Македонија
Силекс не ги примил „Комитите“ заради лански инцидент
Одлуката да не им се дозволи на навивачите на фудбалскиот клуб Вардар да допатуваат во Кратово, МВР ја донесе заради спречување на насилничко однесување, за кое постоеле одредени најави.
Одлуката да не им се дозволи на навивачите на фудбалскиот клуб Вардар да допатуваат во Кратово, МВР ја донесе заради спречување на насилничко однесување, за кое постоеле одредени најави.
Ова се наведува во денешното соопштение на Министерството за внатрешни работи во кое се појаснуваат причините поради кои „Комитите“ беа онезвоможени да го проследат фудбалскиот натпревар помеѓу Силекс и Вардар, што во недела се играше во Кратово.
Според МВР, Силекс во петокот писмено ги известил Вардар и ФФМ дека нема да бидат примени навивачи на скопскиот клуб.
Раководството на Силекс образложило дека ваквата одлука е донесена бидејќи не добиле писмено известување за доаѓање на навивачка група, но и поради тоа што не им била надоместена материјална штета за инцидентите кои се случиле на натпреварот од мината сезона.
Откако било добиено ова известување, одговорно лице на ФК Вардар телефонски го известило раководството на кратовскиот клуб дека доколку нивните навивачи не бидат примени на стадионот, истите можно е да предизвикаат посериозно нарушување на јавниот ред и мир околу стадионот и во Кратово.
„По добивање на горенаведените информации, а поради спречување на најавеното насилничко однесување, донесена е одлука навивачите на ФК Вардар да не бидат пропуштени организирано со автобуси да влезат во Кратово“, стои во соопштението на МВР.
„Комитите“ вчера јавно запрашаа зошто биле спречени да го следат мечот во Кратово, кога комесарот за безбедност на ФФМ дал позитивна одлука за тоа.
„Нам ни е одземено правото како граѓани да следиме фудбалски натпревар од јавен карактер, кој е за сите луѓе во државата, велат „Комитите“, барајќи ја правдината.
Најавувајќи и кривична пријава против раководството на Силекс, претставници на навивачката група истакнуваат дека целата работа ќе ја тераат до крај.
Вкупно 137 припадници на „Комитите“ вчера беа сопрени од полицијата кај местото „Страцин“, при што не им беше дозволено да го продолжат патот за Кратово. /крај/со/ап/
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
ДУИ за една изборна единица со праг од 5 проценти, за укинувањето на техничката влада предложи консултација со ЕУ и САД
Претседателот на Демократска унија за интеграција (ДУИ), Али Ахмети, по лидерската средба изјави дека партијата се залага за една изборна единица со изборен праг од пет проценти и со отворени листи.
Во однос на иницијативата на премиерот Христијан Мицкоски за укинување на техничката, односно Пржинската влада, Ахмети рече дека е потребна дополнителна консултација со Европска унија и Соединети Американски Држави, како коавтори на моделот.
Во врска со измените на Изборниот законик, Ахмети посочи дека ДУИ ги презентирала своите предлози и дека прашањето останува отворено за понатамошни дискусии.
Околу изборот на Народен правобранител, Ахмети изјави дека побарал дополнителни консултации, нагласувајќи дека не бил обезбеден потребниот консензус. За законите за „Сејф сити“, за кои е потребно Бадентерово мнозинство, Ахмети рече дека координаторите на пратеничките групи треба да изнајдат решение.
За останатите прашања, како што наведе, било договорено тој дополнително да се сретне со премиерот Мицкоски.
Македонија
Димитар Апасиев по лидерската средба: До јуни можен нов Изборен законик, се разговара за една изборна единица
Лидерот на Левица, Димитар Апасиев, по завршувањето на лидерската средба изјави дека, изненадувачки, за првпат станувало збор за конструктивен состанок, на кој начелно било договорено до крајот на пролетта, односно до јуни, да се донесе нов Изборен законик.
Како што рече Апасиев, на средбата се дискутирало за различните модалитети на изборниот модел – воведување една изборна единица, со или без изборен цензус, како и за можноста за отворени или затворени листи. Тој најави дека комуникацијата ќе продолжи на ниво на координаторите на пратеничките групи во Собранието, заедно со дел од министрите во Владата.
На лидерската средба било разговарано и за укинување на техничката, односно Пржинската влада, и тоа во две варијанти – или веднаш, или не на наредните, туку на парламентарните избори по нив, во зависност од ставот на СДСМ.
Како последна политичка тема, Апасиев наведе дека се разговарало и за изборот на Народен правобранител, при што Левица предложила, како што рече, „соломонско решение“.
„Тоа е припадник на ромската заедница да биде избран бидејќи сметаме дека се најдискриминирана заедница која нема никакви полуги на власта – ниту министри, ниту пратеници, еден градоначалник, ако не се лажам, и сметаме дека ова е уставна категорија која треба да ѝ припадне на ромската заедница“, изјави Апасиев.
Левица ги наметнала прашањата за минималната плата, која, според него, е оправдано барање на работниците и синдикатите, како и за апанажа и патни трошоци на пратениците и јавните функционери.
„И за овие две теми не наидовме на разбирање. Иако имаше различни варијанти кои се дискутираа, сепак мислам дека овие се неприфатливи“, изјави Апасиев.
Како дополнително прашање отворено од Левица, Апасиев наведе дека било разговарано и за обештетување на семејствата на жртвите од Кочани, но, како што истакна, за тоа немало слух.
Македонија
Движењето ЗНАМ е за укинување на Пржинската влада и воведување една изборна единица
На денешната лидерска средба, одржана на иницијатива на претседателот на Владата, Движењето ЗНАМ – За наша Македонија беше претставено од генералниот секретар на партијата и министер за јавна администрација Горан Минчев, како и од координаторот на пратеничката група на ЗНАМ, Бобан Карапејовски.
Движењето ЗНАМ ја поздравува иницијативата за одржување лидерска средба како одговорен и државнички чекор, насочен кон стабилност, дијалог и политичка зрелост во период кога пред државата стојат клучни одлуки од стратешко значење.
Во однос на Законот за Влада и постоењето на техничката, односно таканаречената Пржинска влада, ставот на Движењето ЗНАМ е јасен – таа треба да биде укината.
„Таканаречената Пржинска влада беше воведена како привремено решение и со јасна задача. Денес таа е анахрона и претставува кочница за функционирањето на институциите. Македонија има капацитет самостојно да организира кредибилни избори и затоа ова решение мора да биде укинато“, изјави Бобан Карапејовски, координатор на пратеничката група на Движењето ЗНАМ – За наша Македонија.
По однос на Изборниот законик, Движењето ЗНАМ се залага за суштинска и праведна реформа со воведување една изборна единица, која ќе обезбеди еднаква вредност на гласот на секој граѓанин и пофер политичка застапеност. Истовремено, ЗНАМ инсистира на јасно и транспарентно уредување на финансирањето на политичките партии.
Во делот на реформските закони од областа на правосудството, како и останатите закони од реформската агенда, Движењето ЗНАМ дава силна и недвосмислена поддршка, со јасен повик за политички консензус околу овие прашања, како предуслов за владеење на правото и европската иднина на државата.
Во однос на изборот на Народен правобранител, ставот на ЗНАМ е дека оваа функција мора да ја извршува лице со висок професионален и морален интегритет, кое ќе биде вистински и независен заштитник на правата на граѓаните.
Дополнително, Движењето ЗНАМ се залага за побрзо донесување на Законот за прекршоци, со што ќе се зајакне правната сигурност и безбедноста на граѓаните.
„Лидерската средба ја гледаме како можност сите релевантни политички фактори да покажат зрелост и одговорност. Потребни ни се храбри, но државнички одлуки, изборни и правосудни реформи и јасен консензус околу европската иднина на Македонија. Интересот на државата и граѓаните мора да биде над сè“, посочи Карапејовски.

