Македонија
Мелка: Побрзо решавајте ги судските спорови за да привлечете инвеститори

Нудење правна сигурност, спречување на корупцијата, поефикасна администрација и поддршка на малите и средните претпријатија се заклучоците на извештајот изработен за третиот квартал за подобрување на бизнис климата во Македонија
На конференцијата под насловот „Презентирање на индексот на деловно опкружување и презентација на економските реформски поглавја во Македонија“, амбасадорот на Словачка во Македонија, Роберт Кирнаг рече дека најважен аспект за привлекување на странските директни инвестиции е бизнис климата. Тој и порача на Владата да ги земе предвид препораките и заклучоците кои се наведени во извештајот, да се осврне кон развојот на малите и средните претпријатија, како и да им се даде поддршка на општествено одговорните претпријатија. „Доколку правилно и реално се применат препораките и заклучоците Македонија ја очекува неминовен успех“, рече Кирнаг. Според Лукас Мелка, раководител на одделот за оперативни работи: економија и финансии, поставувањето на Македонија на дното на листата на Еуро чембер само ги потврдува слабостите на македонската бизнис клима што се наведени во извештајот. „За привлекување на странски инвестиции потреба е правна сигурност. Инвеститорите не сакаат да ги вложуваат своите пари во држави каде судските спорови траат со години бидејќи тоа може да биде уништувачки чекор за средните претпријатија. Потребно е да се работи и на спречување на корупцијата, поефикасна државна администрација, како и да им се даде поголема поддршка на малите претпријатија“, рече Мелка. Тој додаде дека е направен значаен чекор во подобрувањето на ефикасноста на администрацијата бидејќи институциите го олесниле пристапот на информации на тој начин што поставуваат важни информации на своите веб страници, но и преку овозможувањето на бизнис заедницата да дава свои предлози и мислења по предлог законите кои ги засегаат. Според Мелка ,претпријатијата се столб на економската стабилност, бидејќи учествуваат со 50 отсто во бруто домашниот производ. Тој на населението му препорача да се фокусира кон образованието бидејќи само на тој начин ќе се намали невработеноста. Заклучоците на извештајот на Индексот на деловното опкружување (ИДО) кое третпат се прави годинава покажуваат дека во третиот квартал има благо подобрување во повеќе области, како и стагнирање во одредени области, за разлика од вториот квартал каде имаше само влошена состојба
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Незгода на патниот правец Македонска Каменица – Делчево, сообраќајот во целосен прекин

Денеска, околу 11:25 часот, на патниот правец Македонска Каменица – Делчево се случи сообраќајна незгода, извести АМСМ.
Поради незгодата, сообраќајот е во целосен прекин.
Македонија
Герасимовски: Училиштето „Св. Кирил и Методиј“ добива фотоволтаични панели, инвестираме во зелена енергија

Општина Центар и годинава вложува во модернизација на училишната инфраструктура, за децата новата учебна година да ја започнат во современи и безбедни услови. Градоначалникот Горан Герасимовски, го посети Општинското основно училиште „Св. Кирил и Методиј“, каде што треба да започнат тековните подготовки за поставување на фотоволтаични панели. Со нивното инсталирање, училиштето ќе направи значителен чекор кон користење на обновливи извори на енергија и придонес кон заштита на животната средина, известува Општината.
„Наш приоритет се учениците и наставниците, затоа инвестираме во нивниот секојдневен престој во училиште. Реконструкциите што ги правиме изминатиов период во центарските училишта се насочени кон создавање услови достојни за современо образование. Во моментов реконструираме три училишта паралелно и сите деца ќе ја започнат новата учебна година во модерни и функционални училишни објекти. Среќен сум што во наредниот период, ООУ „Св. Кирил и Методиј“ ќе почне со поставување на фотоволтаични панели, со што ќе направиме значителен чекор кон користење на обновливи извори на енергија и заштита на животната средина“ истакна градоначалникот Герасимовски.
Со овие вложувања, Општината продолжува да ја унапредува образовната инфраструктура и да создава училишта кои обезбедуваат квалитетна, здрава и безбедна средина за воспитно-образовниот процес.
Македонија
ФЗО: Вo изминатите четири години не се евидентирани претставки за непотребни операции

Во изминатите четири години не се евидентирани претставки за непотребни медицински интервенции, а по сопствен наод Фондот има извршено девет контроли за приватно наплатени средства, велат од Фондот за здравствено осигурување (ФЗО) по тврдењата изнесени во јавноста дека во приватните болници се прават непотребни операции за профит.
„Фондот ја истакнува важноста на придржувањето кон професионалните стандарди, медицинската етика и принципите на медицина заснована на докази, кои претставуваат темел на здравствениот систем. Во рамките на своите законски надлежности, ФЗО врши редовни контроли на спроведувањето на договорните обврски со јавните и со приватните здравствени установи со цел да обезбеди здравствените услуги да се изведуваат во согласност со законските прописи и склучените договори. Во сите установи се вршат редовни годишни контроли, а Фондот постапува и по поднесени претставки на пациенти или по сопствен наод“, велат од Фондот.
Од таму наведуваат дека, сепак, ФЗО нема законска надлежност да ја оценува медицинската оправданост на изведените интервенции, ниту да врши инспекциски надзор врз стручната работа на здравствените установи.
Појаснуваат дека овие надлежности се во доменот на Државниот здравствен и санитарен инспекторат или на специјални комисии формирани од министерот за здравство.
„Фондот во рамките на своите овластувања ќе продолжи да работи на спречување евентуални неправилности во користењето на финансиските средства. ФЗО апелира до сите фактори во здравствениот систем, како и до јавноста, за одмерена и аргументирана комуникација заснована на проверливи факти, со цел зачувување на довербата во здравствениот систем и избегнување генерализации, што може да предизвикаат сензационализам“, велат од ФЗО.