Македонија
Груевски: Излевањето на Охридското Езеро да не се политизира

Македонскиот премиер Никола Груевски денеска најави дека владата ќе стори се што е во нејзина моќ за да го спречи излевањето на Охридското Езеро, но побара ова прашање да не се политизира
„Се разбира дека ќе им помогнеме како влада на охриѓани, но и секаде каде што ќе се јавуваат природни непогоди или било какви други непријатности. Но морам да кажам дека би било добро ова прашање да не се политизира“, изјави Груевски.Тој алудираше на охридскиот градоначалник, кој во изјава за одреден медиум, ја обвинил владата дека не била заинтересирана за ова прашање.„Владата ќе ги следи експертите бидејќи станува збор за едно сериозно прашање и ние не сакаме да го политизираме, ниту да му возвраќаме на градоначалникот со политички речник“, изјави Груевски.Тој информираше дека изутрината се одржала средба на Координативното тело на експерти и во текот на денот се очекува да соопштат на кој начин би можело да се помогне во оваа природна непогода.„Станува збор за нешто што го носи природата и не секогаш можеме ние во целост да одговориме или да спречиме нешто, но ќе сториме се што е во наша моќ да спречиме или да ги ублажиме последиците“, рече Груевски.Македонскиот премиер информираше дека во тек е проценка за направените штети од поплавите во Пелагонија, по што ќе следи обесштетување.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Сиљановска-Давкова го прими Ристо Дурловски, претседател на организацијата „Обединети Македонци во Канада“

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска го прими Ристо Дурловски, претседател на организацијата „Обединети Македонци во Канада“.
На средбата, таа уште еднаш ја потврди својата определба за формирање на Совет за дијаспора, како политички исчекор во соработката меѓу државата и дијаспората. Во Советот, претседателката гледа институционален одговор на потребата од засилена и продлабочена комуникација со нашите иселеници во сите области.
Дурловски истакна дека примарна цел на Организацијата останува да биде промоцијата и заштитата на правата на Македонците во Канада, како и нивната интеграција во канадското демократско општество. За него, македонските корени се силна мотивација за поддршка на македонските национални интереси.
Соговорниците се согласија дека бројната македонска дијаспора може да биде фактор на зајакнување на канадско-македонските политички, економски, културни и други односи.
Македонија
Од утре авионско и терестрично прскање против комарци во Скопје

Градот Скопје ги известува граѓаните дека утре ќе започне авионска дезинсекција на подрачјето на градот Скопје, против возрасни форми на комарци, а на 16 септември терестрична дезинсекција против возрасни форми на комарци и ларви од комарци, односно:
1. Авионската дезинсекција на подрачјето на градот Скопје, против возрасни форми на комарци, ќе се одвива на 12.09.2025 (петок) и на 13.09.2025 (сабота), во раните утрински часови.
2. Терестричната дезинсекција на подрачјето на градот Скопје, против возрасни форми на комарци и ларви од комарци ќе се одвива од 16.09.2025 (вторник) до 19.06.2025 (петок), во период од 22.00 до 03.00 часот, наредниот ден
Доколку временските услови не го дозволуваат вршењето на дезинсекцијата, истата ќе се изврши во истиот термин првиот нареден ден, кога временските услови ќе бидат поволни, додаваат од Градот Скопје.
Исто така се известуваат пчеларите навремено да ги преземат потребните мерки за заштита на пчелите.
Македонија
Зголемена фреквенција на возила на Табановце за излез од државата

Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по суви коловози, извести АМСМ.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На ГП Табановце за излез од државата се бележи зголемена фреквенција на возила, времето на чекање е околу 30 минути.
На останатите гранични премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата, додаваат од АМСМ.