Македонија
Македонија од утре побогата за 7, 5 милиони садници

Под мотото „Замисли ја Македонија во зелено“ утре на 120 локации во 32 општини во Македонија ќе бидат засадени 7,5 милиони садници на површина од 3.674 хектари во рамки на четвртата акција „Ден на дрвото – засади ја својата иднина“
Здружението „Ден на дрвото – засади ја својата иднина!“ организира бесплатен превоз до локациите за граѓаните. Автобуските ќе ротираат на два часа. Првиот автобус поаѓа во 8 часот, а последно враќање од сите локаци е најавено за 14 часот.Здружението ги повикува сите граѓани на Република Македонија да земат учество во акцијата и со засадување на што повеќе садници да придонесат за унапредување на животната средина. Тие препорачуваат граѓаните да не се задржуваат повеќе од два часа на локациите. За помасовно учество во акцијата Владата го прогласи утрешниот ден за неработен, што ќе се одработи во сабота на 21 овој месец.Во досегашните три акции беа засадени вкупно 13 милиони садници. Првата акција беше спроведена на 12 март 2008 година кога беа засадени два милиони дрва. По шест месеци, на 28 октомври 2008, беше организирана и втората со засадување на шест милиони садници, а на 14 март 2009 беа засадени уште пет милиони дрвца.Во првите две акции се зафатиле 57,5 отсто од садниците. Според проценката на шумарските експерти, секое пошумување со над 30 проценти зафатеност, се смета за успешно. Највисок процент има во општините Кочани, Кичево, Виница, Свети Николе…Од локациите во близина на Скопје, во првите две акции зафатеноста е најголема на Песок 89,2, проценти, на Ајватовски рид 85,7 и на Текиски рид 72,5 отсто.Во досегашните три акции излегле 450.000 граѓани, а се пошумени вкупно 5.080 хектари со црн и бел бор, смрека, ела, костен, јавор, јасен, даб и див костен. Организаторите планираат нова пролетна акција која ќе биде на балканско ниво, на која покрај Македонија ќе учествуваат и Албанија, Црна Гора, Бугарија, Романија, Хрватска, Босна и Херцеговина, Србија и Словенија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Јанев на заокружување на обуката „Истрага на местото на настанот“, насочена кон унапредување на истражните капацитети на полициските сили

Директорот на Бирото за јавна безбедност Александар Јанев присуствуваше на свеченоста за доделување на дипломите, што се одржа во Центарот за обука на полицијата во Идризово, заедно со помошник министерот за внатрешни работи и началник на Центарот за обука, Влатко Митковски, како и со амбасадорот на Италија во нашата земја, Н.Е. Паоло Палминтери.
Обуката беше реализирана од Вишиот институт за истражни техники на карабинерите на Италија, со организациска поддршка од Италијанската амбасада во Скопје.
Учесниците на курсот имаа можност да стекнат напредни знаења и практични вештини за истражување на место на настан, притоа следејќи современи европски и меѓународни стандарди.
“Посебна благодарност упатувам до италијанските експерти за нивниот професионален ангажман и пренесеното знаење и сакам да истакнам дека како институција, особено ја цениме оваа соработка што претставува значаен чекор кон унапредување на капацитетите на нашата полиција и поддршка на владеењето на правото”, истакна директорот Јанев, додавајќи дека ова е уште еден показател за успешната и стратешки ориентирана билатерална соработка со Италија во областа на безбедноста и претставува дел од заедничките напори за градење побезбедно и посилно општество.
Македонија
Николоски учествува на висок министерски форум во Истанбул

Вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски денеска и утре учествува на Форум за министри за транспорт што се одржува во Истанбул.
Во планираната агенда е предвидено обраќање на вицепремиерот Николоски на панелот насловен ,, Иновативни можности и решенија за финансирање на транспортни коридори” .
На Форумот ,,Глобална Транспортна Поврзаност” предвидено е да се обрати претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган, министерот за транспорт на Турција, Абдулкадир Уралоглу како и други министри од Европа и светот.
На настанот ќе земат учество и бројни министри како што се министерот за транспорт на Шпанија, на Албанија, на Саудиска Арабија, Сингапур, Црна Гора, Обединетите Арапски Емирати, како и многу други високи претставници од институции од областа на транспортот.
Македонија
Сиљановска-Давкова прими припаднички на Армијата кои успешно завршија обука во САД

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова ги прими капетанката Неда Волчева и поручничката Сара Тасевска кои успешно го завршија седуммесечниот курс „Maneuver Captain’s Career Course“во Џорџија, САД, организиран од американскиот тренинг центар „Fort Moore”.
На средбата на којашто присуствуваа началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски и американската амбасадорка Анџела Агелер, двете припаднички на Армијата ја запознаа претседателката со фазите, содржините и квалитетот на воено-образовната обука и ги споделија нивните натамошни планови, заложби и амбиции за кариерен напредок.
Препознавајќи во нив потенцијал за идни генерали, Сиљановска-Давкова им честиташе на Волчева и Тасевска за успешно завршената обука и изрази уверување дека стекнатите знаења, вештини и експертиза ќе ги применат во интерес на македонската армија.
Според неа, реализацијата на оваа програма претставува влог во македонско-американското партнерство и е посебно значајна за промоција на земјава како лојален и кредибилен сојузник во НАТО.
Признавајќи ги одличните резултати што ги постигнуваат жените, соговорниците се согласија дека нивното партиципирање во меѓународните обуки треба да биде редовна пракса.
Сиљановска-Давкова на средбата ја реафирмираше својата заложба за формирање на Регионален центар за извонредност за жени, мир и безбедност со седиште во Скопје, заради промоција на жените во безбедноста и одбраната во регионот.