Македонија
Заслужено без визи, на ред се преговорите
Македонските граѓани заслужено ќе патуваат во државите на Европската Унија без визи.По денешната одлука на Советот на министрите на ЕУ за симнување на шенгенскиот ѕид за западен Балкан можеме да здивнеме
Македонските граѓани заслужено ќе патуваат во државите на Европската Унија без визи.
По денешната одлука на Советот на министрите на ЕУ за симнување на шенгенскиот ѕид за западен Балкан можеме да здивнеме, оценуваат за Макфакс политичките аналитичари во државата.
Тие, сепак се поделени во однос на тоа дали денешната одлука е предзнак за она што треба да се случи на состанокот на Европскиот совет во Брисел на 7. декември во врска со добивањето на датум за преговори за полноправно членство на Македонија во ЕУ.
„Ова беше долга битка, која почна некаде во 2000/2001 година. Во секој случај, одлуката е за поздравување. Ова е позитивен чекор за иднината на Република Македонија. Се работеше за техничко прашање за кое ние ги исполнивме условите“, изјави Звонимир Јанкулоски, професор по меѓународно право.
Дека визната либерализација е нешто што државата го заслужува потврдува и професорката Билјана Ванковска.
„Одлуката за визна либерализација е нешто што го заслуживме, и тука нема ни тронка сомнеж дека станува збор за политички морков. Ако воопшто во некоја сфера беа максимално спроведени реформите, тоа беше токму во оваа сфера. За цела држава ова е чин на издишка, на симнување на еден товар, па и на облик на ограничување на слободата на движење и комуникации со европските земји кои припаѓаат на Шенгенската зона“, смета Ванковска.
Според неа, ефектите од трансферот на Македонија од црната на белата Шенген листа допрва следуваат. Ванковска смета дека иако сега нема да има визи и чекање пред амбасадите, привилегија да патуваат во некоја од 25-те држави членки на Унијата за кои ќе важи укинувањето на визите ќе имаат само оние кои и досега тоа го правеа.
„Се плашам дека наскоро дел од граѓаните ќе сфатат дека повторно ќе патуваат оние кои и досега патуваа т.е. кои имаат етаблирани бизнис, професионални или семејни врски, а огромното мнозинство граѓани нема да може да си го дозволи луксузот да патува заради слабата финансиска моќ. Но, оние кои ќе патуваат (се надевам дека тука ќе бидат првенствено студентите и помладите) ќе видат со свои очи колку сме блиску, односно далеку по низа стандарди“, вели Ванковска.
Сепак таа е скептик дека позитивната одлука на Советот може да влијае на одлуката што треба да биде донесена на 7 декември. „Тоа е сосема нешто друго и тука за жал не сум оптимист дека ќе се надминат себе си и ќе доделат датум за преговори, и покрај сознанието дека преговорите се долгорочен процес во кој тие (доколку сакаат) можат во секој момент да го закочат, заради името или некоја друга причина. Во однос на одлуката за визите сметам дека треба да сме горди на сработеното, а одлуката на 7 декември е таква што можам да ја оквалификувам дека „топката е кај нив“, т.е. министрите на ЕУ се на потег“, смета професорката.
Наспроти неа, професорот Јанкулоски е оптимист. Тој не гледа причина зошто министрите за надворешни работи не би и доделиле на Македонија датум за почеток на преговорите за пристапување. „Не гледам причина зошто на 7 декември исто така да немаме позитивна одлука, особено затоа што добивањето на датум не значи дека веднаш влегувате во Унијата. И тоа е процес. Иако визната либерализација не знам дали би го ублажило евентуалното блокирање од страна на Грција, тоа во секој случај е позитивно особено што за Македонија ќе се отворат нови европски хоризонти. Сосема поинаку ќе ја доживееме Унијата кога директно би ја консумирале“, вели Јанкуловски.
„Оптимист сум и не верувам дека ќе има блокада имајќи пред вид дека одлуката на 7. декември ќе значи одлука за политиката на Унијата кон идното проширување. Ако прашањето го сведат на прашање за името тогаш на виделина ќе се појават слабостите на самата Унија. Всушност и не треба да се оптоваруваме со тоа. Не знам зошто се’ се сфаќа: сега или никогаш“, анализира професорот./крај/кн
ЕУ ги укина визите за Македонија Граѓаните на Македонија од 19 декември годинава ќе можат да патуваат без визи во земјите членки на шенгенската зона.. .
Премиерот Груевски кај граѓаните што го слават укинувањето на визите>> Повеќе стотици Скопјани во понеделник се собраа пред Собранието на Македонија за да го изразат своето задоволство од одлуката на Брисел за укинување на визите…
Граѓаните го слават укинувањето на визите>> Повеќе стотици скопјани попладне во понеделник започнаа да се собираат пред Собранието на Македонија за да го изразат своето задоволство од одлуката на Брисел за укинување на визит
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Мицкоски на средби со сопственици на компании и со претседателот на Европскиот совет во Минхен
Премиерот, Христијан Мицкоски, на првиот ден од 62. Минхенска безбедносна конференција имаше средби со претставници на компании и со претседателот на Европскиот Совет.
„Денешниот прв ден овде го започнавме со средба којашто е многу значајна со високи претставници на компанијата ‘Шварц’, една од најголемите во светот и една од најголемите овде во Германија, со годишни приходи повеќе од 180 милијарди евра. Компанијата ‘Шварц’ вработува повеќе од 605.000 вработени и е присутна во повеќе од 30 земји во светот, помеѓу нив е и нашата Македонија“, изјави Мицкоски.
Имал состанок и со сопственикот на „4iG“ којшто е веќе присутен во Македонија како сопственик на лиценца за трет мобилен оператор.
„Она коешто е значајно, а треба да се истакне и да го знае македонската јавност и македонските граѓани е фактот дека покрај постоечкото инвестициско портфолио и двете компании и компанијата „Шварц“ и компанијата „4iG“ планираат дополнителни инвестиции во Македонија во сосема поинаква, во сосема поинакво портфолио, а тоа е вештачката интелигенција, дата центрите и енергетиката, односно производството на електрична енергија“, рече Мицкоски.
Премиерот бил дел и од свеченото отворање на 62. Минхенска безбедносна конференција каде што свое обраќање имаше германскиот канцелар Мерц, а денот го завршил со состанок со претседателот на Европскиот Совет, Антонио Кошта.
„На состанокот разговаравме за евроинтегративниот процес на Македонија и она коешто е важно за македонските граѓани, тој процес да не биде билатерализиран, да не биде понижувачки и да биде сочуван македонскиот идентитет и приоритетите на македонските граѓани“, рече Мицкоски.
Тој им честита на македонските граѓани за, како што рече, онаа убава вест којашто на почетокот на денот пристигна од САД од Вашингтон, а тоа е усогласената заедничка изјава помеѓу македонската Влада и Белата куќа, а се однесува на договорот за трговија којшто понатаму двете држави ќе го потпишат, договор којшто овозможува подобра економија и повеќе можности за македонските компании.
„На овој начин покажуваме како Влада дека покрај она стратешко партнерство со Велика Британија, Обединетото Кралство, после избришаниот пост мониторинг од страна на Советот на Европа, овој трговски договор којшто ќе биде во рамките на оваа заедничка изјава којашто ја усогласивме со Белата Куќа потпишан ја заокружуваме дипломатската офанзива во овие први дваесетина месеци од оваа нова Влада и тоа се историски договори со историски успех за македонските граѓани и Македонија како држава. Останете со нас следните два дена продолжуваме со многу убави вести и со успешни состаноци од овде од Минхен од 62 Минхенска безбедносна конференција“, рече Мицкоски.
Македонија
Поранешниот градоначалник на Чашка на 11 вработени незаконски им исплатил плати од над 700.000 денари
Полицијата поднесе кривична пријава против поранешен градоначалник на општина Чашка за „злоупотреба на службената положба и овластување“.
СВР Велес, до Основното јавно обвинителство Велес, поднесе кривична пријава против Г.С.(47) од Чашка поради постоење основи за сомнение дека сторил кривично дело „злоупотреба на службената положба и овластување“.
Во периодот од јануари 2021 до декември 2024 година, Г.С. во својство на градоначалник на општина Чашка, постапил спротивно на Законот за државни службеници и на 10 лица вработени во општина Чашка, во повеќе наврати, од буџетската сметка на општината им исплаќал парични средства по основ на плата за кариера кај државен службеник, иако знаел дека тие не ги исполнуваат условите за државен службеник.
Додека, на едно лице, спротивно на Законот за работни односи, овозможил да му се исплати бонус плата, иако не биле исполнети условите.
На тој начин, пријавениот овозможил на 11-те вработени да се стекнат со имотна корист и предизвикал штета на буџетот на општина Чашка во вкупен износ од 725.562 денари.
Исто така, за место кое според актот за систематизација има предвидено една позиција, Г.С. на еден од вработените му издал решение за работното место иако таа позиција веќе била пополнета.
Македонија
Посебен режим на сообраќај утре во Скопје
На 14.02.2026 (сабота) поради верскиот празник Задушница, од страна на Единицата за безбедност на патниот сообраќај при СВР Скопје ќе бидат преземени мерки за посебен режим на сообраќај во Скопје.
Имено, со почеток од 06:00 часот сообраќајот кон градските гробишта Бутел ќе се одвива во една насока (кружно), односно, сите возила ќе се упатат по ул.„Бутелска“, лево по ул.„Александар Урдаревски“, лево по ул.„Боца Иванова“ и десно до влезот на гробиштата Бутел, а за излез десно по ул.„Боца Иванова“, до кружниот тек на ул.„Бутелска“, па лево по ул.„Бутелска“ и десно по ул.„Кемал Сејфула“.
Посебен режим на сообраќај ќе се воведе и во близина на гробиштата Камник, Драчево и Ѓорче Петров.
МВР апелира до граѓаните да ги почитуваат наредбите кои ќе ги издаваат полициските службеници по сообраќајниците опфатени со посебниот режим на сообраќај.

