Македонија
Истргувани акции на Агро Куманово за 300.000 евра

Блок трансакција на Агро Куманово од 18 милиони денари ( близу 300.000 евра) се реализираше денеска на Македонската берза за хартии од вредност
Блок трансакција на Агро Куманово од 18 милиони денари ( близу 300.000 евра) се реализираше денеска на Македонската берза за хартии од вредност.
Притоа се истргувани 3.000 акции по цена од 6.000,00 денари што резултираше со пораст од 144,70 на акцијата Агро Куманово во однос на претходното тргување
Ова трансакција го оствари најголемиот дел од вкупниот промет денеска на берзата кој изнесуваше 25.168.651,13 денари.
На официјалниот пазар прометот изнесуваше 6.619.296,13 денари, а како најголем дел од него, односно промет во износ од 4.772.500,13 денари беше остварен со државните обврзници од денационализација и старото девизно штедење.
МБИ-10 се намали за 1,50%, позиционирајќи ја својата вредност на ниво од 2.445,76 индексни поени, МБИД оствари незначителен пораст од 0,03% и оствари ниво од 2.193,50 индексни поени, а ОМБ се зголеми за 0,04%, зголемувајќи ја вредноста на 101,79 индексни поени.
Од хартиите од вредност кои котираат на официјалниот пазар, најтргувана беше државната обврзница за денационализација од осмата емисија со промет од 4.699.238,96 денари. Беше остварена просечна цена од 76,10%, што значеше зголемување за 0,13%. Вкупно се истргуваа 100.947 обврзници.
Од акциите најтргувана беше Комерцијална Банка Скопје со која се оствари промет од 852.200,00 денари при истргувани 353 акции. Просечната цена изнесуваше 2.414,16 денари што предизвика намалување од 3,36%.
Акцијата на Алкалоид Скопје оствари промет од 335.705,00 денари, а истргувани беа 76 акции. Просечната цена од 4.417,17 денари значеше намалување на дневна основа од 1,94%.
На редовниот пазар најтргувана беше Агро Куманово Куманово, која со промет од 18.000.000,00 денари остварен преку една трансакција, оствари најголем промет и на целиот домашен пазар. Истргувани беа 3.000 акции по цена од 6.000,00 денари што резултираше со пораст од 144,70% во однос на претходното тргување.
Промет од 213.696,00 денари се оствари со акцијата на Македонски Телеком Скопје при истргувани 576 акции. Постигната беше просечна цена од 371,00 денари и дневен пораст кој изнесуваше 1,29%.
Пет најтргувани хартии од вредност
1. Агро Куманово Куманово
2. Р.Македонија – Денационализација 08
3. Комерцијална Банка Скопје
4. Алкалоид Скопје
5. Македонски Телеком Скопје
Хартии од вредност со најголем пораст
1. Агро Куманово Куманово 144,70%
2. Македонски Телеком Скопје 1,29%
3. Бетон Скопје 0,37%
4. Р.Македонија – Денационализација 08 0,13%
Хартии од вредност со најголем пад
1. Жито Лукс Скопје 6,05%
2. Охридска Банка Охрид 5,14%
3. Комерцијална Банка Скопје 3,36%
4. Топлификација Скопје 2,42%
5. Алкалоид Скопје 1,94%
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Од утре на полноќ почнува изборниот молк

Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги ги известува радиодифузерите дека изборната кампања за првиот круг од Локалните избори трае до 24:00 часот на 17 октомври 2025 година. Од 18 октомври заклучно со 19:00 часот на 19 октомври важат правилата за изборен молк.
За време на молкот, медиумите продолжуваат да известуваат за изборниот процес, но престануваат сите облици на изборно медиумско претставување, на учесниците во изборната кампања.
Според Изборниот законик, за прекршување на изборниот молк се смета емитувањето какви било информации, фотографии, аудио и аудиовизуелни материјали поврзани со или во кои учествуваат учесници во изборите, какви било облици на медиумско известување кои се отворено или прикриено во функција на нечија кампања и можат да влијаат врз одлуката на избирачите, податоци со кои се открива идентитетот на политички субјекти и/или поединци вклучени во инциденти или неправилности на денот на гласањето; како и изјави од кандидати во изборниот процес, од претставници на политички партии и од носители на функции во органите на власта.
Македонија
Алиу: Се зајакнуваат капацитетите на болницата во Прилеп, промовирана нова медицинска опрема во вредност над 50 милиони денари

Министерот за здравство Азир Алиу, заедно со заменик министерот Јовица Андовски, денеска ја посетија Општата болница во Прилеп по повод промоција на нова медицинска опрема, во вредност над 50 милиони денари.
– Со новата медицинска опрема се зајакнуваат капацитетите на оваа јавна здравствена установа. Поголем дел од опремата е наменет за одделението за гинекологија и акушерство и опфаќа современи апарати и нови гинеколошки столови, со што се создаваат подобри услови за работа и третман. Првпат во Прилеп воведуваме лапароскопија и хистероскопија, што претставува голем напредок во гинеколошко-акушерската здравствена заштита. Со тоа, пациентките повеќе нема да имаат потреба да патуваат во други градови за вакви интервенции, информираше министерот Алиу.
За гинеколошкото одделение е обезбеден дигитален електрокаутер – современ апарат за безбедни и прецизни хируршки интервенции и контрола на крварења. По повеќе од 15 години, целосно се обновени и гинеколошките столови за прегледи и породување, кои овозможуваат повисок стандард на удобност и сигурност за родилките и персоналот.
-Покрај новата опрема, во тек е и постапка за вработување 124 лица на неопределено време, од кои 21 доктор, 49 медицински сестри, 34 болничари, 6 физиотерапевти и друг медицински и немедицински кадар. Овие инвестиции претставуват уште еден значаен чекор во континуираната заложба на Министерството за здравство за унапредување на здравствената заштита и обезбедување современи услови за третман и дијагностика на пациентите, истакна Алиу.
Македонија
Министерството за култура: Дозволата за градба кај куќата на Владо Малески ја издало раководството на СДСМ

Министерството за култура и туризам остро ги отфрли обвинувањата од СДСМ во врска со оштетувањето на заштитениот објект – куќата-музеј на Владо Малески во Струга, оценувајќи ги како „неточни, тенденциозни и политички мотивирани“.
Од Министерството посочуваат дека решението за рушење на соседниот објект и изградба на нов, во сопственост на лице од струшкото село Велешта, е издадено на 17 јули 2023 година, во период кога институциите биле под раководство на СДСМ.
„Ова јасно покажува дека токму претходната власт, наместо да го штити културното наследство, го занемаруваше и игнорираше“, стои во реакцијата.
Од Министерството информираат дека веднаш по добивањето на информациите, стручен тим од Завод и музеј – Охрид извршил увид, а на терен е и инспекциската служба од Управата за заштита на културното наследство, која ја проверува состојбата со објектот.
Во соопштението се нагласува дека ресорот останува „посветен на вистинската заштита и унапредување на културното наследство“, додека, како што наведуваат, СДСМ рушеше објекти, а ги рушеше и јазикот, културата и идентитетот. Министерството порача дека културното наследство не смее да биде жртва на политички манипулации и дневнопартиски интереси.
Вчера беше објавено дека поради изградба на објект во Струга, оштетени биле ѕидот и кровот на куќата-музеј на Владо Малески, авторот на текстот на македонската химна, која е споменик заштитен како културно наследство. Од опозициската СДСМ обвинија дека тоа не е изолиран инцидент,туку резултат на системска незаинтересираност, институционална парализа и политичка неодговорност на власта предводена од ВМРО-ДПМНЕ.