Свет
Либискитe бунтовници заробија пункт на границата со Тунис

Либиските бунтовници во четвртокот преземале од владините сили контролен пункт на границата со Тунис, пренесува дописникот на AFP повикувајќи се на очевидци
Според агенцијата, неколку стотици борци од анти-владините сили по кратка битка во четвртокот ја преземале контролата на граничниот премин кој се наоѓа во област 360 километри западно од Триполи, во близина на селото Вазан. Потоа, околу 150 до 200 невооружени либиски војници побарале заштита на туниската страна од границата во градот Дехибат.Освојувајќи го контролниот пограничен пункт, бунтовниците веднаш го истакнале монархистичкото знаме кое беше укинато по доаѓањето на власт на полковникот Моамер ел-Гадафи пред 42 години, и прославувале со истрели во воздух. Од друга страна, Reuters повикувајќи се на очевидец кој се претставил само како Али кој се јавил од тунискиот град Дебхат, јавува дека битката за пограничниот пункт се одвива целото претпладне и се’ уште трае. Официјални информации од органите на Либија и Тунис за ситуацијата на границата меѓу двете земји се’ уште нема. Официјалниот претставник на Високиот комесаријат на Обединетите нации за бегалци (УНХЦР), Андреј Махечич на 19-ти април изјави дека последните десет дена од подрачјата зафатени со граѓанската војна во Либија, во Тунис, преминале околу 10 илјади луѓе. Според него, само минатиот викенд околу шест илјади Либијци ја минале границата и дошле во околината на тунискиот град Дебхат. Претходно, претставник на Европската комисија објави дека вкупно во текот на изминатата седмица околу 430 илјади Либијци биле принудени да ја напуштат својата татковина.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Судот на правдата на ЕУ: Изгубен миленик на лет се смета како изгубен багаж

Судот на правдата на Европската унија донесе одлука дека домашните миленици кои се превезуваат со авион се сметаат за „багаж“, а не за патници.
Одлуката следи по случај во кој куче исчезнало при пренос до авион на лет од Буенос Аирес до Барселона, по што сопственичката побарала 5.000 евра отштета.
Судот оцени дека, според Монреалската конвенција, авиокомпанијата не е должна да исплати поголема отштета од онаа предвидена за изгубен багаж, освен ако патникот претходно не доставил специјална изјава за вредноста на пратката.
Во одлуката учествувале и двајца претставници од Хрватска – судијата Синиша Родин и адвокатката Тамара Ќапета.
Свет
Евакуирано средно училиште во Италија по истекување на амонијак

Во италијанскиот град Пескара беше евакуирано државното средно училиште „Маркони“ откако во просториите се почувствувал силен мирис од непознато потекло, поради што на многумина им се слошило.
Според италијанските медиуми, повеќе од 1.000 ученици биле итно евакуирани, а неколкумина се хоспитализирани, меѓу нив и пожарникари кои пристигнале на интервенција, пренесе „ТВ Раи“.
Првичните информации укажуваат дека причината најверојатно е истекување на амонијак од лабораторијата, иако не се исклучува ниту можноста за цурење гас од климатизацијата.
Заменичката градоначалничка на Пескара, Марија Рита Карота, нареди итно затворање на училиштето до понатамошна проверка.
Свет
Мерц: Без реформи, Европа ќе стане пиун на Азија и САД

Германскиот канцелар, Фридрих Мерц, предупреди дека Европската унија ризикува да ја изгуби својата економска независност ако итно не спроведе реформи за зголемување на конкурентноста.
Во обраќање пред германскиот парламент, во пресрет на самитот на ЕУ во Брисел, Мерц рече дека во наредните години ќе се решава дали Европа ќе остане независна економска сила или ќе стане „пиун на економските центри во Азија или Америка“.
Тој ја повика ЕУ да го намали бирократскиот товар за компаниите, да го зајакне единствениот пазар и да потпише нови трговски договори, особено со јужноамериканскиот блок Меркосур до крајот на годината.
Мерц се соочува со растечки притисок дома поради економската стагнација во Германија, која се влошува поради царинските политики на американскиот претседател Доналд Трамп.
Тој истакна дека решенијата за европската економија веќе постојат во извештаите на Марио Драги и Енрико Лета, кои предлагаат продлабочување на внатрешниот пазар и јакнење на конкурентноста, додавајќи дека тие препораки треба веднаш да станат дел од агендата на Европската комисија.