска-Кочоска, државниот секретар Андриана Матлиоска и амбасадорот на Република Кореја, Ким Донг Бе, по кој директорите на македонска и корејска Царина одржаа прес-конференција.
„Само годинава заклучно октомври, вкупната трговска размена изнесува 18 милијарди долари, што кажува за тежината на секојдневната работа на Царинската управа во олеснување на трговијата, при истовремено спречување на обидите за криминал. Овој систем ни е од исклучителна важност бидејќи со истиот се овозможува унапредување на анализата на ризик и подобра селекција и концентрираност на контролите на високоризични пратки, со што се овозможува олеснување и забрзување на легалната трговија. Сите податоци за целиот увоз, извоз, транзит, податоците за акцизна стока, целокупната евиденција на заплени, прекршочни и кривични пријави се интегрирани во Системот каде истите се анализираат со поддршка на напредна вештачка интелигенција. Воедно истиот обезбедува податоци за пратки чии вредности се различни од берзанските цени, но и чии вредности се под просечните согласно анализата на вредноста на целокупниот увоз, со што ги алармира царинските службеници за проверка на контејнерите со вакви пратки, се со цел да се спречат можни обиди за царинска измама“, истакна директорот Николовски на прес-конференцијата.
Воедно, како што истакнува Николовски се овозможува подобрување на квалитетот на податоците кои понатаму ќе бидат предмет на анализи и креирање мерки за подобрување на трговските политики како клучни за забрзување на растот на економијата.
Директорот на корејската Царина, Ли, вели дека најважно и уверен е во истото, системот ќе претставува цврста основа за патот на државата кон членство во Европската Унија. Тоа не само што ќе придонесе државата да ја зацврсти својата позиција како лидер на Балканот со напреден царинско административен систем, туку и ќе биде инспиративен пример за силна царинска соработка и пријателство.
„Патот на овој проект до денешната церемонија на пуштање во употреба не би бил можен без посветеноста и блиското партнерство меѓу владите на Република Кореја и РС Македонија. Преку континуирана комуникација и соработка меѓу нашите две земји, денес тој конечно дава конкретни резултати. Од 2008 година, Царинската служба на Кореја го воведе нашиот систем за електронско царинење UNIPASS во 16 земји, со вкупна вредност од 329,37 милиони американски долари. Овој ODA проект во вредност од 4,75 милиони американски долари (6,1 милијарди корејски вони) за РС Македонија има особено значење, бидејќи претставува прво воспоставување на системот за електронско царинење на Царинската служба на Република Кореја во целиот европски регион. Воспоставен е интегриран информациски ресурс и систем за управување со ризици, со цел подобрување на оперативната ефикасност и обезбедување непречен проток на стоки во РС Македонија“, истакна директорот Ли.

