Македонија
Амнести интернешенал: Без напредок во судската завршница за воените злосторства од 2001-ва

Делот за Македонија од најновиот годишен извештај на организацијата наведува и преземени мерки против полициската злоупотреба и понатамошна дискриминација на Ромите
од Јане Бојаџиевски, Глас на Америка на македонски
Има мал напредок во судската завршница на случаите за воени злосторства од меѓуетничкиот конфликт во 2001-ва. Преземени се мерки против малтретирањето од страна на полицијата и за подобрување на затворските услови. Ромите и натаму се дискриминирани во општеството. Ова се главните заклучоци на најновиот годишен извештај на Амнести интернешенал, во делот посветен на Македонија. Организацијата наведува дека Грција продолжува да го оспорува името на земјата. „Иако се согласи да не го блокира членството на Македонија во меѓународните организации, тоа го стори при апликацијата на земјата за членство во НАТО во 2008-ма“, стои во извештајот. Во делот за слободата на изразување во Македонија, Амнести наведува дека полицијата не успеала да заштити 150-тина студенти кои демонстрираа против владиниот предлог за изградба на Црква на плоштадот во Скопје од нападите од друга група, организирани од Македонската православна црква. Ромите во Македонија според Амнести и натаму се дискриминирани и властите не направиле напредок на тој план. Затоа, агенцијата за бегалци на ОН – УНХЦР, со помош на ромски невладини организации, значително помогнале да се намали бројката на недокументирани Роми. Владата, сепак, го подобрила пристапот до образовните процеси во земјата со доделување на бесплатни учебници и обезбедување на превоз, како и школарини во населбата Шуто Оризари. И полицијата, и невладините организации, јавиле за опаѓање на тортурата и малтретирањето. Ова уследило откако специјалните полициски сили „Алфи“ биле повлечени во главниот град, а дошло и до подобрувања во интерните истрагите на Министерството за внатрешни работи. Но, Амнести наведува дека судиите и обвинителството не успеале да отворат истрага за обвинувања за малтретирања, дури и кога приведените пред судот презентирале докази. Македонија ја ратификуваше конвенцијата за акција против тргувањето со луѓе од Советот на Европа, потсетува Амнести. Останува целосно ад се примени Законот за еднаквост меѓу мажите и жените од 2006-та, се заклучува во извештајот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Делови од Гази Баба и Кисела Вода денеска без струја

Регионалниот центар за управување со кризи на Град Скопје, по добиеното известување од ЕВН Македонија АД, информира дека дека поради технички зафати во електродистрибутивната мрежа денеска без електрична енергија ќе останат:
· од 08:30 до 09:30 часот, корисниците од село Инџиково од улиците: 3, 7, 14, дел од ул. 10 и дел од ул. Маџари. (Општина Гази Баба)
· од 08:30 до 15:30 часот, корисниците од дел од ул. Студеничанска и дел од ул. Драчевска. (Општина Кисела Вода)
· од 09:30 до 13:30 часот, корисниците од ул. Добре Ивановски, и дел од ул. 22 во нас. Инџиково. (Општина Гази Баба)
Македонија
Денеска максималната температура до 38 степени, од утре потопло

Времето денеска ќе биде сончево со мала до умерена локална облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец.
Минималната температура ќе биде во интервал од 11 до 18, а максималната ќе достигне од 30 до 38 степени.
Во Скопје, сончево со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 17, а максималната ќе достигне до 38 степени.
Времето во наредните денови
Следува период на сончево и топло време со мала до умерена облачност.
Температурите ќе бидат во постепен пораст, особено од четврток до средината на наредната седмица кога дневната температура насекаде ќе биде над 30°C, а наместа ќе надмине 40°C. Во недела во попладневните и вечерните часови ќе има услови за локална нестабилна облачност со пороен дожд и грмежи.
Македонија
Муцунски на настан на Атлантскиот совет: Потребна е забрзана интеграција

На покана на Јерн Фленк, директор на Атлантскиот совет, министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска учествуваше на настан организиран од Советот, кој се одржа во просториите на Министерството за надворешни работи и надворешна трговија.
Покрај министерот Муцунски, на настанот се обратија и министерката за европски прашања на Црна Гора, Маида Горчевиќ, како и претставници Делегацијата на Европската Унија, невладиниот сектор и самиот Атлантски совет.
Во своето обраќање, министерот Муцунски ја нагласи потребата од одлучна и доследна поддршка за реформските процеси во регионот. Посебен акцент стави на Планот за раст како практичен инструмент кој го забрзува приближувањето кон единствениот европски пазар и носи реални економски придобивки за граѓаните – уште пред полноправното членство.
Министерот подвлече дека реформите мора да бидат препознаени и вреднувани од страна на Европската Унија преку конкретни и навремени чекори, со цел зачувување на кредибилноста на процесот на проширување и спречување на дополнително разочарување кај граѓаните. Тој истакна дека реформските процеси се потврда за јасната европска ориентација на Владата, и дека нивното спроведување не претставува само исполнување на агенда, туку реално подобрување на квалитетот на животот и на општеството во целина.
Во завршницата на обраќањето, министерот Муцунски, во контекст на денешниот Самит, ја повтори пораката дека Западниот Балкан е составен дел од Европската Унија и дека европската целина ќе биде комплетна само ако земјите од регионот станат нејзин дел. Тој упати повик за забрзана интеграција на регионот, што ќе значи и вистинска европеизација на овој дел од континентот.